(АРХИВА-ИНТЕРВЈУ) Јовески: Незаконско постапување нема да толерирам!

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески ги открива деталите за „обвинителската кавга“ околу претресот во Управата за финансиска полиција. Тој е дециден дека не ѝ се меша на обвинителката Русковска во предметите, туку дека се грижи за законското почитување на постапките, што е и негова законска надлежност. Останува на ставот дека случајот мора да се расчисти до крај, потенцирајќи дека нема да толерира незаконско постапување. Јовески зборува и за спогодбите во „Империја“, откривајќи дека бизнисменот Камчев, во еден дел, бил соработник на правдата. Неговиот мандат завршува за една година, па вели дека не е оптоварен со изборот во Уставниот суд

by fokus 19:00
19:00

Разговараше: Валентина ВУРМО

ФОКУС: Утврдивте неправилности во постапувањето на обвинителството со кое шефува обвинителката Вилма Русковска при претресот во Управата за финансиска полиција. Таа, пак, ви се налути дека „не било ред да се расправате преку медиуми“, а реагираше и дека сте немале право да се мешате. Како ја коментирате ваквата реплика?

ЈОВЕСКИ: Се согласувам дека не треба да има расправија на институциите преку медиумите, но не е расправање преку медиуми доколку се укажува јавно, јасно и транспарентно за пропусти во одредена постапка.

Законот за јавното обвинителство е јасен. Точно е дека обвинителите се самостојни во постапувањето, но член 2 и 3 го дефинираат јавното обвинителство како единствен и самостоен орган, така што под единствен се смета организација според принципите на хиерархија и субординација.

За појаснување на јавноста, член 27 од Законот пропишува дека основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и јавните обвинители во тоа обвинителство за својата работа одговараат пред јавниот обвинител на РСМ и пред Советот на јавни обвинители, а член 28 став 2 пропишува дека надзор над законитото и навремено извршување на јавнообвинителската функција врши Јавното обвинителство на РСМ.

За какво мешање тука може да стане збор, кога е строго постапувано по закон. Сакам да укажам дека како јавен обвинител на РСМ нема да дозволам непочитување на постапките.

ФОКУС: Кога за утврдените неправилности беа информирани Русковска и другите две засегнати обвинителки?

ЈОВЕСКИ: Дека се работеше јавно и транспарентно покажува и фактот што подготвеното укажување, по надзорот на двајцата обвинители од ова јавно обвинителство, е доставено со доставна книга до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, што значи до неговиот раководител и до двете обвинителки.

Укажувањето е предадено и заведено во обвинителството во петок, на 29 минатиот месец, а во понеделникот, на 1-ви овој месец, како соопштение е доставено до медиумите. Истовремено, известување е доставено и до Управата за финансиска полиција, како подносител на претставката. Според тоа, транспарентноста во постапувањето за утврдените пропусти во никој случај не треба да се третира како препукување во јавноста.

ФОКУС: Значи обвинителката Русковска била информирана навреме, пред медиумите?

 ЈОВЕСКИ:  Да. Да појаснам. Обвинителите и вработените во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција знаеја дека во нивните простории за контрола се двајца обвинители што вршеа надзор. Потоа, откако ние го изготвивме укажувањето, најпрвин го доставивме до обвинителството, а подоцна ги известивме медиумите.

ФОКУС: Дали имавте лична комуникација со обвинителката Руковска по сево ова?

ЈОВЕСКИ: Не, обвинителката Русковска беше на годишен одмор и не се слушнавме. Во тоа време ја заменуваше обвинителката Ивана Трајчева со која разговарав по телефон.

ФОКУС: Надзорот утврди дека обвинителството му дало лажни податоци на судот во поткрепа на барањето за претрес. Што значи ова, дека освен анонимната кривична пријава што ја имале в раце, се повикале на докази што не постојат?

