(АРХИВА) Интервју со Зекири: Заминувам од Алсат за да не му служам на злото ДУИ-ДПМНЕ!

by Фокус 15:24
15:24

Текстот е објавен на 21 октомври 2015 година во неделникот Фокус во бројот 1.046.

Откако Драги Рашковски се најде на обвинителна клупа поради незаконски спроведена тендерска постапка за набавка на софтвер, и неговиот наследник на позицијата генерален секретар во Владата е на патот да заврши неславно, откако обвинителството покрена истрага во која Мухамед Зекири е осомничен за незаконски договор за консултантски услуги за изработка на физибилити студија за „Македонски Пошти“.

Како што е познато, Зекири е поранешен новинар, кој одлучи влезе во политичките води, прво како потпретседател на СДСМ и републички пратеник, а потоа и како прв владин оперативец. Своевремено, кога тој неочекувано си замина од позицијата главен уредник во Алсат, Зекири во ексклузивно интервју за Фокус говореше за причината за ваквата одлука…

 „Нема да дозволам врз мој грб да се извршуваат некои политики со кои не се согласувам. Нема да дозволам да му служам на злото“, ја објаснуваше тогаш Зекири својата одлука за заминување од Алсат.

Разговарала: Јадранка КОСТОВА

ФОКУС: Твоите повлекувања од главен уредник на Алсат, но и од програмата на Алсат беше шокантна вест во новинарските кругови, претпоставувам и кај гледачите на Алсат, затоа што до тоа утро кога ја соопшти веста на Фејсбук, немаше никакви индиции дека има некакви проблеми во телевизијата. Проблеми со сопственикот или нешто друго? Ќе ни објасниш ли што беше поводот за овој радикален чекор?
ЗЕКИРИ: Комуникацијата меѓу мене и сопственикот беше моја лична, и објавив што објавив на Фејсбук, но не сакав да зборувам за причините веднаш. Дозволив да си легне работава, знам дека беше изненадување за пошироката јавност, затоа што, како што рековте и вие, немаше некакви најави дека нешто се случува и дека има некакви проблеми.

ФОКУС: Одлуката ја донесе преку ноќ?
ЗЕКИРИ: Одлуката ја мислев веќе неколку месеци, но конечната ја донесов откако се обидов за последен пат да разговарам со сопственикот да се сменат некои работи на патот по кој има тргнато. И во рок од три дена се случи сѐ. Во петокот имав една ситуација кога сопственикот одлучи да не искомуницира со мене за проблемите кои му ги посочив и кои треба да се сменат. Во понеделникот беше празничен ден, во вторникот се обратив со друг мејл дека ја сфатив поракатa и дека нашите патишта по десет години, тука се делат.

ДАВАВ ОТПОР НА ПРИТИСОЦИТЕ ДО КРАЈ

ФОКУС: Се мешаше во уредувачката политика, каде е проблемот во таа ваша комуникација?
ЗЕКИРИ: Значи, кажав дека причините се принципиелни. Јас како главен и одговорен уредник не дозволував колегите, било уредниците или новинарите, да ги почувствуваат разликите и проблемите. Тој се обидува да им објаснува на другите дека никогаш не се мешал во уредувачката политика, но јас знам низ што сум поминувал. Сум давал отпор до крај, сум ги бранел новинарите, новинарските принципи и не сум дозволувал тоа да се види на екранот. Но, со последниве работи и со новата одлука, бидејќи тој, сепак, е сопственик на телевизијата, тој ќе си ги сноси последиците за сѐ што ќе се случува понатаму со Алсат. Јас за овие десет години придонесов толку колку што можев. Алсат стигна таму каде што стигна и гледачите ја ценат работата.

