(АРХИВА) Осудените за „27 април“ чекаат повторено судење

by Фокус

Текстот е објавен на 05 мај 2021 година во неделникот Фокус во бројот 1.335.

Денес се навршуваат 5 години од крвавиот упад во парламентот, поради кој повеќе луѓе беа осудени за терористичко загрозување на уставниот поредок, а дел беа амнестирани. Пред една година, претседателот Стево Пендаровски се сети дека осудените не биле „терористи“, па затоа требало да добијат нова шанса за судење, секако доколку постоеле нови докази. Со неговата изјава, како што тогаш пишуваше Фокус, се создаде впечаток дека се подготвува терен пред одлуката на Врховниот суд, каде што наскоро ќе треба да стаса случајот на преиспитување.

Пишувала: Валентина ВУРМО

Ќе има ли нова амнестија за осудените за „27 април“?

Оваа дилема се појави деновиве откако претседателот Стево Пендаровски изјави дека за него осудените, кои пред четири години упаднаа во законодавниот дом, не се терористи и дека доколку има нови докази, заслужуваат повторено судење.

По ова претседателот се дообјасни дека тој нема да даде помилување, туку, според него, повтореното судење е единствениот правен пат за да се разрешат сомневањата што постојат.

Откако ја исклучи можноста за помилување, многу веројатна е шансата дека правосилно осудените ќе добијат нова шанса за судење, во која ќе бараат спас од долгогодишните затворски казни, кои се движат од 7 до 16 години.

Сепак, за ова ќе треба да пресече Врховниот суд. Со оглед на тоа дека предметот сѐ уште не стасал во рацете на врховните судии, годинава е речиси невозможно да се очекува ваква одлука, но за осудените и нивните семејства е важно дека вратата им се подотвори.

И ЗАЕВ НЕ Е ЗА ПОМИЛУВАЊЕ, НО НЕМА ПРОТИВ НОВО СУДЕЊЕ

Пред речиси три години и премиерот Зоран Заев им понуди рака на дел од обвинетите, односно од собраниската говорница говореше за простување и помирување за „27 април“, во замена на гласање за уставните измени со кои требаше да се усвои Преспанскиот договор. По само два месеца, 15-мина од обвинетите беа амнестирани, на чело со петмината пратеници.

Сега откако по изјавата на претседателот Пендаровски повторно се создава амбиент за некакво ново помилување, го прашавме премиерот Заев дали и тој повикува на ново помирување, односно дали смета дека е потребно ново судење?

Колку што знам претседателот Пендаровски објасни дека е можно барање за повторување на постапката, доколку има некои нови докази кои порано не биле познати. Секако тоа согласно законите важи за сите граѓани и за сите постапки. Не сметам дека треба да има помилување, ни изјави премиерот.

Од кабинетот на Пендаровски, пак, појаснуваат дека претседателот сугерирал дека доколку некој поседува нови докази, кои можат битно да влијаат врз исходот на постапката, потребно е да ги искористи законски гарантираните вонредни правни лекови, што потенцијално може да доведе до обновување на постапката.

За да не се политизира целата постапка, секој кој евентуално поседува нови докази треба да ги приложи до судот, а не на настанот да му дава политички квалификации. Како легалист претседателот Пендаровски смета дека тоа е единствениот правен пат за да се разрешат сомневањата каде што тие постојат, појаснија од Кабинетот на Претседателот.

За да добијат ново судење, осудените најпрвин ќе треба да поднесат Барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда до Врховниот суд. Потоа предметот ќе се испрати до републичкото јавно обвинителство, кое ќе треба да го даде своето мислење, по што ќе се врати во судот на одлучување.

Адвокатите на осудените велат дека веќе трет месец чекаат на писмено да ја добијат второстепената пресуда, за да можат да стасаат до Врховниот суд.

Пред сѐ, пресудата од Апелација не е изготвена во писмена форма. За да се оди на Врховен треба да има второстепена пресуда на која би поднеле Барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда. Барање секако дека ќе поднесеме, а за повторување ќе видиме, ни изјави адвокатот Сашко Дуковски.