ЈОВЕСКИ: При надзорот на двајцата јавни обвинители утврдено е дека во предметот има анонимна кривична пријава и барање за издавање наредба за претрес до Кривичниот суд во просториите на Управата за финансиска полиција и личен претрес на нејзиниот директор. Имаше и писмо со кое се бара Управата да му достави на обвинителството информација за истите списи што се бараат и со наредбата за претрес.

Во барањето за издавање наредба за претрес до судот наведено е дека обвинителството има основи на сомневање дека е сторено кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“, но во списите од предметот, освен анонимната кривична пријава, нема други докази, ниту, пак, од нејзината содржина може да се утврдат елементи за постоење вакво кривично дело.

Исто така, во образложението на барањето се наведува дека по предметот се води предистражна постапка, меѓутоа констатирано е дека први дејствија се писмото за доставување на предметите и барањето наредба за претрес. Според тоа, пред да се достави барањето за добивање на предметите, нема списи дека се води предистражна постапка.

ПОСТАПУВАЊЕТО Е НЕПРИФАТЛИВО И НЕВООБИЧАЕНО

ФОКУС: Што сѐ, според налогот за претрес, обвинителството барало во Управата, бидејќи „сомнителните“ предмети што ги барало, не ги одзеле, туку за нив поднеле писмено барање за достава?

ЈОВЕСКИ: Тоа е нејасно постапување на јавните обвинители во овој случај. Бидејќи, како што спомнав, покрај другото се бараат предмети по оформени анонимни кривични пријави од 2018 година, па наваму и да се изврши личен претрес на директорот на Управата. Но, за истите списи што се бараат со претресот доставено е и писмено барање од истиот ден, односно за доставување податоци за анонимни кривични пријави за истиот период.

Сакам да нагласам дека постапувањето на ваков начин е неприфатливо и досега невообичаено. Како е спроведуван претресот и кои предмети се одземени, нам не ни е познато и за да не ја повредиме постапката, не испитувавме.

ФОКУС: Дали како што тврдеа некои медиуми, претресот бил по пријава во врска со „Беса транс“?

ЈОВЕСКИ: Не, ние веднаш демантиравме бидејќи се работи за дезинформација. А и сообраќајниот режим на моторните возила е во надлежност на МВР, а не во Финансиска полиција.

Уште еднаш сакам да апелирам за внимателност и професионалност на медиумите. Отворени сме секогаш, а пред да се објави оваа вест, никој од обвинителството не побара став.

ФОКУС: Надзорот утврди и дека обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска не биле надлежни да постапуваат по пријавата против Арафат Муареми, бидејќи тоа е под надлежност на Специјализираното одделение. Но зошто ова се зема за грев, кога според праксата, надлежноста може да се префрли дури и за време на истрага. Дали, сепак, постои сомнеж за лична пресметка против Муареми?

ЈОВЕСКИ: И при изготвување на Законот опсежно се размислуваше за функционирање на вакво специјално одделение и се проучуваа меѓународните искуства. Специјализираното одделение е основано поради целосно, непристрасно истражување и гонење на сторителите на кривични дела што имаат полициско овластување.

Во тој случај, бидејќи кривичната пријава се однесува на лица од Управата за финансиска полиција, нејзиниот директор, кои согласно Законот за финансиска полиција имаат полициски овластувања, единствено е надлежно да постапува ова специјализирано одделение.

Добро нагласивте дека определена надлежност може да се префрли, но тоа се прави откако ќе почне постапката и поради основани причини.

Во овој случај таа не е отпочната и исклучиво по кривичната пријава е надлежно специјализираното одделение. Кога се работи за лица со полициски овластувања, треба да биде формиран предмет во тоа одделение и да постапуваат јавни обвинители од тоа одделение. Само тие се надлежни да постапуваат по таква пријава.

ФОКУС: Обвинителката Русковска во моментот на претресот била на одмор, а нејзината колешка што го потпишала барањето за претрес, наводно не знаела што точно потпишува, но го ставила потписот бидејќи ѝ било речено дека тоа е наредба од шефицата. Дали овие сознанија на „Фокус“ се точни?

