(АРХИВА) Најмрачните животни приказни од „Идризово“: Со секира и токмак си ги убиле мажите, слободата ја нашле зад решетки!

Во женското одделение во затворот „Идризово“ затекнавме четири жени што лежат зад решетки поради убиство на своите мажи. Секоја приказна има свој тек, но во едно сите се согласуваат. Со години биле жртви на семејно насилство, па еден ден решиле да посегнат по животот на сопружниците.

by fokus

Текстот е објавен на 23 март 2022 година, во неделникот Фокус во бројот 1.381.

Пишува: Валентина ВУРМО

Кога имала 18 години, Шефкие Јакупи од кичевското село Зајас, ја омажиле со стројници за 24-годишниот Абаз. Идните животни сопатници за првпат се виделе на венчавката, а набргу потоа заминале да живеат во Германија. Но, наместо да го живеат германскиот сон, нивната судбина најмногу наликува на сценарио за филм, и тоа хорор.

По 34-години брак, Шефкие, едно утро ја зела секирата и го убила сопругот. Откако се уверила дека веќе не дише, го искасапила, поточно го исекла на парчиња со електричен сечач за леб. Поголемиот дел од остатоците од телото ги спакувала во црна вреќа, која ја фрлила во контејнер. Поситните делови од телото, пак, ги фрлила во веце-шолја.

Телото на Абаз никогаш не било најдено, бидејќи завршило во дробалката на камионот за ѓубре. Сведоштво за страшниот чин биле само остатоците што ја затнале канализацијата, во зградата во германскиот град Дизелдорф.

По убиството, жената се вратила во Кичево, а полицијата ја најде во психијатриската болница во Демир Хисар.

ГО УБИЛА И ГО ИСКАСАПИЛА СОПРУГОТ

Кога во 2008 година, јавноста дозна за ова грозоморно убиство, Шефкие беше нарекувана монструм, касапка…

Денес, по 13 години, таа на прв поглед наликува на кротка и пријатна 67-годишна бабичка. Ја запознав во женското одделение во затворот „Идризово“, каде што со задоволство прифати да ја раскаже својата животна приказна. Седна од спротива, и одвреме-навреме, стискајќи го со рацете топлиот елек што го носеше, без проблем се наврати назад низ годините.

-Ме тепаше, пиеше, одеше по швалерки… Дури четирипати лежев во болница откако ќе ме претепаше. Трпев, трпев со години, но еден ден веќе не можев, ја почна приказната Шефкие.

Таа како денес се сеќава на кобниот ден кога со свои раце му го одзела животот на својот маж. Според пресудата, таа го убила Абаз додека спиел, но таа негира.

-Беше 18 декември 2007 година. Станав утрото, а тој не ми даваше корка леб. Ме заклучи во собата од 8 до 14.30 часот. Ме тепаше,  а во еден момент додека се туркавме , со секира ме исече на раката. Некако успеав да му ја земам секирата и ја забодев во него, вели нашата соговорничка.

Без воздржаност, таа раскажа и дека по убиството го искасапила телото, деловите ги собрала во црна вреќа и ги фрлила во контејнер. Додека, пак, крвта и ситните остатоци ги собрала и ги фрлила во веце-шолјата.

-Бев целата во крв, салата го направив, рече Шефкие, правејќи движење со раката, како при сечкање.

И додека се соземав од шокот, а особено од леснотијата со која осуденичката раскажуваше, ја прашав што чувствувала во тој момент?

-Чувствував олеснување, ослободување… Работата беше дојдена до таму што повеќе не можев да го гледам, гласот не можев повеќе да му го слушам, рече Шефкие, со чувство на горчина и омраза.

Вели дека оттогаш, иако е зад решетки, живее без страв.

-Како бебе спијам, без страв, вели таа.

НЕ САКАМ ДА УМРАМ В ЗАТВОР!

По извршеното злосторство и сокривањето на трагите, Шефкие се вратила во Кичево. На 3 јануари, нејзината сосетка, без да знае што сторила, ја однела во психијатриската болница во која се лекувала и претходно, односно била сместена и во 2004 година, со параноидно депресивни симптоми.