Дел од адвокатите реагираат дека за овој случај од медиумите ја дознале второстепената пресуда, а таа и до ден денешен не им е доставена.

Засега, неофицијалните информации се дека одбраната ќе достави нови докази, односно ќе предочи околности кои според нив ја менуваат утврдената фактичка состојба.

СЀ СЕ ВРТИ ОКОЛУ НИНЏА

Како што дознаваме, одбраната ќе се обиде да го дискредитира главниот сведок, односно обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, кој соработуваше со обвинителството.

Уште тогаш адвокатите реагираа дека неговото сведочење не може да биде релевантно, поради многуте „дупки“ во исказот, но и неговото претходно искуство како сведок во неколку судски процеси за што сведочи неговото дебело судско и полициско досие, но и начините на кои лесно поминувал во пресудите за делата за кои бил обвинет.

За потсетување, тој беше главниот сведок во случајот „Ровер“ за убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев во Скопје 2001 година. Во тој случај, по цели 12 години молчење, токму Нинџа на 6 февруари 2012 „со свежа меморија“ детално раскажа за настанот, посочувајќи го поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, за нарачател. Откако случајот неколкупати „паѓаше“ на Апелација, се разводни и неговото сведоштво, по што обвинетите добија ослободителна пресуда.

Десет месеци подоцна, на 12 декември 2012 година, полицијата го уапси Нинџа поради сомнение дека две недели претходно пукал во Драганчо Стојменов, клучниот сведок во случајот „Детонатор“. Само по два месеца се случи неочекуван пресврт во судскиот процес, во кој Нинџа беше обвинет за убиство. Обвинителството го преквалификува делото „од обид за убиство“ во „нанесување тешка телесна повреда“, по што беше осуден на само 10 месеци затвор.

Со ваков минат труд, според неговиот исказ, Василевски од 2014 година дури бил ангажиран и да работи за УБК.

Поради соработката со обвинителството, и покрај минималниот праг од 10 години, Нинџа во предметот „27 април“ беше осуден на 8 години затвор, а потоа Апелација му ја намали казната за уште една година.

Тој сведочеше дека критичната вечер бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, од каде што наводно се раководело со упадот. Но, одбраната реагираше дека тој лаже, бидејќи листинзите на телефоните покажале дека тој во партискиот штаб бил во 22 часот, а не во 18 часот, како што претходно сведочел. Нинџа е главниот сведок и за предметот „Организаторите на 27 април“, за кој сѐ уште нема пресуда.

ЗА РУСКОВСКА И КАЦАРСКА НЕМА ПОТРЕБА ОД НОВО СУДЕЊЕ

По подготвувањето на теренот за ново повторено судење, судијката Добрила Кацарска, која го судеше предметот во прв степен, вели дека не е точно обвинувањето дека судската одлука била донесена само врз основа на еден измислен сведок, туку во текот на судењето биле сослушани голем број сведоци, прегледани повеќе снимки и други докази предложени од обвинителството и одбраната.

Жално е што секој еден граѓанин се впушта во оценка на висината на казните, иако пред себе ги нема доказите. Не може да стане збор за драконски казни ако се работи за конкретното кривично дело каде што е запретена најниска казна од 10 години затвор. Жалам што јавноста немаше можност да ги види сите оние снимки што ние ги гледавме во судница, вели Кацарска.

Обвинителката Вилма Русковска, која го застапуваше обвинението, пак, коментира дека не е работа на политичарите да бараат укинување пресуди.

Не е работа на политичарите да бараат укинување и враќање на повторно судење на кој било предмет, вклучувајќи го и овој. Јас лично тоа го сметам за директен притисок на политиката врз работата на судовите, вели Русковска.

Уште кога го поднесе обвинението, обвинителката Русковска неколкупати во јавноста појаснуваше дека не е точно дека обвинетите се гонат за кривичното дело „тероризам“, бидејќи адвокатите реагираа на правната квалификација, потенцирајќи дека нивните клиенти не се терористи.

