АРХИВА Наместо лав, пред Белата палата требало да стражари комита спремен да загине за Македонија!

by Fokus 23:30
23:30

Текстот е објавен на 22 декември, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1159

Пишува: Маја ВАСЕВА

- Advertisements -

На 21 декември 2012 година, Советот на Општина Центар носи промена на Деталниот урбанистички план во централното градско подрачје. Со оваа одлука на просторот се предвидува партерно уредување на површина со фонтана. Од тука почнува сагата за изведба на плоштад по нарачка на партијата, кој ќе ги чини граѓаните на Македонија околу 2 милиони евра.

Општина Центар на почетокот на 2013 година спровела конкурс за избор на идејно решение за плоштадот. Општината барала идеи од архитектите за партерно уредување со придружна содржина на градежната парцела. Пристигнале три труда. Прворангиран бил трудот на Македонка Иванова Чаушевска, како автор, Мариета Петровиќ и Магдалена Матевска.

Конкурсот бил во тек додека траеле локалните избори во Центар. За влакно се држела власта на претходниот градоначалник, Владимир Тодоровиќ, под чија капа поминаа сите промени во деталните урбанистички планови на оваа општина. Комисијата на Тодоровиќ ги рангирала трудовите неколку дена пред да се одржи вториот круг од локалните избори, со што победил трудот на Чаушевска.

Новиот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски одбиваше да го спроведе решението за изградба на плоштадот поради што влезе во отворен дуел со градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски. Жерновски забрануваше каква било интервенција во просторот, без дозвола на Општината, но Град Скопје најде начин да го заобиколи тоа. Во јуни 2013 година, Жерновски најавуваше дека ќе ја спречи изградбата на плоштадот, но Град Скопје веќе отвори оглас за основен проект.

Преку ноќ, надлежноста за уредување на овој простор премина од рацете на општината во рацете на градот, каде што сѐ уште власта ја држеше ВМРО-ДПМНЕ. Некаде во тој период, мајката на Жарко Чаушевски, Маја Ивановска-Чаушевски потпишува изјава според која го подарува на Град Скопје идејното решение прворангирано на конкурсот на Општина Центар.

„Изјавувам дека го подарувам нашето идејно решение, како и авторските права над решението на Град Скопје (Општина Центар ги нема откупено нашите авторски права, ниту имаме некаков договор со општината) со намера Градот Скопје да има слобода да го изведе плоштадот соодветно на конкурсното решение, со кое Скопје заличува на дел од европските метрополи“, стои во изјавата на г-ѓата Чаушевска.

И покрај тоа, некаде во постапката, се губат основите на идејното решение што го прифатил Коце Трајановски. Денешниот изглед на плоштадот ни најмалку не наликува на замислата што ја имал архитектот.

 ГРАДОТ БАРАЛ ПРОЕКТАНТИТЕ ДА СЕ ПРИДРЖУВААТ ДО ИДЕЈНОТО РЕШЕНИЕ

На крајот на октомври, во Град Скопје веќе почнала постапка за јавна набавка на основен проект, според кој, ќе биде изведен плоштадот. Парите веќе биле испланирани од буџетот за 2013 година, иако на почетокот на годината плоштадот беше во надлежност на општината.

За основниот проект било предвидено да се потрошат околу 30.000 евра, а огласот бил отворен во ноември 2013 година. Во тендерската документација се нашло и идејното решение на Чаушевска, со напомена дека „носителот на набавката е должен да го изработи основниот проект согласно приложеното идејно решение“.

Проектот требало да понуди: поплочен простор на кој ќе може да се одвиваат различни настани, собири, концерти, претстави, со можност за поставување бина и монтажни трибини, зелена површина, клупи, фонтана, канделабри. Освен тоа, проектантот требало да резервира место за релјефниот столб. Тогашната градска управа побарала столбот да биде со прописна висина и место за скулптура. Дополнително, Град Скопје, како инвеститор, во фазите на проектирањето требало да одлучи за мотивите на релјефот и ликот на скулптурата. Во тој момент не се знаело дали ќе има само една скулптура.

Град Скопје во оваа фаза барал од проектантот сите содржини на плоштадот да ги разработи согласно идејното решение на Чаушевска.