Потоа, следувало судењето, за кое осуденичката вели дека ништо не разбрала. Тогаш речиси воопшто не го разбирала македонскиот јазик, а како што вели, од помош не ѝ бил ниту преводот на албански.

-Ме осудија на 15 години затвор, а Апелација ми ја зголеми казната за уште 5 години. Тука сум веќе 13 години, вели таа.

Од Управата на затворот појаснуваат дека нејзините барања за помилување досега биле одбивани, а, иако има право на слободен викенд, таа не излегува, бидејќи нема каде да оди. Во куќата во Кичево со години не влегол човек, а немало ниту струја и вода. Децата, двете ќерки и син, пак, ѝ живеат во Германија, а една од ретките посети ја имала во 2019 година.

Шефкие, која има најдолг стаж во женскиот затвор, повеќе од една деценија не стапнала надвор од ѕидините. На раката има часовник, но ретко погледнува во него. За неа времето како да застанало.

За тоа што се случува надвор се информира од телевизорот што го има и во својата соба. Истакнува дека редовно гледа вести и серии. Ама посочува и дека најмногу сака да спие.

Нѐ испрати со молба да ја раскажеме нејзината животна сага, среќна дека по толку години некој се сетил на неа. Вели дека сѐ уште има надеж дека некој ќе се смилува и ќе ѝ дозволи по толку години поминати во затвор да излезе на слобода. Затоа и нѐ испрати со зборовите:

„Не сакам да умрам тука!“.

СО СЕКИРА ГО УБИЛА ДОДЕКА ЈА НАВОДНУВАЛ БАВЧАТА

За убав живот сонувала и 53-годишната Фекрие од Драчево. Но, наместо тоа, како што вели, со години била жртва на семејно насилство.

-Сакав да живеам среќно, да имам убав живот, но наместо тоа, 27 години трпев ќотек, ја почнува Фекрие својата приказна.

Таа веќе 3 години е во затворот „Идризово“, а осудена е на правосилна казна од 9 години. Поточно, првично Кривичниот суд ја осудил на 5 години, а Апелација потоа ѝ ја зголемила казната за дополнителни 4 години затвор.

Денот кога се решила да ја земе правдата во свои раце, и тоа буквално, почнал со караница. Сопругот ѝ се налутил зошто им дозволила на децата да одат да се прошетаат, па како што вели, почнал да ја тепа.

-Ај, што ме тепаше, туку го зеде и пиштолот, ми го стави на глава и почна да вика дека ќе ме убие, раскажува осуденичката.

По ќотекот и заканите, вели дека мажот ѝ излегол надвор во дворот.

-Додека ја наводнуваше бавчата, ја зедов секирата што беше во дворот и сечилото го забив во него, вели нашата соговорничка, која според истрагата, на сопругот му задала три удари со секирата.

Тогаш, избезумена, Фекрие со секирата во едната, а пиштолот во другата рака, тргнала да оди по патот во маалото. Кога ја забележале соседите ја прашале што се случило и повикале полиција.

Таа вели дека и сега не знае како го убила, но посочува дека на тоа ја натерало малтретирањето што го трпела постојано.

-Сакаше да ме убие, но јас го убив него, заклучува Фекрие, која додава дека не гледала друг излез, односно немала каде да се пожали или да најде заштита.

И таа се надева дека за некоја година ќе добие помилување за да може, како што вели, конечно да живее слободно, без страв.

ГО УБИЛА СО ТОКМАК ДОДЕКА СПИЕЛ

Во затворот пред речиси 5 месеци влегла и Анита од Тетово. Таа е најмладата од моите четири соговорнички, на возраст од 40 години, но нејзината судбина не се разликува многу од претходните.

Минатото лето, со сопствените раце решила да му го одземе животот на невенчаниот сопруг. Го убила со токмак (голем чекан).

Но, според Анита, сѐ почнало пред повеќе од една деценија.

-Цели 13 години ме малтретираше, но ја малтретираше и нашата ќеркичка. Постојано беше пијан и издрогиран по што ме тепаше, вели Анита.

Таа го убила партнерот на спиење, бидејќи појаснува дека немало друг начин за да го совлада. Бил посилен и покрупен од неа.