ЈОВЕСКИ: Обвинителите што го извршија надзорот утврдија дека на денот на вршењето на претресот обвинителката Русковска го почнала користењето на годишниот одмор. Во нејзино отсуство ја заменувала обвинителката Ивана Трајчева. Барањето за наредба за претрес, кое е изготвено во име на обвинителката Русковска, го потпишала обвинителката Елизабета Јосифовска.

За тоа кој го изготвил барањето, кој наредил да се потпише, дали обвинителката што го потпишала знаела што потпишува или тоа ѝ било наредено, кој го доставил барањето до судот, кој го организирал вршењето на претресот, но и за други релевантни околности задолжена е обвинителката Русковска да достави информација до Јавното обвинителство на РСМ.

ФОКУС: Зар очекувате шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција самата да го насочи прстот на вина кон себе, се разбира доколку има пропусти?

ЈОВЕСКИ: Обвинителката Русковска ја задолжив од две причини. Прво таа е раководител на ова обвинителство, но и како обвинител кој за својата работа одговара пред јавниот обвинител на РСМ. Очекувам дека ќе постапи по задолжението, а доколку тоа не се случи и не ја достави целосната барана информација, јас како јавен обвинител ќе ги преземам сите неопходни чекори за утврдување на релевантните факти за евентуалната одговорност на јавните обвинители. Нагласувам дека незаконско постапување нема да толерирам!

БЕВ ИЗНЕНАДЕН ОД ИЗЈАВАТА НА РУСКОВСКА

ФОКУС: Кои се можните последици за обвинителите што учествувале во предметот доколку се докаже нивно незаконско постапување. Дали им се заканува разрешување?

ЈОВЕСКИ: Веќе кажав дека случајот ќе се испита до крај и доколку се утврдат намерни неправилности и пропусти, секој ќе одговара за своите постапки и за кршење на законите.

ФОКУС: Обвинителката Руковска обвини дека ѝ се врши притисок и побара заштита од амбасадите. Праша зошто се напаѓаат клучните обвинители што водат постапки против сегашни и поранешни високи владини функционери?

ЈОВЕСКИ: Изненаден бев од ваквата изјава дадена во ноќните часови. Повикот за вмешување амбасади, меѓународниот фактор и европскиот обвинител му штетат на угледот на обвинителството и на државата. Всушност и одговорот на сите повикани е јасен, дека тоа треба да се реши низ институциите на системот и дека никој не може да ги решава нашите проблеми, туку ние самите. Обвинителството има капацитети и институционални можности независно да одлучува без надворешни фактори.

И самата обвинителка, која има повеќе од тридецениско обвинителско искуство, уверен сум дека по извесно време ќе ја увиди големата штета од ваквата изјава. Недозволиво е јавен обвинител да ја прекршува пресумпцијата на невиност, јавно да се заканува со конкретни предмети и имиња, а особено со оние за кои сѐ уште се води постапка. Само во текот на постапката може да се изведуваат и презентираат докази за извршување на кривичното дело и одговорноста на осомничениот.

ФОКУС: Дали претходно обвинителките се пожалија на притисоци?

ЈОВЕСКИ: Никој од обвинителите од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција или некој од обвинителите од другите обвинителства не се пожалил на притисоци во извршувањето на функцијата. Повеќепати јавно сум изјавувал и сум ги повикувал обвинителите доколку некој им врши притисок, веднаш да пријават и да не потпаѓаат под никакви влијанија.

Единствено сум барал законито постапување и почитување на правата. Во повеќе јавни изјави и во пригодни обраќања до обвинителите секогаш сум се залагал за нивната самостојност и за непотклекнувањето на какви било притисоци.

Но, сепак, по завршувањето на годишните одмори, ќе побарам Русковска да закаже стручен колегиум во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција на кој ќе ги разгледаме овие прашања, а во текот на септември ќе се изврши целосен надзор над работата на ова обвинителство.

ФОКУС: Зошто, се сомневате и за други пропусти?

