(АРХИВА) Над 900 лица добиле награда за Диво насеље, а некои не биле ниту во Куманово!

by fokus

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 21.07.2017 година,  во бројот 1.157.

Пишувала: Валентина ВУРМО

Додека кумановската населба Диво насеље сѐ уште мирисаше на барут, тогашната влада донесе одлука да се обесштетат семејствата на загинатите и повредените припадници на безбедносните служби, но и да се наградат полицајците за учеството во акцијата, која и покрај осумтемина загинати и 37 повредени, беше прогласена за успешна.

Се чини дека одлуката ги престаса револтираните специјалци и полицајци, кои се чувствуваа предадени, и не можеа да ја прифатат смртта на своите колеги и другари, па додека се шушкаше дека ќе прозборат, наеднаш настана молк. Провеа само обвинувањето дека биле искористени како топовско месо и буквално фрлени во оган, бидејќи иако со денови, па и недели се знаело што се подготвува, тие на домашен терен биле испратени неподготвени. Наместо да добијат насоки за сузбивање на терористичка група, наводно добиле задолженија за разбивање на криминална нарко-група.

Па, оттука тргнаа и шпекулациите дека кумановските настани, со поблаго замислено сценарио, кое на крајот, сепак, излегло од контрола, биле во режија на македонски разузнавачи и политичари, кои ангажирале дебело платени „актери“.

И додека се прашувате од чиј ум може да произлезе вакво монструозно сценарио, следува уште еден шок. По сѐ што се случи, некој решил и да профитира.

Сомнежите што доаѓаат и од врвот на МВР, поточно од актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, се дека на листата наградени полицајци се наоѓаат лица кои воопшто не учествувале во акцијата, ниту, пак, биле во близина на Куманово.

ПАРИ ДОБИЛ И ШОФЕР НА ФУНКЦИОНЕР, НО НЕ И 60 УЧЕСНИЦИ ВО АКЦИЈАТА

Но, овој сомнеж досега не е ставен под истрага, бидејќи списокот на наградените учесници, нивната вкупна бројка, но и вкупната сума што им била исплатена се прогласени за државна тајна, со одлука на Владата.

Тоа е државна тајна, прогласена од владата. Ги имам информациите, меѓутоа со оглед на сензитивноста и класифицираноста на информацијата не можам во моментот да ја споделам со јавноста, но секако дека постојат фрапантни податоци во рамките на оваа одлука. Неверојатно голем број на луѓе кои што биле наградени, и луѓе кои најверојатно не биле ниту близу до Куманово, вели министерот Спасовски за „Фокус“.

Истите гласини веќе ги има слушнато и голем дел од македонската јавност, а нив ги потврдува и нашиот соговорник, кој бил директен учесник во акцијата. Неговото име е познато на редакцијата, но тој замоли да го сокриеме неговиот идентитет.

Информациите со кои тој располага се шокантни, и се поклопуваат со оние на министерот. Тој тврди дека наградени се над 900 луѓе.

– Иако списокот за парично наградени за учество во акцијата е строго доверлив, и со класификација „државна тајна“ имам сознанија дека на тој список има повеќе од 900 имиња кои добиле парична награда, а од кои повеќе од половина не биле учесници во акцијата, вели нашиот соговорник.

Тој, заедно со уште шеесетина колеги биле на терен, но како што истакнува не зеле ниту денар.

Јас во тоа време како припадник на Единицата за јавен ред и мир и интервенции со целата единица бевме учесници во акцијата (лесно проверливо со увид во распоредот и наредбите за вршење служба, 26 часовен ангажман без прекин), но нашите имиња никаде не фигурираат и не се спомнуваме како учесници. Наместо нашите имиња, се спомнуваат други припадници на оддели во МВР што добиле парични награди, а биле некаде далеку од Куманово, некои на боледувања, некои на одмори, појаснува за „Фокус“ полицаец од Куманово.

Тој додава дека не реагира за да биде награден, потенцирајќи дека не сака такви пари, туку решил да проговори за да се дознае вистината.

Покрај оние кои биле на одмор или на боледување, неофицијално дознаваме дека награда добил и припадник на безбедносните служби кои во тој момент бил на свадба, а меѓу наградените е и шофер на тогашен функционер.

Нашиот соговорник вели дека по две години решил да ги сподели овие податоци со јавноста бидејќи бил поттикнат од информациите што произлегоа од МВР дека додека траела акцијата во Куманово и гинеа полицајци, раководствата на УБК и БЈБ на големо прославувале по елитни ресторани со специјалитети за кои, како што вели, првпат дознаваме дека постојат.