-Како и многуте вечери, и таа вечер си дојде пијан и издрогиран. Ме тепаше и ми рече дека утредента, бидејќи му фалело келнер во кафеаната што ја имаше, јас да сум одела да ги служам гостите, но и сексуално да ги опслужувам. Кој маж ѝ вели такво нешто на својата жена?, истакна нашата соговорничка.

По ќотекот и заканите, не можела око да склопи. Цела вечер стравувала од тоа што ќе се случи кога ќе се раздени. Тогаш, пред да се разбуди партнерот, како што вели, го зела токмакот в раце и го убила во постела.

-Уште не можам да сфатам како го направив тоа, вели нашата соговорничка.

По убиството заминала самата да се пријави во полициска станица.

Таа појаснува дека помош, поради насилството што го трпела, неколку пати барала и од полицијата, но нејзиниот насилен партнер добивал само телефонски опомени.

-Во еден случај се јавив во полиција да пријавам дека ме тепа, а од таму ме препратија во Центарот за социјални работи. Кога отидов, мажот ми веќе  ме чекаше таму. Значи некој му кажал дека сум го пријавила, вели Анита.

Додава и дека се чувствувала немоќна, односно била без пари и без кров над главата и не знаела каде да се засолни и да избега.

В ЗАТВОР СЕ ЧУВСТВУВАЛА СЛОБОДНА

Оваа тетовка, неполна година пред да се случи крвавиот чин, како да знаела дека нешто лошо ќе се случи. Тогаш за првпат лежела во затворот, и тоа пет месеци, откако била осудена за неплаќање алиментација, за децата што ги имала од првиот брак. Колку и да звучи неверојатно, таа вели дека тие пет месеци во затворот живеела слободно.

-На сите во затворот им велев дека не ми се оди дома, дека не сакам да излезам зашто знаев дека дома ме чека ќотек, вели Анита.

За побрзо да ѝ помине времето, таа во затворот е работно ангажирана, односно чисти, а, како што вели, едвај чека да дојде пролет за во дворот да направи бавча.

Нејзината казна Апелација ја одмерила на 8 години, иако првостепениот суд бил поблаг и ѝ дал 5 години затвор.

Пред сите овие затворенички да си го соголат животот, односно да ги откријат и најтемните тајни, прва ја запознав Марина Трајковска од Велес. Нејзината приказна доаѓа на крајот, бидејќи единствено таа не признава дека го убила својот маж. Но, другите детали, повторно наликуваат како и веќе раскажаните животни судбини на осуденичките.

Приказната почнува пред две години, кога осамна веста дека на големиот христијански празник Водици, мајка и два сина го убиле својот татко и сопруг, во велешкото село Долно Караслари.

По шест месеци во притвор, постариот син е ослободен од сомнежите, но постапката продолжува за помалиот син и мајката, кои се осудени првично на 9 години затвор, а потоа добиваат и правосилна пресуда од 12 години.

Марина возбудено и емотивно ја раскажа својата верзија од приказната, тврдејќи дека заедно со својот 22-годишен син не се виновни.

-Со години живеев со маж алкохоличар, кој ме тепаше. Го пријавував во полиција, па во социјалното и така во круг. По многуте пријави, од социјалното му поднесоа тужба. Барав да се лечи од алкохол, бидејќи многу ме тепаше, но тој не сакаше. Немајќи друго чаре, се разделивме, тој живееше на првиот кат од куќата, а јас на вториот, вели Марина.

Но, како што додава, бидејќи и понатаму ѝ бил законски сопруг, а покрај проблемот со алкохолот, бил и болен, му приготвувала јадење.

-Се симнав да му однесам јадење, а тој седеше на столот. Не се мрдаше. Тогаш ме обли жештина и почнав да викам по децата. Откако се симнаа, повикавме Брза помош, која констатираше дека починал, се присетува нашата соговорничка.

Вели и дека ѝ рекле дека може да го спремаат за погреб, но откако прашала дали смее да го поместува, бидејќи имале постапка за семејно насилство, била повикана полиција.

 

ЖРТВА БЕВ, ЖРТВА ОСТАНАВ

По неколку дена ги ставиле во притвор, а потоа и ги осудиле со помалиот син под обвинение дека по претходен договор и умисла го убиле со задушување од рака.

