АРХИВА Не постои македонски синдром на самоуништување

by Fokus

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 21 декември, 2018 година во бројот 1211

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Има една глупост што често ја повторуваат: дека постои некакво македонско проклетство кое постојано нѐ дели. Се нарекуваше „македонски синдром на самоуништување“ или така некако. Со помош на овој израз се објаснуваат серијата настани низ историјата, опишани со зборовите „интрига“, „предавство“ или „убиство“. Тоа се нашите историски знаци покрај патот, кои нѐ водат до денешни денови.

И денес, со употребата на модерни средства за комуникација, како телевизијата и интернетот, продолжува нашата традиција на „самоуништување“. На пример, како што некогаш комунистичката идеологија редовно ги оцрнуваше „класните непријатели“, денес нон стоп се вртат емисии кои со бескрајно повторување ги опишуваат бруталните постапки на неконтролирана власт на комунистичката партија на Македонија и Југославија.

ШТО Е ТОЈ СИНДРОМ

На удар се тие што ги затворале, ги малтретирале, па и ги убивале борците за целокупна, обединета Македонија, кои се прикажуваат како патриоти, наспроти предавниците. Еве, и да е само така и ништо повеќе, да нема ниту една позитивна работа која може да се каже за првите четириесет години од постоењето на нашата држава, зар темата не треба веќе еднаш да се апсолвира: со осуда, одговорност или извинување.

Зар не е потребно градење единство за да се оди напред. Јасно е како бел ден: историските рани намерно се држат отворени за политичка ќар. Заемното уништување станува основниот метод на политичката борба.

Што, навистина, е тој синдром? Станува збор за отсуство на демократска свест, која често налага, пред потенцијалната опасност за нашата држава и народите во неа, политичките опоненти да постигнат единство. Кога сме немале сопствена држава, вината сме можеле да ја префрламе на други, на врховисти, на србомани, на Турци или на кој веќе не.

Сега, кога имаме своја држава и кога самите го градиме својот политички систем, продолжуваме да се обвинуваме меѓу себе. Ситуацијата не е непозната во политичките системи на многу држави. Примерите кажуваат дека исто како што партии и политичари ги воделе своите држави во мир и просперитет, ги воделе и во кризи, па и во пропаст. И нам може да ни се случи или едното или другото.

Двата документа околу кои партиите мора да постигнат некакво единство се оној на комисијата на ЕУ под раководство на Прибе и Преспанскиот договор. И за првиот и за вториот нужна е соработка помеѓу власта и опозицијата. Додуша, Преспанскиот договор уште може да се протурка на сила затоа што е врзан за чин на кревање рака во парламентот. Но, за демократска реформа, како и за танго, се потребни двајца.

КАСКАДЕН ЕФЕКТ

Тие два процеси, пак, имаат каскаден ефект. Ако нашата опозиција продолжи да ја имитира грчката опозиција околу Преспанскиот договор, мислејќи дека двете земји се во иста ситуација, ќе ги прелее партиските анимозитети во сферата на реформите на Прибе. Тоа, пак, може да биде проследено со парализа на македонската политика и цела серија домашни, па и меѓународни кризи.

Свесни за ова, нашите пријатели од Западот повикуваа партиите да мислат на државата, а не само на себе. Тоа некни го рече и американскиот гостин од Стејт департментот, Џон Саливан. Но, стори и нешто повеќе: упати опомена до водачот на македонската партија на десницата. Имено, фактот дека тој не се сретна него, туку со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, е силно предупредување до Мицкоски да го смени своето поведение.

Објаснувањето зошто тоа мора да се случи е содржано во пораката на американскиот функционер дека Македонија нема друга алтернатива, освен членството во НАТО. Да се обидам да преведам на македонски: тоа буквално значи дека Македонија нема друга алтернатива, освен членството во НАТО.

Во вториот дел од пораката тој вели дека по членството во НАТО ќе се зајакне безбедноста на земјата и ќе се намали штетното влијание на Русија. Тоа, во превод, значи дека по членството во НАТО ќе се зајакне безбедноста на земјата и ќе се намали штетното влијание на Русија.

ИТАРПЕЈОВСКИ ОДГОВОР

Ако веќе сакаат да не соработуваат и да се спротивстават на притисоците на Америка, од централата на партијата ВМРО-ДПМНЕ требаше да одговорат дека нашата безбедност не е загрозена и надвор од НАТО, дека имаме друга алтернатива и дека Русија нема штетно влијание врз Македонија. Но, ништо од тоа.

Следете го итарпејовскиот одговор на оваа наша партија. Заменик државниот секретар на САД дошол во земјава во пресрет на уставните измени и за поддршка на Преспанскиот договор, а со оглед на тоа што ставот на опозициската партија за тоа прашање е добро познат, се претпоставува дека оттаму високиот гостин претпочитал да се сретне со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, каде што до средината на јануари се очекува да се заокружат измените на Уставот, а кои предвидуваат и промена на уставното име.

Ако раководството на партијата само мисли на тоа како да ја освои власта, така што ќе го заобиколи меѓународниот притисок за да му се допадне на гласачкото тело, тогаш не ја разбира моќта на меѓународната политика.

Имам едно интересно искуство кое ќе го споделам со новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ. На врвот од моќта на поранешниот лидер Груевски, разговарам со висок претставник на партијата, мој постдипломец. Со карактеристичното мавтање на раката дека, ехеј, барем две децении ќе бидат на власт, не ја симнува насмевката од своето лице. Насмевката, подоцна разбрав, значеше: државата е наша, целосно ја заробивме.

Пораката беше дека дома гром не ги бие. Почнувам да му објаснувам како функционира меѓународното општество на држави, сфера во која се одлучува за војна и мир, за живот и смрт на милиони луѓе. Се сетив и на она кажување на еден американски сенатор, кој вели дека за него меѓународната сцена е како апстрактно сликарство. Сликата ја разбираш од дистанца, не од близу, рече.

ПРИБЕ И ПРЕСПА

Слушајќи го, си помислив колку би било непријатно ако на размавтаниот, „сликарот“ кој не се грижи за детали, му капне црно токму на местото на кое се наоѓа Македонија. Му ја објаснив и позицијата на големите сили што ја имаат моќта да влијаат секаде низ светот, на регионалните сили кои имаат моќ да влијаат во регионот и на малите држави, чија задача е да опстанат во тоа море на светската политика во која пливаат китови и сардини.

Кога некоја сардина ќе се замисли дека е кит, завршува трагично, му велам на крајот. На излегување, постдипломецот, со малку разнишана самодоверба, држејќи ја кваката од вратата, се завртува и ме прашува дали би му се јавил на нивниот водач за да му го објаснам ова. Автократската власт која исклучуваше суштинска соработка со Западот и со опозицијата, за решавање на големиот проблем врзан за нашето членство во НАТО и во ЕУ, продолжи по старо, до својот крај. На крајот, загубија и политичарите и Македонија.

Научената лекција би требало да биде дека демократскиот плурализам и евроатлантските процеси наложуваат соработка на партиите кога се работи за виталните интереси на државата и на сојузите. Наложуваат. Па, зошто тоа не се случува? Не, нема некаков фантомски „македонски синдром на самоуништување“. Има само себичност, инает, алчност, многу незнаење и отсуство на свест за одговорност кај нашите политичари.

Во овој момент, кај мнозина, отсуствува свеста дека „Прибе“ и „Преспа“ не се обични теми, туку безбедносни дилеми, не само за нас туку и за нашите сојузници од Западот. Со такви работи нема шега во меѓународната политика.

Поврзани новости