ЈОВЕСКИ: Не, не постои сомнеж дека се постапувало несовесно во ова обвинителство, туку таа контрола подолго време не е извршена, особено сега поради ситуацијата со ковид 19. И тоа не е случај само со ова обвинителство, туку и со другите. Само онаму каде што  беше нужно потребно беа вршени вакви контроли зашто најважно беше да не се загрози здравјето на вработените и обвинителите со непосредни контакти.

ПРЕДМЕТОТ ПРОТИВ УПРАВАТА НЕ ЗАПИРА!

ФОКУС: Што ќе се случи сега со предметот кој се однесува на Управата за финансиска полиција? Што доколку таму навистина има криминал?

ЈОВЕСКИ: Ако го анализирате даденото укажување до обвинителството, во него не се анализира кој е одговорен, ниту, пак, какви одлуки треба да донесе или какви дејствија натаму во постапката треба да преземе јавниот обвинител.

Откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ќе постапи по укажувањата, по анонимната пријава ќе се постапува така како што се постапува по сите кривични пријави. Доколку определени докази се обезбедени на незаконит начин, тие треба да се отстранат од списите.

Јавниот обвинител што ќе постапува по предметот, ќе утврди кои дејствија натаму треба да ги презема во постапката. Нашата интервенција не беше во делот на мешање во работата на јавните обвинители. Интервенцијата беше во обезбедување законитост во постапувањето на пониско обвинителство, како што е и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

ФОКУС: Дали тоа значи дека доказите обезбедени со претресот се незаконски и ќе се издвојат од предметот и што точно беше одземено, дали меѓу предметите беше и телефонот на директорот Муареми?

ЈОВЕСКИ: Веќе кажав дека предмет на надзорот не беше личниот претрес на директорот на Управата за финансиска полиција и претресот во просториите на Управата. Не ми е познато дали и кои предмети се одземени.

ФОКУС: Нема ли вина и судот, бидејќи, сепак, наредбата за претрес ја одобрил судија на претходна постапка? Дел од адвокатите реагираа дека со ова проблемот излегол на виделина, односно се докажа дека обвинителството не се третира како еднаква странка во постапката, туку е привилегирано, бидејќи судот му удоволува при барањата за претрес.

ЈОВЕСКИ: Тој дел обвинителството не го истражува. Битно за законитоста во нашата работа е што се утврди дека во барањето за издавање наредба за претрес, определени податоци погрешно му се прикажани на судот. Сѐ друго е надлежност на Кривичниот суд.

СЛУЧАЈОТ СО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА НЕ Е ЗАТВОРЕН

ФОКУС: До каде е постапката за неуспешната конфискација за случајот „Трансмет“? Државниот правобранител Фехми Стафа ги пријави обвинителите Гаврил Бубевски и Артан Ајро, како и Муареми, а од друга страна се води постапка и за улогата на правобранителот. Што е утврдено досега?

ЈОВЕСКИ: Во конкретниот предмет се испитуваат наводите од повеќе кривични пријави, односно се проверува постапувањето на сите надлежни за извршување на конфискацијата. Предметот го води надлежен обвинител од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кој во рамки на предистражната постапка, која е во тек, собира докази и ги презема неопходните проверки за постапувањето на сите надлежни институции.

Јавниот обвинител што постапува по предметот се обрати до ЈОРМ со барање да добие мислење дали предметот треба да остане во тоа обвинителство, со оглед на тоа што една од кривичните пријави се однесува и на обвинител од истото обвинителство.

Колегиумот зазеде став дека нема конфликт на интереси и дека нема пречки обвинителот да продолжи да постапува. Очекувам во оваа постапка детално да се проверат сите наводи во кривичната пријава во врска со постапувањето на сите надлежни институции.

ФОКУС: Неодамна беше поднесен обвинителен предлог против тројца медицински лица за пожарот во модуларната болница во Тетово. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека не се гонат вистинските виновници, посочувајќи на одговорност на Министерството за здравство. Дали воопшто се истражуваше улогата на Министерството?