ФОКУС: Оваа година Алсат се вивна на врвот, ја доби довербата кај албанските, но и кај македонските граѓани. Јас дури велам дека стана вирус во груевизмот. Зошто во еден ваков момент, во овие вакви премрежја што ги доживуваме сега, да се направи таков пресврт.
ЗЕКИРИ: Секој сопственик си има интереси. И неговите одлуки, за неговите лични придобивки од политиките што тој има намера да ги води, треба тој да зборува. Јас нема да дозволам врз мој грб да се извршуваат некои политики со кои не се согласувам. Цело време важам за критички новинар и продолжувам на тој начин да функционирам и нема да престанам. Нема да дозволам да му служам на злото. Злото на ова општество се ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Во една ваква политичка ситуација, да застанам и да бранам уредувачка политика што ќе застане во одбрана на владејачката партија, во оваа ситуација албанската, ДУИ, нема никогаш да дозволам.

ФОКУС: Но, телевизијата достигна врвен рејтинг и доверба. Зар сопственикот сака да го урниса тоа?
ЗЕКИРИ: Не можам да разберам кои се неговите мотиви, освен да се кријат некои работи што не ги знам. Можеби му се пријатели, можеби има други интереси, тоа е негова одлука и јас ниту ќе му ги избирам пријателите, ниту ќе дозволам тој или некој друг да ми ги избира мене. Но, имам свои принципи во животот и сакам да си останам човек до крај. Таков ќе останам и на злото нема никогаш да служам, па ниту во оваа ситуација. А повторно ќе кажам, злото за нашето општество не е само ВМРО-ДПМНЕ, туку иста вина има и ДУИ затоа што тие се партнери, нѐ водат од 2008 година заедно.

ФОКУС: Дали тоа значи дека ние сега на вестите на Алсат ќе следиме промоција на политиките на ДУИ и ДПМНЕ. Она што го имаме на „куртон“ вестите.
ЗЕКИРИ: Се надевам дека нема да одат до тој степен. Мислам дека ќе се воздржат во овој период така да настапат за да не биде тоа толку очигледно. Но, секако има заштитени функционери во ДУИ, нема да смее отворено да се разговара за нив и за нивните криминали и за нивните неуспеси во функционирањето.

НЕКОЛКУМИНА ОД ДУИ ИМАА СПЕЦИЈАЛЕН СТАТУС ВО АЛСАТ

ФОКУС: Кои се тие заштитени мечки од врхушката на ДУИ?
ЗЕКИРИ: Тоа се неколку лица, министри од врхушката, тоа се неколку министри кои во Алсат секогаш имале специјален статус. Можеме да зборуваме отворено дека тоа се Муса Џафери, Фатмир Бесими и Беким Незири и дури и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кои имаат специјален третман. Освен Абдулаќим Адеми за кого не важи тоа.

ФОКУС: Дали тоа значи дека ќе биде друг третманот за партијата на Гзим Острени, Унитате, Беса, Села итн. Значи во албанскиот блок се создава, едно превирање, престројување.
ЗЕКИРИ: Со моето влијание што го имав таму, се обидував да им дадам простор на сите. Не само ним.

ФОКУС: Алсат беше добро третиран во сите извештаи на ОБСЕ. Повеќе функциониравте како јавен сервис, отколку МТВ.
ЗЕКИРИ: Ние навистина сакавме да оставиме простор за сите, и покрај тие притисоци што јас лично ги имав. Сега каков ќе биде третманот кон нив? Имајќи го предвид пристапот на сопственикот со мене кон нивните политики, знам што може да се очекува.

ФОКУС: Што е тоа што ја направи ДУИ да дејствува по истите методи како ДПМНЕ? Затоа што сега гледаме еден „курирски“ напад кон тебе. Ти си сега т.н. новинар, сега ќе бидеш и предавник!
ЗЕКИРИ: Што ги спои? Тие се години заедно и учат еден од друг, односно ДУИ сега сака да ги копира ВМРО-ДПМНЕ. И да биде како ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ се разликуваше од ВМРО-ДПМНЕ, не бегаше од дебати, доаѓаше на дебати, лично да се јават и да се закануваат – такви работи немаше. Но, очигледно притисоците доаѓале од друга линија. Притисоците доаѓале преку сопственикот, кој потоа сакаше да влијае тука и тука мислам дека се прекршија работите затоа што јас не можам да си дозволам да му служам на злото.

