АРХИВА Осудени затоа што склучиле мир

by Fokus

Текстот е објавен на 29 март, 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1225

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Во биографијата на еден од старите мајстори на политичката мисла, Џереми Бентам (1747 – 1832), пишува дека уште од студентски денови е понесен од идеите за општествени реформи, чија крајна цел е општото добро. Притоа, тој ги анализирал општествените институции од аспект на нивната корисност, разбирајќи го тоа како нивни придонес кон остварувањето среќа за човекот и човештвото.

Тоа е содржината на долгиот список реформи кои Бентам ги поднесува на усвојување на британскиот парламент во текот на својот живот. Останувајќи доследен на начинот на кој живеел, Бентам го дарува своето тело за медицински истражувања, за доброто на човештвото. Неговиот скелет, облечен во вообичаените алишта, и денес се чува на Лондонскиот универзитет.

 „ЗАКОНИТЕ НА ПАТРИОТИЗМОТ“

Иако автор на кованицата „меѓународно право“, Бентам, со доза на англиски хумор, добро ја објаснил егоистичката логика на државите која често ги турка во меѓусебни војни: „Ние сме секогаш во право, без можност да биде поинаку. Доколку сме во право според судските норми што важат меѓу две индивидуи, тогаш сме во право според правилата на правдата; ако не сме, во право сме според законите на патриотизмот, доблест повеќе почитувана од правдата“.

Притоа, заклучува Бентам, „неправдата, репресијата, измамата, лажењето и сите оние дејствија што ги нарекуваме криминал… кога се прават заради личен интерес, стануваат доблести кога се прават од името на националниот интерес“.

Законите на патриотизмот владеат и со Балканот. Некни беше одбележана 20-годишнината од бомбардирањето на Србија од страна на НАТО силите. Зборовите на претседателот на српската држава и на сите други кажуваа приказна за еден мал мирољубив народ, кој никому не му прави зло, а бил изложен на напад од најмоќната воена алијанса на сите времиња.

Беа читани имиња на седумдесет и шесте деца од две и пол илјади загинати во нападот на авионите на НАТО. За тоа како почнаа војните и дека, најблаго речено, вината може и да се подели меѓу некогашните југословенски политичари, молк.

Немаше ниту еден збор осуда за главниот иницијатор на војните во Југославија, Слободан Милошевиќ. Ни збор за колежите во Босна, ни збор за Сребреница… Само се повторуваше колку Србија била во право и колку другите грешеле.

Никаква лична одговорност, никаква осуда на сопствените политичари за војните и за бомбардирањето на НАТО. Ништо чудно, би рекол Бентам. Тој, уште тогаш пишувал дека и во историјата на Британија „има повеќе министри кои биле казнети затоа што склучиле мир, но ниту еден затоа што предизвикал војна“. И тоа е според „законите на патриотизмот“. Ние сме секогаш во право.

 МОРНИЧАВО ЕХО

И во овој случај, „министерот“ кој ја предизвика војната, Милошевиќ, го минува тестот на патриотизмот кај својот народ. За тоа, се разбира, се грижат политичари кои играат на патриотската карта за народ против кој сите се заговориле, само за да ја зацврстат својата власт.

Се сеќавам дека, пред дваесет години, мнозина на Балканот и во Македонија не веруваа дека во Европа е можно да се истурат бомби врз една земја. Но, бомбите се тука за да се употребат во односите меѓу државите кои, не случајно, се вооружени. Начелото на самопомош е базичното начело во анархичната структура на меѓународното општество во кое, во отсуство на светска влада, финалниот арбитер е силата.

Ако моќта, во секојдневниот живот, и не е така очигледна во односите меѓу државите, во вакви екстремни ситуации, какви што беа војните во Југославија, тоа станува толку очигледно. Силата го одлучува спорот. Она што е страшно е дека народите ја плаќаат казната за поведението на своите политичари.

Со морничаво ехо, од микрофоните се повторуваа имињата на загинатите деца, а актерите, меѓу кои една глумеше бремена жена, како и едно девојче, ја играа претставата на мета нацртана на бината врз која шараа рефлектори, со звуци на противавионски сирени во позадината. Сите се колнеа дека никогаш нема да ја заборават нанесената неправда, но никој не кажа збор осуда за поведението на своите тогашни политичари нанесени кон други.