Таа појаснуваше дека им се суди за кривичното дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Ова кривично дело се однесува на кривични дела против државата, а „тероризам“ е во главата за кривични дела против јавниот ред.

Поточно, на обвинетите им се судеше по Член 313 од КЗ кој гласи:

„Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години.“.

Сега, на сцена, оваа правна заврзлама повторно ја извади претседателот Пендаровски, кој изјави дека за него осудените не се терористи.

Јас луѓето првично ги прашував околу мене за какво кривично дело се гонат, јас знам дека такво кривично дело, мислам формулација таква, немаше на времето ниту во бивша Југославија, ниту во 1990-тите години. Тоа е подоцна прифатено. Бидејќи јас нешто знам околу тероризмот и околу безбедносните проблеми и дилеми, јас тврдам дека тие луѓе не беа терористи што влегоа, изјави Пендаровски.

МИЦКОСКИ НИКОГАШ НЕ БАРАЛ ПОМИЛУВАЊЕ ЗА ОСУДЕНИТЕ

Повторено судење за „крвавиот четврток“ бара и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој истакна дека Македонија е единствена земја со толку „терористи“ по затворите и огромен број драконски казни.

Во Македонија постои судска пракса дел од случаите во кои има основано сомневање дека биле политички инструирани, да почнуваат  повторно судење и од почеток, за да се аргументираат позициите на двете страни. Од едната страна на обвинителството, а од другата страна, на лицата што се обвинети тоа е она за што се залага партијата, истакна неодамна Мицкоски.

Бидејќи во јавноста се појавија шпекулации дека Мицкоски и Заев на последната средба договарале амнестија, премиерот коментираше и откри дека Мицкоски никогаш со него не зборувал на оваа тема.

Премиерот Зоран Заев вели дека со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски никогаш не разговарал за амнестија на осудените за случувањата од 27 април.

Господинот Мицкоски никогаш не зборува за тие луѓе и тој треба да одговори дали заради тоа што се смета соучесник со нив не го отвора ова прашање. Никогаш на ниту една средба, тој не го отворил ова прашање. Ама и ризикот ако се обиде да го отвори ова прашање, нормално ќе мора да го понесе пред целата јавност, изјави  Заев, одговарајќи на пратеничко прашање.

Тој и во изјава за „Фокус“ повтори дека Мицкоски дека никогаш не отворил разговори за 27 април.

Токму затоа се обративме и до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, односно го прашавме дали некогаш побарал помилување за осудените за 27 април, односно дали ваква идеја некогаш спомнал пред премиерот Заев или пред претседателот Пендаровски?

Мицкоски не одговори на пораката на „Фокус“, а истата беше игнорирана и од портпаролот на партијата Наум Стоилковски, што потсетува на претходната пракса на раководството на партијата додека беа на власт.

МУКОСКИ И ВАСИЛЕВСКИ ДОБИЈА СЛОБОДА, А СЕГА БАРААТ И ПАРИ

Додека обвинетите ја чекаат последната надеж, двајца амнестирани „вратари“, поранешните пратеници Крсто Мукоски и Сашо Василевски, иако со политичка одлука се спасија од кривичен прогон, тие не се задоволни, па ја тужат државата во Судот за  повреда на човекови права во Стразбур. Ќе бараат отштета за тоа што биле уапсени и ставени во притвор.

„Фокус“ ја најде апликацијата која во 2018 година ја поднел Мукоски, а во неа се наведува дека му биле повредени човековите права при случајот „27 април“?!

Тој се жали дека незаконски бил уапсен, додека уживал пратенички имунитет, а потоа ја оспорува и законитоста на притворот кој му беше одреден. Навел дека не требало да биде притворен, бидејќи имал семејство (четири деца), имот, бил без претходно кривично досие, но и дека бил пратеник.