Во делот за „куририте“, јас по објавувањето дека повеќе нема да бидам дел од Алсат, остварив неколку средби со претставници на странски амбасади кои ми кажаа дека чаирското крило во ДУИ веќе се фали и не крие дека по нивна заслуга било што јас си заминувам. Тоа само ми ги потврдува моите тези дека тие си правеле свои игри во заднина и се гордеат што јас нема да бидам таму и што нема да им бидам трн во око.

ФОКУС: Кој е најзаслужен од чаирското крило за твојата „егзекуција“?
ЗЕКИРИ: Најгласен е шефот на изборниот штаб на ДУИ, кој е министер за економија, кој има блиски односи со сопственикот на телевизијата.

НЕМА ДА МОЖАТ СИТЕ ДА ГИ ЗАМОЛЧАТ

ФОКУС: Пораката што дојде од Њујорк, каде што во сведочењето на Слободан Богоевски се споменуваат, наводно за примање мито, Али Ахмети и Муса Џафери, како беше доживеана, особено што не ја прикривавте како во провладините медиуми?
ЗЕКИРИ: Не ги прикривавме, ама и не ги третиравме како што требаше да бидат третирани. Беа сведени на минимум темите што се однесуваа на таа афера и тие сѐ уште така ќе се третираат, а дури мислам и дека повеќе нема да се спомнуваат. И воопшто нема да ме чуди тоа.

ФОКУС: Но, пораката веројатно е примена?
ЗЕКИРИ: Да, пораката е примена и по сето ова не можам да ги разберам некои луѓе што уште се слепи и не сакаат да видат што, всушност, се случува кај нас. Дека нема повеќе да се дозволува такви луѓе да бидат креатори на политиките на оваа земја.

ФОКУС: Од каде ќе се информираат албанските гласачи?
ЗЕКИРИ: Мислам дека сѐ уште има од каде да се информираат. Ќе има и нови медиуми што ќе се отвораат. И нема да можат сите да ги замолчат. Без разлика, да се биде Алсат, веднаш да се стане, нема да може ниту еден медиум, но и Алсат кога почна, не беше ова што е денес. Довербата тешко се гради, а лесно се губи. И другите нови медиуми што се отвораат, мислам дека може да придонесат, а луѓето веќе знаат да препознаат што е што. Не можете да ги лажете.

ФОКУС: Постои една неофицијална информација или шпекулација дека Муса Џафери наскоро ќе се повлече од вицепремиерското место.
ЗЕКИРИ: Тие сега сакаат да играат со трикови дека еве ние сега ќе го тргнеме Муса и тоа е првиот знак дека ние се реформираме кадровски. Тие никогаш нема да се реформираат со овие луѓе што ги имаат. Не можат, им ги знам капацитетите, а веќе и гласачите ги имаат прочитано. Заминувањето на Муса треба да има причина. Зошто си заминува? Треба да каже, дека не завршил ниту една работа, а целиот живот е министер? Или се повлекува сега поради аферата „Телеком“? Ако се повлекува поради аферата „Телеком“, тој во таа афера не е сам. Тука е вмешан и лидерот на партијата, Ахмети. Ако е вмешан, тогаш и Ахмети треба да се повлече од лидерската позиција. Тие сега сакаат лажно да се прикажат како фините, добрите, еве сега ќе носиме нови кадри.

ФОКУС: Но, тоа е копија на потезите на ВМРО-ДПМНЕ.
ЗЕКИРИ: Затоа реков, злото е заедничко и има едно име – ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Не може да биде едниот добар, другиот лош, а заедно ни ги креираат сите политики. И сите лоши работи со кои се соочува нашето општество е по нивна заслуга и тие си учат едни од други и си се копираат. ВМРО направиле вака, дај и ние ќе направиме така за да прикажеме, ќе ставиме некоја фигура на таа позиција и ќе продолжиме.

