(АРХИВА) Како власта штанцаше кривични против екс градоначалници од ВМРО, а ги штедеше од ДУИ?

by Фокус 21:20
21:20

Текстот е објавен на 17 мај 2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1180.

По промената на локалната власт во најголем број од општините, кои по последните избори преминаа во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, се повторува приказната новите локални власти да испорачуваат обвинувања, па дури и да поднесуваат кривични пријави против нивните претходници. Впрочем, ништо поинаку не беше ниту после изборите во 2017 година, кога СДСМ презеде најголем дел од општините, откако претходно ја презеде и централната власт. Тогаш, а најверојатно така ќе биде и сега, сите обвинувања и пријави беа само за пропагандни цели со моментален ПР-ефект, со оглед дека во однос на досега нив немаше ниту едно обвинение, а камоли судска пресуда. 

Пишувала: Јадранка КОСТОВА

„Уште колку криминалци градоначалници има во редовите на ВМРО-ДПМНЕ? Уште колку локални шерифи краделе од граѓаните и кој од  градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ крадел најмногу од граѓаните и државата?“– со ваква дилема за бројот на криминалци вмровски градоначалници излезе во јавноста СДСМ на 20 август 2017 година, значи кога веќе извршната власт беше во нивни раце.

Поводот, пак, им беа судските пресуди против Марјан Ристески и Александар Панов, градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп и од Кавадарци. Поентираа со тезата дека коруптивното и неодговорно владеење на ВМРО-ДПМНЕ освен на централно, се случувало и на локално ниво.

Откако неколку месеци подоцна, на локалните избори, СДСМ извојува голема победа, со што и централната и локалната власт добија иста партиска боја, како да влегоа во мисија да ги пребројат „криминалците градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ“. Кривичните пријави добиваат на квантитет, но со оглед на тоа што немаат финиширано процесите, останува енигмата „кој крадел најмногу“ и уште колумина ќе влезат на овој црн список!.

Со оглед на фактот дека поранешната врхушка на ДПМНЕ на чело со Никола Груевски е под третман на СЈО во дузина случаи, градоначалниците станаа „пациенти“ на редовното обвинителство. Единствен „привилегиран“ да го гони СЈО беше екс градоначалникот на Битола, Владимир Талевски, првоосомничен во случајот „Транспортер“ за, како што тврдеа тогаш од СДСМ, „криминал тежок 360.000 евра, пари на граѓаните“.

ПРИЛЕП КАКО РЕКОРДЕР

И, за што се гонат бившите вмровски градоначалници? Главно за злоупотреба на службената положба и овластување. Можеби дел од кривичните да бидат и отфрлени или да завршат со ослободителни пресуди, но, ќе наведам дел од нив повеќе од педагошки причини – да имаат на ум актуелниве сдсмовски градоначалници за што еден убав ден, кога ќе ја загубат власта, можат со право да се најдат на удар на правдата … што, нели, ќе ја дели некоја нова власт.

Патем, информациите се темелат главно на соопштенија на МВР последнава година, така што можеби некои се влезени и во друга фаза. Но, поентата ми е за што се гонат градоначалниците.

Во оваа градоначалничка крими серија заслужува да биде издвоен екс градоначалникот на Прилеп, Маријан Ристески, кој пред неполна година беше осуден на условна затворска казна од три месеци за „несовесно работење во службата“. Истовремено е задолжен на општината да ѝ исплати 238.750 денари, штета што настанала на одржани протести од група граѓани.  Прогласен е за виновен затоа што не ја осигурил од штети зградата на општината.

Пет дена после оваа пресуда, од СДСМ најавија уште една кривична пријава против Ристески. Се повикаа на извештајот на Државниот завод за ревизија. Демек, давал лажни податоци во завршните сметки! Од благајната се подигале пари за патни и дневни трошоци, без евиденција кој износ за што се подига, за кои потреби и за кое лице.

Веќе во февруари годинава, постапувајќи по предмет на основното обвинителство, врз основа на наодите од Државниот завод за ревизија, полицијата констатирала дека во 2015 и 2016 година општината набавила далеку поголеми количини нафта за греење од реално потребните.

Интресно, но адвокатот Жарко Стеваноски имал поднесено дури 5 кривични пријави против прилепскиот градоначалник за „злоупотреба на службената положба и овластувањата“ и „злоупотреба на постапките за јавни набавки“.