„Имајќи ги предвид значењето и местоположбата на предметниот опфат, во централното градско подрачје, идејното решение ги исполнува очекуваните барања на инвеститорот, кое пред се манифестира нагласени функционално-естетски вредности, важни за остварување на особен урбанистички идентитет на центарот на градот“, стои во проектната задача по која требало да биде изработен основниот проект.

Иако инвеститорот покажал дека е презадоволен од замислата за калдрма и гранитни плочки во различна боја, сепак и оваа идеја била напуштена.

„Просторот околу фонтаната е скалишно поплочен со плочи кои по бојата се светли, што претставува контраст во однос на околните плочки кои се темни и дава посебен ефект на целиот плоштад“, напишале од Град Скопје.

Наместо со калдрма, која наликува на шаховско поле и во која ќе преовладува темна боја, на плоштадот преовладува белата мермерна боја, која ја има и на партиското седиште.

ЛАВОТ ЗА МАЛКУ ЌЕ ГО НАДВИШЕЛ ВОИНОТ НА КОЊ

Градот побарал од проектантите посебно внимание да ѝ посветат на фонтаната и на нејзините визуелни и водни ефекти. Градот нарачал фонтана со распрскувач и ефект на пердув, распрскувач со ефект на прсти и распрскувач со ефект на магла.

В очи паѓа висината на столбот во центарот на фонтаната, која била предвидена во првичните решенија. Кружниот столб требало да биде висок дури 15 метри, со што би се надвишил Воинот на коњ, кој е висок 14,5 метри (без постаментот). Скулптурата, пак, било предвидено да биде висока 3,5 метри, но со текот на времето паднала на еден метар.

„По целата висина, столбот треба да биде релјефно обработен со мотиви од македонската историја, а мотивите ќе се дефинираат во соработка со инвеститорот“, предвидил Градот.

Уште едно воочливо отстапување од идејното решение е моменталната состојба се канделабрите. Чаушевска замислила едноставни и елегантни канделабри, обложени во златеста боја со спирални врвови од кои ќе виси осветлувањето. Наспроти тоа, на плоштадот се сместени гломазни и дебели канделабри во кафена боја и со релјефна површина. Сепак, во почетните фази, Градот побарал од проектантот да се придржува до идејното решение.

„Типовите канделабри да се пресликаат од идејното решение кое го обезбедува инвеститорот. Да се користат модели на канделабри кои се дадени во идејното решение кое го обезбедува инвеститорот“, пишува во барањата до проектантот.

Не е јасно кога и зошто Градот се предомислува.

„При изработка на основниот проект да се земат сите содржини онака како што се прикажани во идејното решение. Основниот проект треба да го разработи идејното решение, визуелно идентично како идејното решение што го дава инвеститорот“, категоричен бил Градот во 2013 година.

На 25 декември 2013 година бил склучен договорот за изработка на основен проект со скопската фирма „Факом“ АД. Вредноста на договорот се намалила преку електронската аукција. Градот за основен проект потрошил 15.000 евра, а потоа следел тендерот за изведба на плоштадот.

Постапката за избор на градежна фирма почнала во јануари 2014 година. За претседател на Комисијата, која требало да ја спроведе постапката, бил назначен Александар Јанакиески, главен урбанист на ВМРО-ДПМНЕ, кој работеше во Општина Центар во времето на Тодоровиќ. Јанакиески премина во Град Скопје по промената на власта во оваа општина, а четири години подоцна новиот градоначалник, Петре Шилегов, го разреши Јанакиески од работната позиција раководител на секторот за урбанизам веднаш откако ја презеде функцијата.

Со амин на Јанакиески договорот со кавадаречката фирма „Урбан инвест“, за изведба на градежните работи на плоштадот, е склучен во јуни 2014 година и е во вредност од 1.376.916 евра.

ЈАВНОСТА ИМАЛА УВИД ВО ТРУДОВИТЕ САМО ДВА ЧАСА!

Советот на ВМРО-ДПМНЕ во ноември 2014 година донесе одлука за подигање, чување, одржување, заштита и користење на спомен-обележје фонтана на плоштадот ВМРО. Зафатот предвидуваше релјефно обликување на фонтаната со личности и симболи од историјата на Македонија. Причината беше заради одбележување и оддавање почит како трајно ликовно одбележување за времето на македонското револуционерно движење.