 „СЕМОЌНИОТ“ НАЦИОНАЛИСТИЧКИ ВОДАЧ

Претходните денови, сепак, се слушна еден дисонантен глас. Милошевиќ да се согласеше да го потпише договорот од Рамбује, подготвен од големите западни сили, вели по овој повод Вук Драшковиќ, познат писател и тогашен активен политичар, немаше да има бомбардирање, а Косово денес ќе беше автономија во рамките на Србија. Замислете, со еден потег на перото, Милошевиќ ќе ја поштедеше земјата од разурнувања и ќе спасеше две и пол илјади животи, од кои седумдесет и шест деца.

Тоа беше во февруари 1999 година. Истиот човек, Милошевиќ, му пресуди и на предложениот договор на Лорд Карингтон за мирно решавање на југословенската криза. Тоа беше седум години порано, во 1992. Не, бомбардирањето од НАТО не беше производ на некаква наврапита одлука, туку се подготвуваше цела една деценија.

Толку, имено, Милошевиќ им пркосеше на големите западни сили, доведувајќи го под знак прашање нивниот кредибилитет и палејќи ги етничките пожари во федерацијата. Дека Западот ќе оставеше сојузот да им го разруши еден диктатор на мала балканска држава, беше надвор од умот. Десет години го толерираа неговото поведение.

Седнати околу конференциската маса во 1992, претседателите и министрите за надворешни работи на шесте републики, заедно со членовите на претседателството на Југославија, го имаа пред себе на потпис документот на Лорд Карингтон, финалниот продукт на Конференцијата за Југославија. Договор кој беше толку сличен на планот ГлигоровИзетбеговиќ, за создавање асоцијација на суверени држави со широки права за српското малцинство во другите дотогашни републики.

Сите го потпишаа, вклучувајќи ги и Црногорците. Но, Милошевиќ одби тоа да го стори. Го прашувам српскиот министер за надворешни работи, седнат до мене, зошто неговиот шеф одбива да потпише. Ако потпише, ми вели, ќе го убијат кога ќе се врати дома.

Тогаш разбрав дека „семоќниот“ националистички водач е всушност заробеник на национализмот кој го создаде и на националистите со кои се опкружи. Имено, начинот на кој ова ми го кажа Јовановиќ не оставаше сомнеж дека Милошевиќ ризикува буквално да биде убиен.

 МОРНИЧАВА КОМЕМОРАЦИЈА

А, сепак, да се согласеше да го потпише планот на Карингтон, со еден потег на перото Милошевиќ ќе спасеше приближно 200.000 животи. Ќе немаше војна и ќе беше славен како бранител на меѓународното право.

Но, тогаш, по „законите на патриотизмот“, ризикуваше да биде многу непопуларен кај својот народ, да ја загуби власта на избори или да го загуби сопствениот живот од раката на некој националист околу него. Можеше да биде суден и за предавство на својата нација. Или можеби ништо од ова немаше да се случи.

Но, едно е јасно, немаше да има војни во Југославија, тогаш и немаше да се случи бомбардирање на Србија седум години подоцна. Немаше да има, се разбира, ни морничава комеморација дваесет години подоцна во Ниш, на која се читаа имињата на загинатите деца. Но, силни се „законите на патриотизмот“ со кои толку лесно се манипулира со искрените чувства на народот кон татковината и кон нацијата.

Милошевиќ одби да склучи мир во 1992 и не го потпиша документот од Конференцијата за Југославија, одби да склучи мир и во 1999 и не го потпиша документот од Рамбује. А, сепак, таа морничава ноќ во Ниш, никој не го осуди неговото поведение.

Мнозина биле осудени за склучување мир, но никој поради тоа што предизвикал војна, ќе запише Бентам во 18 век гледајќи на историјата на сопствената држава. Реалноста навистина знае да биде тажна. И предупредувачка: да внимаваме за кого гласаме зашто тој или таа, во наше име, одлучува за војна или за мир.

Поврзани новости