Овој месец, мај, на Ристески и на уште пет лица прилепскиот суд им ги одзеде патните исправи, како мерка на претпазливост, поради сомнежи за местење тендери за зимско одржување на градот.

Само после неколку дена стигна обвинителен предлог за Ристески затоа што распишал јавен конкурс за избор на директор на старски дом во кој се барало работно искуство од 4 години, а избрал кандидатка која имала 2,5 години искуство.

СЛУЖБЕНИ ВОЗИЛА ЗА ПРИВАТНИ ЦЕЛИ

Една од најтазе пријавите е за Тони Коцевски, екс градоначалникот на Јегуновце, кој е осомничен за повеќе кривични дела меѓу кои е и вообичаеното „злоупотреба на службената положба и овластување“. Во делот за јавните набавки се наведува дека во 2017 го оштетил буџетот на општина Јегуновце за 1.057.026 денари. Но, интересно е дека градоначалникот се сомничи и дека во повеќе наврати им овозможил на вработените во општината да ставаат гориво во нивните приватни возила на сметка на општината.

Поранешниот градоначалник на општина Кочани, Ратко Димитровски заработи кривична пријава затоа што ја злоупотребил функцијата градоначалник и склучувал договори со неговата снаа за грантови што ги доделува прогрaмата „Еразмус+“. Според проценката на МВР, предизвикал материјалната штета на Буџетот на општината за 510.000 денари.

Кривична пријава има и за поранешниот граданочалник на Радовиш, Сaшко Николов поради основано сомневање дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба“ затоа што постапил спротивно на актите на општината и потпишал налог за користење на службено возило „Пежо 528“ на лице кое не било вработено во општината. Штетата за буџетот на општина Радовиш е проценета на 63.750 денари.

Со кривична пријава за злоупотреба се закити и поранешниот градоначалник на Демир Капија, Трајче Димитриев. Се сомничи дека во предизборната кампања за локалните избори 2017 година, спротивно на одредбите од Изборниот законик, одобрил финансиски средства за покривање на трошоци за добивање дозволи за сеча на огревно дрво на 20 социјално најзагрозени семејства од селото Дрен. МВР ја проценува штетата на 110.000 денари.

Поранешниот градоначалник на Општина Чешиново – Облешево, Костадин Личков, се сомничи дека ги злоупотребил службените возила во сопственост на општината за приватни цели и без користење на патни налози. Според пријавата, го оштетил буџетот на Општината за 15.882 евра.

Е, против поранешниот градоначалник на Крива Паланка Арсенчо Алексовски, пак, полицијата има поднесено неколку кривични пријави. Ќе ја издвојам онаа поради сомнеж дека ја злоупотребил службената положба затоа што незаконски дал согласност за вработување на две лица во ученички дом. Се товари и за „фалсификување или уништување деловни книги“.

ЗЛОУПОТРЕБИ И НЕСОВЕСНОСТ

Годинава МВР поднесе кривична пријава против екс градоначалникот на Штип, Илчо Захариев и поранешен в.д. директор на едно јавното претпријатие поради основи на сомнение дека извршиле четири кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и две кривични дела „несовесно работење во службата“. Главно станува збор дека продавал и отстранувал објекти без дозвола од Советот на општината. Штетата е е проценета на 15.412.159 денари.

И против поранешниот градоначалник на Василево, Ванчо Стојанов е поднесена кривична пријава за „злоупотреба на службената положба и овластување“. Осомничен е дека без докази овозможил исплата на отштета од поплави, а истовремено едно училиште и претпријатие во општината добиле значително помалку пари од проценетата штета.

Поранешниот градоначалник на Општина Росоман, Стојанче Лазов, пак, се сомничи за злоупотреба на службената положба затоа што на градежна фирма и исплатил фактура за градежни работи иако знаел дека тие не биле изведени. На овој начин, Буџетот на општината бил осиромашен за 574.636 денари.

Кривична пријава од МВР заработи и екс градоначалникот на Општина Лозово, Орце Цветковски затоа што во постапките за легализација на дивоградби ги злоупотребил своите овластувања во периодот од септември 2015 година, до март 2017 година.

За злоупотреба има кривична и поранешниот градоначалник на Ново Село, Блажо Велков. Тој се товари дека склучил Анекс кон Договорот за закуп на времен објект, со кој го продолжил рокот на времетраење на договорот од 5 на 11 години. Имало и други прекршувања на јавниот оглас, со што овозможил одредена компанија да биде во повластена положба на пазарот и со поголема имотна корист.