ИМАШЕ ОБИД ДА МИ СЕ ЗАБРАНИ КОМЕНТАРОТ ПРОТИВ ДУИ

ФОКУС: Еднаш веќе прогнозираше дека ДУИ повеќе нема да го достигне резултатот од последните парламентарни избори, колку и да се спорни тие. Очекуваш дека ќе има преполовен број на гласачи?
ЗЕКИРИ: Не само ДУИ, тешко дека некоја политичка партија во иднина од албанскиот политички блок ќе успее да го повтори тој резултат. ДУИ го постигна тој резултат благодарение на тоа што немаше друга опција за што луѓето би гласале. Опција не беше Мендух Тачи. Албанците не сакаа да слушнат за Мендух Тачи. А сега слушаме дека Тачи изразува желба и подготвеност да соработува со ДУИ. Нема да биде чудно ако настапат заедно, не се ни разликуваат. И двете партии на некој начин се на власт. Но, ДУИ на последните избори ги доби тие гласови ветувајќи дека ќе ги имаат една од трите најбитни функции кај нас, објаснуваа дека го бојкотираат изборот на претседател, а, всушност, тие помогнаа да се избере Иванов. Два дена по изборите, тие влегоа без никакви барања во владата на Груевски, со што јас веднаш излегов со коментар дека тоа е последното разочарување од ДУИ, со таков наслов ми беше мојот коментар.

ФОКУС: Немаше проблеми да го објавиш?
ЗЕКИРИ: Луѓето не знаат дека тој мој коментар првично не ми беше дозволено да го објавам, ама бев подготвен да си заминам од Алсат. Но, тогаш иако имаше многу обиди такво нешто да не се емитува, јас не дозволив. И коментирав, ДУИ нема да добие никогаш веќе толку гласови. Имајќи предвид дека тие ги имаат сите механизми во своите раце, особено партиските вработувања што ги имаат направено, максимум гласови што можат да добијат, според моја проценка, се меѓу 80.000 и 100.000, што не е мала бројка сѐ уште. Меѓутоа, единствениот начин да се победи ДУИ е останатите партии да соработуваат, да излезат со една заедничка листа, со една единствена цел – да се одземе политичкиот легитимитет на кој се повикува ДУИ. Под обединување мислам на Унитети, РДК, Беса и партијата на Зијадин Села, без ДПА.

Тие ако се здружат, јас сум убеден дека ќе имаат повеќе гласови од ДУИ. Во спротивно, албанскиот електорат нема да знае каде да се ориентира. Тогаш голем дел од нив може да апстинираат, а оние Албанци што нема да ги мотивираат да гласаат ќе отидат кај опозицијата, ќе ги земе СДСМ, а нема да биде мал нивниот број.

ЗНАЕЛЕ ПРЕМНОГУ, ЗАТОА НЕ СЕ ЖИВИ

ФОКУС: Изминатава недела имаше апсење на луѓе што учествувале во настаните во Диво Насеље во Куманово, па ми беше интересно и забавно кога од МВР соопштија дека кај дел од приведените нашле униформи на УЧК. Има ли Ахмети униформа на УЧК, дома? Некој пиштол заборавен по торбите?
ЗЕКИРИ:
Ахмети униформата му ја подари на Питер Фејт. Сите поранешни борци на ОНА, дел што се функционери, сигурно си ја чуваат дома. А можно е да се најде и по некој пиштол. Но, јас мислам дека военото крило на ДУИ, со кој тој се гордееше, со кое ДУИ придоби толку многу гласови и во 2002 кога се појави на политичката сцена, а и подоцна, тој веќе го нема. Гзим Oстрени си отиде, Зулфи Адили, кој, исто така, беше близок соработник си замина. Ермира Мехмети, која беше портпаролка и главна фигура, најави заминување. На промоцијата на изборниот штаб ги немаше Фатмир Дехари и Хазби Лика. Не му се појавија иако тие сѐ уште се дел од тоа. Уште поинтересно е што деновиве првпат јавно прозборе братот на Иса Лика, кој беше врвна фигура во ДУИ, беше заменик-директор во Царината 2002 и беше убиен во меѓувреме. Тој излезе сега со едно интервју каде што се сомнева кој може да стои зад убиството и тој прстот го вперува кон челниците на ДУИ.