Почувствував гнев, бес и чувство дека некој си поигрувал со честа и достоинството на полицајците! Во таа акција не загинаа само наши колеги, туку пред се пријатели, другари, роднини и родители кои оставија сираци, вели соговорникот.

Тој бара од новата власт и од новото раководство во МВР да отвори независна истрага за целиот случаји и да се утврди кои се неосновано наградените, и зошто не се наградени дел од учесниците во акцијата, а секако да се покренат соодветни постапки за можните злоупотреби.

ИСПЛАТЕНИ НАД ДЕВЕТ МИЛИОНИ ЕВРА

Одлуката да се исплатат награди, владата ја донесе на седницата одржана на 11 мај 2015 година, или ден по завршувањето на вооружениот напад. Од владата посочуваат дека одлуката веднаш стапила во сила и воопшто не била објавена во Службен весник. Според информациите кои тогаш од владата ѝ ги проследија на јавноста беше наведено дека на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили ќе им се додели финансиски надомест во висина од 70.000 евра по семејство.

Како што се наведуваше во соопштението од владината прес-служба, финансиски надомест ќе добијат и припадниците на безбедносните сили кои беа ранети и повредени во полициската акција во Куманово, при што најтешко ранетиот полицаец ќе добие 40.000 евра, а четворицата полицајци кои беа тешко повредени и беа под интензивно лекување ќе добијат по 35.000 евра.

На 19-те полицајци што беа оперирани поради потешки повреди или, пак, имаат потешки повреди, одлучија да им дадат по 25.000 евра, а

на преостанатите 13 полицајци кои беа повредени и ранети во акцијата да им се додели финансиски надомест од 15.000 евра по полицаец.

По 10.000 евра требаше да добијат и припадниците на Единицата за специјални задачи и припадниците на Единицата за брзо распоредување, а ист надомест беше одреден и за припадниците на хеликоптерската единица кои учествуваа во акцијата.

По 10.000 евра беа предвидени и за, како што беше кажано, професионалците од штабот кои раководеа со акцијата во Куманово, меѓу кои можно е да има имиња и од тогашниот врв на МВР.

На припадниците на Посебната единица на полицијата, кои, исто така, беа ангажирани, владата одлучи да им се исплатат по 5.000 евра, а го задолжи и МВР на следната владина седница да достави предлог за висината на финансискиот надомест за припадниците на редовниот полициски состав ангажирани во Полициската станица во Куманово, кои биле на должност за време на одвивањето на акцијата.

Доколку се претпостави дека на сите 900 исплатени, во просек им биле дадени по 10.000 евра, а некои добиле и многукратно повеќе, тогаш вкупната сума, која засега е класифицирана, дефанзивно пресметана, е околу девет милиони евра.

Бројката на 900 исплатени полицајци е шокантна и од друг аспект, односно ако се знае дека терористичката група броеше помалку од 50 членови. Тогаш на површина повторно испливува тезата дека акцијата не била координирана како што треба, поради што и имаше толку многу човечки жртви.

ВРХОВНИОТ СУД ДОНЕЛ ОДЛУКА СТАТИСТИЧКИТЕ ПОДАТОЦИ ДА СЕ ЈАВНИ

Познавачите коментираат дека е разбирливо имињата на наградените полицајци да бидат заштитени со државна тајна, за да не бидат изложени на опасност, но, сепак, е нејасно зошто државна тајна би бил вкупниот број на наградените и вкупната сума која била исплатена?

Врховниот суд веќе има заземено став дека ваквите статистички податоци, за разлика од личните, не би требало да бидат класифицирани, односно тоа е одлучено во пресуда донесена во јуни 2011 година.

Имено, скопјанка во 2007 година од МВР побарала податок во колку предмети во 2006 и 2007 година биле користени специјални истражни мерки. МВР, повикувајќи се на државна тајна го одбило барањето, а иста одлука донела и Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Скопјанката не била задоволна ниту од овој одговор, па поднела тужба пред Управниот суд, кој, исто така, одлучил дека нејзината жалба е неоснована. Но, кога предметот стигнал во Врховниот суд, работите се менуваат, бидејќи се одлучува дека пресудата на Управниот суд е незаконита.

Според мислењето на судот, статистичкиот податок за бројот на предметите во кои биле користени овие истражни мерки не е со сигурност утврдено дека претставува класифицирана информација дотолку повеќе што во членот 7 од Законот за слободен пристап е предвидено доколку документот или негов дел содржи информации што може да се одвојат од документот без притоа да се загрози неговата безбедност, имателот на информациите ги одвојува тие информации од документот и го известува барателот за содржината на останатиот дел од документот“, одлучил Врховниот суд.

Ако се следи логиката на највисокиот суд, тогаш бројот на наградените и исплатената сума би требало да бидат јавно достапни.