Неколку кривични пријави се поднесени и против поранешниот градоначалник на Неготино, Ванчо Апостолов. Без тендерска постапка склучил договор со лице за проценка на данок на имот за потребите на општина Неготино, со што го оштетил буџетот на општината за 132.000 денари. Една од кривичните е и затоа што спротивно на Законот за образование, овозможил лице да ја извршува функцијата – вршител на должност директор на основно училиште.

Има кривична и за договор за рекламирање без да спроведе тендер со што општината била оштетена за 7.800 евра. Кривична пријава има и затоа што ослободил фирма од плаќање на комуналии во којашто тој бил содружник/основач, а во висина од 1.765.000 денари, со што за таа сума е оштетен општинскиот буџет.

КОРИСНО ЧЕТИВО ЗА СДСМОВЦИ

Поранешениот градоначалник на Свети Николе, Зоран Тасев се сомничи дека на шефот на возниот парк му наредил на трошок на општината да наточи 48 литри еуродизел гориво во возило сопственост на татко му и 10 литри за потребите на противпожарната единица, а при плаќањето со „Верна“ картичка, регистрирана на Општина Свети Николе да прикаже дека 58,3 литри еуродизел гориво било наточено во автобусот сопственост на општината.

Има кривична пријава и за екс градоначалникот на Општина Берово, Драги Наџински. Се сомничи дека во период од две години, од јули 2015 до јули 2017 година во повеќе наврати ја злоупотребил својата службена положба. Поточно, дека во 32 наврати го злоупотребил службеното возило за лични цели.

И за крај, иако не е градоначалник, сепак како директор на општинско претпријатие, ќе ја споменам кривичната против поранешниот директор на охридскиот „Градски пазар“, Тони Коталески затоа што е „телефонска“. Осомничен е за „проневера во службата“, односно дека присвоил два мобилни телефони. Вредни 71.998 денари. Во оваа вредност тој предизвикал штета за Јавното претпријатие.

Прво, сиве овие кривични пријави ги препорачувам, како корисно четиво за сите актуелни градоначалници и локални директори. Да си знаат дека за користење на службено возило за приватни цели кривично се одговара. Ако примите на работа лице што има помалку стаж од условот на конкурсот, исто така. Ако Државниот ревизор ви нашол дупки во извештајот…

Јас, пак, имам впечаток дека сиве овие работи ги фураа сите градоначалнаци, сиве овие транзициски години. Само што ретко кој одговараше. Особено беа секогаш заштитетни градоначалниците од партијата што ја има централната власт. Освен некој исклучок, главно затоа што му се замерил на лидерот. Затоа, пак, откако друга партија ќе се насели на Илинденска б.б. се случува цунами од кривични против претходниците.

И второ, интересно е дека во овој МВР(О) градоначалнички крими серијал воопшто не се споменуваат градоначалниците од ДУИ. Фактот дека интегративците речиси и ги нема и во предметите на СЈО, ем дека беа амнестирани и за цивилните воени злосторства од 2001, излегува дека во партијата на Али Ахмети се саде ангелчиња. Верувам дека тоа е само последица на фактот дека ДУИ и натаму е на власт. И така едно шеснаесет години.

А тоа што и БЕСА и ДПА ќе влезат во владата на Заев, слободно може да се толкува дека и нивните ќе бидат оставени на раат. До наредната промена во Белата палата на Илинденска.


ОДГОВАРААТ КОГА ЌЕ СТАНАТ БИВШИ

Против поранешниот директор на Агенција за вработување, Влатко Поповски поднесена е кривична пријава за злоупотреба на службената положба за случајот во кој поранешниот министер за труд и социјална политика, Диме Спасов, беше фатен со службено возило на Агенцијата откако направи сообраќајна несреќа. Проценката на МВР е дека го оштетил буџетот на Република Мкедонија за вкупен износ од 13.725 евра.

Убедена сум 102 отсто дека да останеше ВМРО-ДПМНЕ на власт, овој случај не ќе беше истретиран вака – со кривична пријава. Но, не сум убедена дека сдсмовци извлекле наравоучение дека кривична одговорност за функционери следува откако ќе станат БИВШИ.

Поврзани новости