ФОКУС: На тоа нема реакција…
ЗЕКИРИ: На тоа нема реакција сѐ уште. Но, луѓето се охрабруваат и почнуваат да зборуваат јавно дека не случајно имаме повеќе загинати припадници на ОНА по војната, отколку за време на самиот воен конфликт. Тој спомна во интервјуто во саботата во еден албански весник дека брат му Иса Лика и Харун Алиу знаеле премногу работи и затоа не требале да бидат живи.

ФОКУС: Јас, всушност, мислам дека оваа коалиција создаде еден правен монструозен систем.
ЗЕКИРИ:
Апсолутно. Самиот систем е монструм со самото тоа дека тие ни измислија и ни направија такви работи што не можеш да си помислиш дека има такви луѓе што можат такво нешто да испланираат. Куманово беше добар пример да се покаже дека луѓето веќе се свесни. Луѓето не сакаат и не можат да подлегнат на такви провокации, без разлика што имаше толку човечки жртви и што се случуваше сред населено место.

ФОКУС: Спогодбено го раскина работниот договор?
ЗЕКИРИ: Да, да! Не одам на работа од денеска веќе, затоа што сопственикот смета дека колегите не се чувствуваат слободно да си ја вршат работата, кога сум таму присутен, што е многу чудно. Јас до 31 сум официјално дел од телевизијата, спогодбено потпишав раскинување во петокот. Очигледно на сопственикот му е страшно да се појавувам во телевизија, зошто е така, само тој си знае. Тоа кажува за него лично. Јас кажав во мојот пост на Фејсбук дека, пред сѐ, останувам човек и новинар, верен на професијата. И ќе придонесам со мојот труд и понатаму работите да се менуваат на подобро во оваа наша заедничка земја.


ЌЕ ИМА ШОКАНТНИ ДЕТАЛИ ЗА „МОНСТРУМ“

ФОКУС: Oчекуваш ли контроверзните кумановски настани, но и случајот „Монструм“ да бидат расчистени во наредните месеци од Специјалното обвинителство?
ЗЕКИРИ: Се надевам и во интерес на сите е да излезе вистината за двата случаи. За кумановскиот настан имаме живи сведоци кои сѐ уште се притворени, не сме ги слушнале тие да зборуваат, да кажат што всушност барале таму и која им била целта. Контроверзиите за тој случај уште лебдат, не случајно беше дека последниве настани се поврзани со кумановските – ако МВР ги имало информациите што чекало до сега? Чекало погодни моменти за да си прави филмови? Да одвлекува внимание од суштинските проблеми со кои се соочуваме? Јас нема да се изненадам ако овие до изборите не ни направат нов филм, некојси обид да се прикажат дека патриотите од ВМРО и од ДУИ нешто се караат. Во однос на „Монструм“, имам некое чувство дека до пред изборите ќе имаме нови детали и ќе бидат шокантни за јавноста и ќе се дознае на крај вистината кој стоел зад тој монструозен чин и план за да се дестабилизира Македонија.


„ПАТОТ МОЈ“ ЌЕ ПРОДОЛЖИ НА ДРУГА ТЕЛЕВИЗИЈА

ФОКУС: Каде ќе може да те гледаме или да те читаме, што ти е планот?
ЗЕКИРИ: Јас само можам да ви најавам дека нема да застанам и дека многу бргу ќе бидам повторно на малите екрани. И ќе се вратам со многу поголем елан да не молчам и да дадам можност да се дебатира за сите случувања кај нас. „Патот кон“, нема да биде „Патот кон“, но „патот мој“ ќе продолжи во медиумите, а каде точно, се надевам дека многу бргу ќе дознаете. Некој можеби ќе се изненади од одлуката, имав понуди и од други медиуми, но и да се приклучам во политика, но, сепак, се решив и мислам дека мојот придонес ќе биде многу поголем во новинарството.

Поврзани новости