Доколку овој документ се декласифицира, некои од дилемите поврзани со кумановските настани ќе се разјаснат, смета универзитетскиот професор и поранешен разузнавач Владимир Пивоваров.

Доколку овој документ се декласифицира ќе биде лесно да се утврди дали сите кои се наоѓаат на списокот заслужено добиле надомест и по кои критериуми. Веднаш штом се донесе одлуката се коментираше дека на овој начин се купува мирот, но и се замолкнуваат оние кои што имале нешто да кажат, вели Пивоваров.

Тој и по случувањата, но и денес тврди дека безбедносните служби потфрлија со акцијата.

Лично јас ги гледав терористите како шетаат во Куманово, а за нивното присуство беа свесни и останатите жители, па така, невозможно е службите да не знаеле за нив. Исто така, прво нешто што се прави во ваква ситуација е да се блокираат комуникациите во тој регион, бидејќи кога ќе го оставиш непријателот без очи и уши, многу е лесно да го совладаш. Но, ниту тоа не беше направено, бидејќи нашите телефони функционираа беспрекорно, вели Пивоваров.

ВЛАДАТА ПОЧНАЛА ПРОЦЕДУРА НА ДЕКЛАСИФИКАЦИЈА НА ИНФОРМАЦИЈАТА

Министерот Спасовски вети дека доколку се оцени оти обелоденувањето на информации и податоци не ја загрозува безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните, тогаш јавно ќе бидат објавени. Покрај тоа најавува и истрага, помогната од меѓународни фактори, за како што вели, да мора да се види дали имало злоупотреба на ресурси, на политичари кои биле вклучени во овие активности.

– Не сакам, односно многу е лошо да се прејудицира што би открила истрагата. Граѓаните, жителите на Куманово, не очекуваат дека преку ноќ ќе се сменат тековите во истрагата, меѓутоа таа мора да биде темелна, доволно транспарентна пред граѓаните, односно реално ќе бидат прикажани фактите и сето она што ќе се утврди ќе мора да биде засновано на сериозни факти за тоа како и на кој начин е организиран целиот овој настан. Бидејќи се случи во еден специфичен момент, фрла сериозен сомнеж во однос на тоа дали можеби некој бил вклучен во организирање на настаните, ако е тоа така треба да видиме кој е, меѓутоа не би сакал да прејудицирам. Едноставно, мораме да навлеземе во многу сериозна истрага, појаснува министерот Спасовски.

Неговиот претходник, Митко Чавков, пак, изјави дека нема потреба од меѓународна истрага за Куманово и дека се е во рацете на обвинителството.  Во овој период Чавков беше директор на Бирото за јавна безбедност, а Гордана Јанкулоска беше на министерската позиција.

Обвинителството, пак, како и досега, не се амбицираше да дознае кои се нарачателите и организаторите на терористичкиот напад, туку се зафати само правдата да ја бара од оние кои беа затекнати на самото место. Ним веќе им се суди, а наскоро ќе биде познат и епилогот, бидејќи процесот е во завршна фаза.

Во јавноста се појави и отворено писмо испратено до специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, а потпишано од припадници на МВР, кои бараа предметот да премине во рацете на СЈО.

Обвинителке, сведоци сме на една безмилосна реалност, во која оваа ненаситна, лицемерна, лажна и ненародна власт ни создаде болна сегашност. Власт, која се обиде да направи жртва и од нас, полицајците. Во името на нашата идна соработка ве молиме случајот да биде разгледан меѓу првите. Ја сакаме и заслужуваме вистината. Нашите осум браќа, другари, се уште не почиваат во мир “, напишаа специјалците до специјалниот обвинител Јанева.

Од СЈО, до затворањето на овој број од неделникот, не добивме одговор дали постои можност овој предмет да премине во нивна надлежност или дали можеби имаат отворено предистражна постапка за сомнежите за незаконските награди, во случај за тоа да постоеле разговори во незаконски снимените материјали.

Како и да е, постои можност и тоа реална, оваа афера да добие завршница. Сегашната влада може да донесе одлука за декласификација, односно да го симне степенот државна тајност, за што неофицијално дознаваме дека процедурата е започната и би финиширала кон септември.

Кога документот ќе стане јавен, дел од сложувалката за кумановските настани ќе се состави. Тогаш податоците би се споредиле со оперативниот план за акцијата во МВР и точно би се знаело колку луѓе и точно кои биле ангажирани. Потоа на потег ќе биде обвинителството, кое, освен учесниците во нападот, ќе треба да го открие и режисерот и сценаристот на крвавиот настан. Само тогаш ќе им се признае дека ја завршиле својата работа и ја истерале правдата.

Поврзани новости