ЈОВЕСКИ: Прво сакам да кажам дека не коментирам изјави на политичари и на политички партии. Како јавни обвинители, свесни сме дека ниту една кривична постапка не може да ја надомести загубата на семејствата на трагично загинатите во оваа катастрофа.

Сакам да ги уверам и нив и јавноста дека обвинителите од самиот почеток професионално постапуваа и тоа обвинителите од Основното јавно обвинителство во Тетово и двајцата обвинители од скопското обвинителство. Тие целосно го истражија случајот, како дојде до трагедијата и по утврдените факти поднесоа обвинителен предлог.

Да појаснам. Нивната одговорност не се однесува на конкретните причини за настанување на пожарот бидејќи во тој дел вештачењата на МВР и она на германските експерти се истоветни. Одговорноста во предметот на обвинетите е за нивниот придонес за тешките последици и за обемот на катастрофата.

Во текот на постапката, не само Основното јавно обвинителство, туку и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција утврдуваа дали има одговорност и кај други субјекти во врска со изградбата на модуларната болница, но од обезбедените податоци досега нема сознанија за одговорност и на други лица.

ФОКУС: До каде е истрагата за „Беса транс“? Онаа во Бугарија заврши со утврдување одговорност на возачот, но што е со постапката што се води во Македонија?

ЈОВЕСКИ: Истрагата за причините на катастрофалната несреќа беше во целосна надлежност на нашите колеги од Бугарија. Како јавно обвинителство, веднаш на располагање ги ставивме сите капацитети за да се изврши идентификација на жртвите и за обезбедување на документација за компанијата и организаторот на превозот.

Од друга страна, со оглед на големиот број информации што се појавија по несреќата и што се однесуваат на работата на компанијата и на организаторот на патувањето, во скопското обвинителство е оформен предмет во рамките на кој во целост се испитува компанијата и постапувањето на институциите надлежни за контрола на нејзиното работење. Во моментов се проверува вистинитоста на податоците што компанијата им ги дала на царинските служби и се очекува наскоро и за овој предмет да се донесе јавнообвинителска одлука.

КАМЧЕВ ВО „ИМПЕРИЈА“ БЕШЕ СОРАБОТНИК НА ПРАВДАТА

ФОКУС: Предметот „Империја“, во поголемиот дел се заврши со спогодби. Јавноста реагираше на минималните затворски казни што ги добија Орце Камчев и Сашо Мијалков. Кој е вашиот став, дали мислите дека правдата е задоволена со направените спогодби?

ЈОВЕСКИ: Голем дел од негативните реакции во јавноста се резултат на неуспехот доволно добро да објасниме што точно претставуваат спогодбите. Спогодбата како институт ја пропишува Законот за кривична постапка. Не станува збор за привилегија. Секој обвинет има право да побара спогодување пред поднесувањето на обвинителен акт.

Се разбира, основен услов за тоа е обвинетиот да признае вина и да прифати кривична санкција, која може и да биде ублажена, но не под границите определени во Кривичниот законик за конкретното кривично дело. Овој институт е корисен за ефикасно водење на постапките бидејќи се намалува нивното времетраење и трошоците.

Сепак, дали ќе се оди кон спогодување е одлука што треба внимателно да се донесе, анализирајќи ги сите факти и околности на случајот. Треба да се има предвид дека предлог-спогодбата ја одобрува надлежниот суд.

ФОКУС: Но, и Катица Јанева кроеше план за спогодби, која е разликата?

ЈОВЕСКИ: По предметот „Империја“ до овој момент, за седум лица судот донесе пресуда врз основа на предлог-спогодба, што во суштина значи дека тие обвинети лица признале вина за кривичното дело.

Не може да се прави паралела со 2019 година и „идејата“ на Катица Јанева за спогодување, бидејќи во тој момент ниту биле обезбедени доволни докази за донесување пресуда, ниту фактичката состојба можела да се утврди за да се почне постапка за спогодување.

За да се донесе пресуда по предлог-спогодба, потребно е да бидат исполнети основите од ЗКП, што тогаш не било случај. Што е поважно? Тогаш таквата „идеја“ за спогодби е резултат на дејствија со кои е извршено кривично дело, кое се утврди и во кривична постапка пред судот.