По одлуката следува конкурс за изработка на идеен проект за подигање на спомен-обележје во фонтаната. Одборот за подигање на спомен обележјето, го условил релјефното обликување на фонтаната со „естетската целина на зададениот архитектонски простор“.

„Со својата уметничка и естетска вредност, релјефот на фонтаната треба да се вклопи во амбиентот на просторот на плоштадот ВМРО. Столб изработен во мермер ќе претставува комбинација од најклучните моменти и настани од историјата на Внатрешната македонска револуционерна организација. Со историска веродостојност и естетски презентираниот израз, композицијата на фонтаната-столб треба да се вклопува во зададениот архитектонски простор“, порачал Одборот во конкурсот.

На конкурсот се пријавиле тројца автори. Првата награда од 50.000 денари ја добила Елена Дуковска, авторка на трудот „Лавица“, по чиј идеен проект потоа ќе биде изведен столбот и скулптурата со лав на врвот.

„Трудот преку својата пластика и релјефно обликување го привлекува вниманието на гледачот, воедно најсоодветно ги истакнува историските белези на Внатрешната македонска револуционерна организација, истакнувајќи се со одлични композициски партии кои се соодветно организирани и претставени на релјефното обликување. Ваквиот скулпторски набој придонесува за длабокото доживување на решението“, заклучил Одборот за подигање на спомен-обележјето во фонтаната, со кој претседавал професорот Бранислав Саркањац.

Одборот го предложил ова решение до Советот на Град Скопје, а советниците, мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, подоцна го прифаќаат.

Инаку, сите три идејни проекти што учествувале на конкурсот биле јавно изложени „цели“ два часа во бараката 9 во Град Скопје на 29 декември 2014 година. Само во период од 10 до 12 часот, на два дена пред Нова година, јавноста имала увид во она што во иднина ќе го краси јавниот простор од шестотини квадратни метри во центарот на Скопје. Одборот констатирал дека не се појавил ниеден субјект и го затворил јавното излагање.

КАКО КОМИТАТА БИЛ ЗАМЕНЕТ СО ЛАВ

Работна комисија од пет члена предложила идејна скица за релјефното украсување на столбот. Во Комисијата членувала историчарката Виолета Ачкоска, верен поддржувач на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, нејзиниот колега Никола Жежов, кој не заостанува зад неа и поранешниот директор на Државниот архив, покојниот Зоран Тодоровски.

Уште пред да биде избран идејниот проект на Дуковска, историчарите и професори предложиле скица, според која, столбот завршува со скулптура на фанатичен комита.

„Композицијата на целиот столб (мермерен музеј на отворено) треба да остава впечаток кај секој граѓанин на Република Македонија и да биде нагледен историски час за бројните странски посетители на главниот град. Врвот на столбот ќе го краси фигура (скулптура) на војвода на ВМРО, со карактеристична комитска/четничка облека и вооружување, при што изразот на лицето и целокупната поза треба да пренесуваат порака на храброст, непокор, достоинство и решеност да се оди во смрт за слободата на Македонија“, стои во предлогот на професорите.

Скицата предвидувала 10 посебни сцени по должината на столбот, хронолошки поставени, кои би се зголемувале од долу нагоре заради подобра визуализација на посматрачот. Распоредот е малку променет, но содржината на сцените останала иста.

Професорите предложиле првата сцена да го преслика основачкиот состанок на Македонската револуционерна организација од 1893 година во градска куќа во Солун, додека втората сцена да ги претстави Гоце Делчев и Даме Груев во црквата „Света Богородица“ во штипско Ново Село во 1894 година. Третата му е посветена на Смилевскиот конгрес од 1903 година, а четвртата на Крушевската Република од 1903 година. Понатаму следи сцена од зборна чета на Васил Чакаларов и Пандо Кљашев како ја ослободуваат Клисура во 1903 година.