-Целиот живот бев жртва на насилство, а еве сега, пак, сум жртва. Па, јас немав храброст да го убијам кога секој ден ме тепаше, а не отпосле да го сторам тоа, вели Марина.

Таа вели дека сѐ ќе издржи, но не може да се помири дека и нејзиниот син завршил зад решетки.

-Која мајка би го жртвувала сопственото дете? Па, ако сум сакала да го убијам, ќе сум го убила сама, а не да го вплеткам синот. Е тоа не можам да го прифатам, истакна Марина, едвај зборувајќи од солзи.

Таа вели дека немало траги од неа, или од нејзиниот син, но не им било прифатено ниту патолошкото вештачење, според кое, причината за смртта била инфаркт.

-Измачена сум цел живот. Работев земјоделие, собирав печурки, за да се прехраниме. Ако сакав да го убијам, во јадењето ќе му ставев отровна печурка, а не да ни прават ваква конструкција, вели Марина, која додава дека пресудата ја донела истата судијка што донесе ослободителна пресуда за Пале Илоска, која во самоодбрана го уби својот сопруг.

-Не велам дека и таа треба дојде во затвор, но таа, сепак, уби човек. Јас сум осудена, иако не сум го сторила тоа, вели осуденичката, која се надева дека Врховниот суд ќе ја увиди неправдата.

Додека разговарав со Марина, во секој момент очекуваше важна посета, односно по една година, конечно ќе има можност заедно да ги прегрне своите двајца синови. Помалиот ќе биде донесен од машкото одделение на затворот, а постариот ќе пристигне од дома.

-Првпат по година дена ќе ги гушнам заедно. Не знаете како се чувствувам. Наместо да бидеме заедно, сите тројца нѐ разделија на три различни страни. Со што ли заслуживме ваков живот, вели во солзи Марина.

И таа ме испрати со надеж дека до некого ќе допре нивната сурова приказна и случајот ќе се разгледа одново.

Другите соговорнички, пак, предупредија дека има многу жени што ја делат нивната приказна. Дека живеат во насилство и дека еден ден, бидејќи системот е слеп, ќе мора да падне одлука, дали ќе го изгубат својот живот или ќе посегнат по оној на насилникот!

-Или самите ќе бидат жртви, или ќе ја доживеат слободата зад решетки, трета опција, за жал, немаме,  заклучија затвореничките!

УБИСТВА ПОРАДИ НЕПОСТАПУВАЊЕ НА ИНСТИТУЦИИТЕ

Според претседателката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, секој од случаите има своја приказна, но посочува дека често овие убиства се случуваат поради непостапувањето на институциите.

-Доколку институциите реагираат, сигурно голем дел од ваквите трагедии би се избегнале. Затоа за случајот со Пале реагиравме дека таа со години била жртва на насилство, пријавувала, а никој ништо не презел, вели Пировска.

Таа додава дека во Македонија има државни шелтер центри каде што жртвите на насилство можат да најдат заштита, но појаснува дека тие се во лоша состојба, поради што и најчесто одбиваат.

-Жртвите најчесто немаат избор. Економската моќ им е помала од онаа на мажите, а и имотот, по традиција се води на нивно име, додава Пировска.

НАСИЛНИЦИТЕ СЕ ИЗВЛЕКУВААТ СО УСЛОВНИ КАЗНИ

Повеќето предмети, или 70 отсто се завршени во рок од 6 месеци, 15 проценти траеле повеќе од 6 месеци, 14 проценти повеќе од една година, а има и еден предмет што траел 3 години и 1 ден.

Најголем дел од казните што ги добиваат сторителите се условни.

„Шеесет и четири проценти од случаите завршиле со условна казна, 25 со ефективна казна затвор, 11 проценти завршиле со одбивање на случајот, а нема ниту еден случај во кој има ослободителна пресуда. Ваквата ситуација укажува практично на многу поблага казнена политика отколку просечната казнена политика за оние обични кривични предмети“, се наведува во истражувањето  на Коалицијата „Сите за правично судење“.

Поврзани новости