Во овој предмет „Империја“ треба да се има предвид дека станува збор за дејствија извршени од повеќе лица, правни субјекти и пред повеќе од десетина години, за кои доказите тешко се обезбедуваат и сложеноста на случајот бара значително ангажирање и стручност од јавниот обвинител, во случајот Лиле Стефанова, која постапуваше по овој предмет.

Да повторам, со пресудите обвинетите се огласени за виновни за кривичните дела, утврдено е кривичното дело што го извршиле, на некои им се изречени и казни затвор, конфискуван е имот за кој се докажа  дека е стекнат незаконски.

ФОКУС: Зошто бизнисменот Камчев доби значително пониска казна и плати помала отштета на државата од Мијалков, кога за време на истрагата и двајцата беа на врвот на „Империјата“, по мерење на одговорноста?

ЈОВЕСКИ: Тоа е уште едно прашање за кое има потреба од поконкретно појаснување. Двајцата беа обвинети за различни кривични дела за кои и пропишаните казни затвор се разликуваат. Што се однесува до паричниот дел, Орце Камчев беше обвинет за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ со која нанел штета на буџетот.

Покрај затворската казна, тој како услов за да влезе во постапка за спогодување мораше најпрвин да ја надомести штетата од 5,2 милиони евра што ја нанел по основ на затаен данок во 2004 и во 2005 година со фирмата „Орка холдинг“. Сумата што ја плати Камчев на државната сметка произлегува од вештачењето што го изготвиле професори од Економскиот факултет.

На обвинетиот Сашо Мијалков на товар му се ставаа две кривични дела, „Злосторничко здружување“ и „Противправно стекнување имот“. Тука воопшто не станува збор за отштета кон државата исплатена за да се издејствува намалување на казната, како што беше претставено во јавноста. Станува збор за конфискација на имот за кој јавниот обвинител докажа дека потекнува од кривични дела.

За секое обвинето лице, според основите определени во законот, се врши индивидуализација на казната. Во тие околности, покрај признанието на вина, надоместувањето штета пред спогодбата, за Камчев олеснителна околност е дека за еден дел од истрагата тој беше соработник на правдата, што е од суштествено значење за утврдување на определени решавачки факти.

ОБВИНИТЕЛИ СО ИНТЕГРИТЕТ ОЧЕКУВАМ ВО ТРКАТА ЗА ШЕФ НА ОРГАНИЗИРАН

ФОКУС: Изборот на уставни судии веќе подолго време е заглавен во Собранието. Дали очекувате да бидете избран?

ЈОВЕСКИ: Неколкупати имам одговорено на ова прашање. Не сум оптоварен со тоа дали ќе бидам избран, но доколку Собранието ме избере, со моето искуство можам да придонесам во работата на Уставниот суд.

ФОКУС: Кој од обвинителите го гледате за ваш наследник? И актуелната шефица на организиран, Русковска, откри дека има амбиции за републички јавен обвинител?

ЈОВЕСКИ: Секој што смета дека има капацитет да ја извршува оваа одговорна функција и ги исполнува условите, може да се јави на оглас за избор на јавно обвинител на РСМ. Одлуката е кај Советот на јавните обвинители, Владата и Собранието, кои имаат свои надлежности во изборот на јавен обвинител. Но, нагласувам дека може да се пријави секој што ги исполнува условите. И во таа смисла сакам да кажам дека мојот мандат завршува следната година, кон декември, што значи дека имам година и уште неколку месеци од мојот мандат.

ФОКУС: Мандатот на Русковска завршува во ноември. Обвинителите за првпат, новиот шеф ќе го гласаат на избори. Мислите ли дека ова ќе се покаже како добар начин за избор?

ЈОВЕСКИ: Да, тоа ќе биде прв непосреден избор од сите обвинители во државата. Очекувам дека на изборот ќе се пријават професионални и високо стручни јавни обвинители и обвинители со интегритет. Уверен сум дека сите обвинители ќе бидат на висина на задачата и ќе го изберат најдобриот обвинител.