Шестата сцена се однесува на ослободувањето на Охрид од 1912 година, а потоа Возобновување на ВМРО каде во преден план би биле Тодор Александров, Петар Чаулев и Александар Протоѓеров. Осмата сцена му била посветена на Тодор Александров со чета во штабот во периодот од 1922 и 1923 година, а деветтата на потпишувањето на Мајскиот манифест. Десеттата сцена го обработува обновувањето на ВМРО во 1925 година.

Реализација добиле единствено овие скици препорачани од историчари блиски до ВМРО-ДПМНЕ, но очигледно е дека авторските трудови не биле многу ценети при осмислувањето на плоштадот. Идејното решение кое било избрано на конкурсот не било испочитувано, туку просторот добил сосема поинакво уредување. Неговиот вистински автор засега е се уште непознат.

Рамка1

За фонтаната одлучувале делегати на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Одборот за подигање спомен обележје во фонтана на плоштадот, Бранислав Саркањац е професор на Филозофскиот факултет во Скопје каде предава филозофија на политиката. Беше член на градското собрание од страна на ВМРО-ДПМНЕ, во време кога претседавал со Одборот за подигање скулптура на плоштадот.

Професорот се потпиша на кандидатурата на Никола Груевски, како единствен кандидат за претседател на партијата на конгресот во 2015 година. Саркањац е еден од делегатите кои ќе го изберат новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

И двајцата други членови на одборот доаѓаат од истата партија. Љупчо Трпевски и Марјан Додовски, исто така биле советници на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје и исто така се делегати на партијата кои ќе одлучуваат за новиот лидер.

 Рамка2

Канделабар „Даме Груев“

Дури и канделабрите на плоштадот имаат симболика и детали поврзани со историјата на ВМРО. По нивната должина има релјеф од грозје, листови и спирални шари, а на дното на секој канделабар поединечно е обликуван приказ на различен македонски револуционер. Така, на канделабарот во близина на седиштето на партијата на четири страни се наоѓа портретот на Даме Груев, неговото име и годините на раѓање и на смртта. Мали финеси кои се речиси незабележливи за голо око.

Наспроти тоа, канделабрите од идејното решение на Чаушевска, немаат никаква сличност со овие на терен, иако Град Скопје од проектантот неколкупати побарал да се придружува до идејното решение.

 Рамка3

Симболот на партијата стана симбол на државата

Идејниот проект на скулпторката Елена Дуковска е заслужен за тоа што на врвот од столбот нема комита, туку лав. Дуковска и нејзиниот сопруг се познати по овој мотив. Нивно дело се лавовите на мостот „Гоце Делчев“ кои беа поставени во 2010 година од левата и десната страна во правец од Владата. Овие лавови беа мета на демонстрантите на Шарената револуција и на нивните балони со боја.

Инаку, скулптурата е донација од фирмата која го доби тендерот за изградба на плоштадот. Кавадаречката „Урбан инвест“ донираше 50.000 евра за фигурата поставена на врвот на столбот. Од Град Скопје тогаш образложија дека лавот „претставува симбол на знамето под кое се бореле македонските револуционери за независност и осамостојување на Македонија“.

Рамка4

Плоштадот ќе се најде во агендата за отстранување на спомениците

Работната група формирана од Министерството за култура ќе прави анализа и на овој плоштад. Проектот се уште не е ставен на маса, но ќе се најде во агендата на групата експерти, затоа што е дел од проектот „Скопје 2014“, но и затоа што го следат бројни контроверзи. Професорот Мирослав Грчев вели дека станува збор за приватизација на јавен простор и трошење на јавни пари за исполнување на партиски желби. Евидентни се, вели, прекршувања и во постапката при неговата изведба затоа што се уште не е јасно од каде потекнува идејата и како е обмислен.

– Само знаеме дека е направен партиски плоштад со партиска фонтана, партиски споменик и знак. Сѐ се тоа прекршувања на сите закони, како што е случајот со самата зграда. Станува збор за безумно дрпање пари на граѓаните. Има многу работа во овој дел затоа што имаме индиции дека се е извршено надвор од законот. Настрана тоа што наликува на штабовите што во време на фашизмот ги правел Мусолини низ градовите во Италија. Тоа е партиско узурпирање на јавниот простор и правење партиски плоштад, споменик и фонтана – вели Грчев.

Поврзани новости