Апликацијата се однесува на наводна противзаконитост на неговото апсење и полициски притвор од 28 ноември 2017 година (додека тој уживал пратенички имунитет) и недостаток на доволни причини за неговото определување притвор на 5 декември 2017 година (откако парламентот му го укина имунитетот), продолжен на три пати и заменет со куќен притвор на 26 март 2018 година“, се наведува во образложението на судот.

Тој се повикува на амнестијата, која предвидуваше прекинување на кривичната постапка или ослободување од кривично гонење лица осомничени за сторено кривично дело во врска со настаните од 27 април 2017 година. Сега на потег е Министерството за правда, бидејќи судот во Стразбур ја чека нивната одлука, односно дали ќе се спогодат со Мукоски или ќе одат на судење.

Од Министерството ни одговорија дека предметот стигнал за одговор, но дека во оваа фаза не можат да ја откријат стратегијата на државата. Односно, дали ќе се спогодат со Мукоски или не, потенцирајќи само дека роковите течат и дека пред истекот ќе се произнесат.

Ваквиот одговор од Министерството подгрева шпекулации дека можеби државата и ќе се спогоди со екс пратеникот, бидејќи во случајот со аболираните поранешни функционери од Иванов, министерот за правда Бојан Маричиќ се изјасни дека нема да се спогодува, туку ќе се оди на судење.

И УПАДОТ ВО КОНГРЕСОТ НА САД „ДОМАШЕН ТЕРОРИЗАМ“

Судскиот процес за 27 април беше е еден од најголемите во поновата македонска историја. На почетокот процесот почна против 33 обвинети, кои беа извршители на упадот во парламентот и на нападите врз пратениците на актуелната власт, но по донесувањето на Законот за амнестија во 2018 година беа помилувани 15 лица.

Амнестијата ги опфати тогашните петтемина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски. Амнестирани беа и водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески-Бетмен и Владо Јовановски. Игор Дурловски, кој беше во оваа група, воопшто и не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда која ја потврди и Апелацискиот суд. Со амнестијата се спасија и браќата Стефан и Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.

Апелацискиот суд им ги потврди пресудите на осудените од првостепениот суд, но им ги намали затворските казни за една до две години. Вкупно за 16 осудени доделени се 188 години затвор, при што на ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, му се намали казната од 18 на 16 години затвор.

Времето ќе покаже дали предметот познат како „крвав четврток“ ќе се врати на повторно судење и ќе се направи преквалификација на кривичното делото за кое се гонат осудените.

Во меѓувреме, неодамна и во САД се случи речиси идентичен настан, со насилниот упад во Конгресот. Тука екс премиерот Никола Груевски ги повикуваше граѓаните да не седат дома по папучи, а таму истото го направи Доналд Трамп.

Експресно се покренаа над 500 обвиненија, а американските функционери упадот во Конгресот го прогласија веќе  за „акт на домашен тероризам“. Обвиненијата, пак, се однесуваат за кривичните дела „незаконско однесување“, „заговорничко конспиративно здружување“ (кое се објаснува како заговор за уривање на легално избрана влада со казна до 20 години затвор), присуство во недозволена област, насилен упад и слично, а дел се судат и за „попречување службен настан“ и „влегување во рестриктивна област“, за што се очекува казна до – 30 години затвор.

Обвиненијата одат дотаму што има обвинети и за носење на знамето на Конфедерацијата, за земање на микрофонот на Неси Пелоси, за седење во нејзината канцеларија, за крадење лаптоп, за носење оружје, а еден пожарникар е отпуштен експресно од работа и му е сопрена платата, бидејќи зел боледување за да оди на протестот.

Сепак, таму нема политичка амнестија, која дури и најголемите виновници што останаа на обвинителна клупа, ќе ги направи жртви.

Па, затоа нема да изненади доколку случајот „27 април“ повторно се врати од почеток, за да се направи некаков баланс меѓу амнестираните, кои згора на сѐ, бараат и обесштетување, и осудените, кои завршија во долгогодишна робија.

Поврзани новости