ФОКУС: И во годинешниот извештај на Обвинителството е констатиран недостиг од обвинители. Кога очекувате засилување?

ЈОВЕСКИ: Новата генерација обвинители што ќе излезе од Академијата нема да го реши проблемот со недостиг од обвинители, туку само ќе го ублажи. Во моментов недостасуваат околу 100 обвинители, во декември ќе дојдат нови 29 обвинители. А понатаму ќе се смета на новите кандидати, кои ја почнаа двегодишната обука во Академијата.

ФОКУС: Довербата во правосудството е минимална, скромни 8 отсто, па дали последните случувања дополнително влијаат врз намалувања и на така прениската доверба?

ЈОВЕСКИ: Се разбира дека и тоа ќе влијае врз довербата на јавноста во Јавното обвинителство. Со право Здружението на обвинителите укажа дека се нарушува угледот, и затоа обвинителите мора да водат сметка да го зачуваат своето достоинство, но и достоинството на професијата за која се определиле.

НЕЗАКОНСКИ Е НЕКОЈ ДА СЕ ВОДИ ДЕКА Е ВО ЗАТВОР, А ДА Е НАДВОР ОД НЕГО

ФОКУС: Дали според вас се потребни законски измени за да се спречи затворскиот туризам во популарниот струшки затвор?

ЈОВЕСКИ: Сосема јасно да кажам дека на ваков начин не смее да се изигрува законот. Мора еднакво да се применува за сите.

Првите осум години од мојата кариера работев во Секторот за извршување санкции во Министерството за правда. Казнено-поправните установи од отворен вид, како што е оној во Струга, имаат внатрешен ред и спротивно на закон е некој да се води на издржување казна затвор, а повеќе од времето да е надвор од установата.

Сметам дека со доследно применување на важечките прописи можат значително да се подобрат состојбите. Но, заради надминување и други проблеми во делот на извршувањето казна затвор, треба да се размислува за изменување на Законот за извршување на санкциите.

Врзувањето на местото на живеалиште на осуденото лице за тоа во која казнено-поправна установа ја издржува казната е од аспект на близината на неговото семејство.

Судиите за извршување на санкциите треба да утврдат дали со овие лица што го промениле во последно време живеалиштето, истовремено тоа го направиле и членовите на нивните  семејства. Доколку тие не го промениле, судијата може да донесе поинаков упатен акт, односно да го упати осуденото лице казната да ја издржува во КПУ на неговото претходно живеалиште.

СЛУЧАЈОТ СО БЕГСТВОТО НА ГРУЕВСКИ НЕ Е ЗАТВОРЕН

ФОКУС: Има ли некаков напредок во истрагата за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски?

ЈОВЕСКИ: Обвинителството спроведе опсежна истрага во која поради нецелосната соработка и недавањето на бараните снимки од камерите од страна на органите на Република Албанија не можевме да дојдеме до напредување во постапката. Случајот не е затворен и доколку МВР и други надлежни органи, или доколку со вештачење на безбедносните камери се дојде до нови релевантни сознанија или докази, постапката по предметот ќе продолжи.

РАЗГОВАРАВ ТЕЛЕФОНСКИ СО РУСКОВСКА ЗА СНИМКАТА СО КАМЧЕВ

ФОКУС: Дали побаравте објаснување од обвинителката Руковска за снимката што беше објавена неодамна, а на која самата посочува дека разговара со Камчев? Дали доликува на еден обвинител да има таква конверзација со сведок или осомничен?

ЈОВЕСКИ: Со оглед дека обвинителката Русковска е на годишен одмор, за ова разговаравме по телефон. Таа ме информираше за што се работи и ми појасни дека снимката е од периодот кога се обезбедувани докази за случајот „Рекет“. Гласот на соговорниците во снимката е прикриен, но доколку се работи за сведок или осомничен, не доликува ваква конверзација на обвинител.

 

Поврзани новости