(АРХИВА) Доколку Груевски биде осуден во „Талир“, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја изгуби Белата палата

По бегството на екс премиерот Никола Груевски, на сигурно, во Унгарија, тој на цедило ги остави своите некогашни најблиски соработници, кои први, наместо него, ги осетија затворските решетки на свој грб.  Но, освен соработниците, Груевски се чини дека на цедило ја остави и целата партија, бидејќи доколку биде осуден во случајот „Талир“, ВМРО-ДПМНЕ ќе го изгуби луксузното седиште, а ќе остане и без голем дел од останатиот имот!

by Fokus

Текстот е објавен на 29 ноември, 2018 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.208

Пишува: Валентина ВУРМО

 Неодамна заврши првата и најголемата истрага на СЈО за кривичното дело „перење пари“, а која се водеше под кодното име „Талир“.

Обвинителката Ленче Ристоска стокми два обвинителни акта, бидејќи истрагата се подели на два дела, и тоа за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и вториот дел се однесува на незаконската изградба на седиштето на партијата или позната како „Белата палата“.

Обвиненијата веќе десетина дена се во Кривичниот суд, каде се врши нивна оцена. По оцената ќе биде познато дали и кога на обвинетите ќе почне да им се суди.

Доколку судот ги прифати обвиненијата, наскоро на обвинителна клупа ќе седне дел од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, се разбира освен „оправдано“ отсутниот Никола Груевски, кој е во бегство.

„Оправдано“ отсутни, по се изгледа, ќе бидат уште неколку поранешни функционери и соработници на Груевски, за кои се шпекулира дека наместо на листата на обвинети, се нашле на листата на сведоци.

ОД 11 ОСОМНИЧЕНИ, СЈО ОБВИНИ САМО ШЕСТМИНА

 Поточно, кога обвинителството почна да ја чешла ВМРО-ДПМНЕ, односно за време на предистражната постапка, бројот на осомничени се движеше над 14 лица, но со тек на времето бројот опаѓаше, па така на 22 мај 2017 година, кога СЈО информираше дека отворило истрага, соопшти дека бројот е опаднат на 11.

Една ипол година подоцна, пак, по завршувањето на истрагата, осомничените се преполовија на шестмина, а од СЈО не образложија зошто им се намалил бројот на „злосторници“.

Во делот за незаконското финансирање на партијата, покрај Груевски обвинети се и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, екс министерот Миле Јанакиески, пратеникот Илија Димовски, како и Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска, кои биле со ангажман во партијата, но и самата партија, како правно лице.

За незаконската изградба на партиското седиште, пак, СЈО одговорност бара само од двајца и тоа од Груевски и Божиновски.

Преполувањето на бројот на осомничените не е скандалозен потег на обвинителството, бидејќи не е невообичаено во текот на истрагата да произлезат докази кои ги менуваат првичните околности, и тоа во корист на осомничените, но сепак, отвора нови интересни моменти, па и шпекулации.

Првата шпекулација, и тоа ни помалку ни повеќе, туку за пазар, ја покрена екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, кој откри дека и сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, бил дел од осомничените, но потоа неговото име исчезнало.

Кој и како издејствува, ти Христијан кој беше ставен во предистражната постапка за предметот „Талир“, поврзан со финансирање на партијата во време кога ти беше генерален секретар, да бидеш тргнат од листата?

Дали ти не се испазари за самиот себе на грбот не само на другите, туку и на Македонија и на нејзиното уставно име?, напиша неодамна Мијалков во отвореното писмо адресирано до Мицкоски.

Обвинителката Јанева, пак, појасни дека периодот во кој Мицкоски бил генерален секретар на партијата не е опфатен како период на истрагата, нагласувајќи дека во истиот период нема констатирано кривично дело.

Од листата на осомничени во предистрагата исчезнаа уште неколку звучни имиња и тоа пратеничката Даниела Рангелова, како и поранешните владини функционери Мартин Протоѓер, Емил Димитриев, Александар Бичиклиски и Иво Котевски.

Постојат повеќе причини поради кои може овие лица да не се меѓу обвинетите, и тоа – обвинителството да не обезбедило доволно докази против нив, да станале соработници на правдата, односно да се согласиле да бидат сведоци или, пак, најшпекулативната варијанта, е дека успеале на некој начин политички да се испазарат.

РАНГЕЛОВА, КОТЕВСКИ И БИЧИКЛИСКИ СЕ СПАСИЈА ОД КРИВИЧЕН ПРОГОН

На 9 јуни минатата година пратеничката Рангелова заедно со уште неколкумина сопартијци беа повикани во просториите на СЈО, на распит.

По излегувањето од обвинителството, Рангелова самата обелодени дека била повикана во својство на осомничена. Појасни дека обвинителите и посочиле дека дополнително ќе и предочат докази, но на кратко и објасниле за што ја гонат.

Ми кажаа дека сум осомничена како организатор на група која пополнувала уплатници на донации на ВМРО-ДПМНЕ во 2010 година. Таа година јас не сум донирала ниту пак сум имала некоја функција, туку бев само член на општинскиот комитет Центар, затоа не ми е јасно зошто ме гонат, рече низ насмевка Рангелова, додавајќи дека не се чувствува виновна.

Една година подоцна и СЈО смета дека пратеничката нема вина, иако претходно медиумите, повикувајќи се на извори од истрагата, пишуваа дека Рангелова е оперативецот. Поточно, дека таа ја имала главната улога во спроведувањето на лажните уплати, односно на членовите на партијата им давала бланко уплатници на кои тие ги внесувале имињата и ставале потпис. А потоа на уплатниците биле пишувани суми пари кои наводно членството на име донации ги уплатувало на сметката на партијата.

Случајно или не, Рангелова го смени својот однос кон матичната партија, односно критички е настроена кон раководството, а и се оградува од дел од политиките кои партијата ги спроведуваше во минатото. Таа се споменуваше како еден од пратениците кој ќе се одметне и ќе гласа за уставните измени, но сепак, таа не крена рака.

Сепак, пратеничката во изјава за „Фокус“ појаснува дека таа не е една од обвинетите, бидејќи СЈО увидело дека нема докази против неа, односно според нејзините сознанија, тој што ги делел уплатниците го признал делото. Таа потенцира и дека нема да се појави како сведок во случајот.

Според информациите од тогашната истрага, во изготвувањето на лажните уплатници наводно бил вклучен и Игор Есмеров, тогашен претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Центар, но сега и тој како Рангелова не е дел од обвинетите.

Дел од овие уплати биле пишувани со ист ракопис, а уплатувани во банките во рок од 20-30 секунди. Во еден ден, на пример, на овој начин биле уплатувани од 12.000 до 30.000 евра.

Од кривичен прогон се спаси и техничкиот премиер Емил Димитриев, кој се посочуваше како еден од потписниците на финансиските извештаи на ВМРО-ДПМНЕ кои со лажни податоци биле доставувани до државните инсистуции. Од прогон се спасија и Котевски и Бичиклиски, кои во истрагата се сомничеа дека дел од црните пари ги користеле за намирување на редовните обврски и плаќање на сметки, маркетинг услуги и услуги за истражување на јавното мислење, хотелски, ресторантски и кетеринг услуги.

Го прашавме Котевски дали знае зошто не е на листата на обвинети, односно дали против него СЈО немало доволно докази, или е предложен за сведок?

Котевски ни посочи дека прашањето треба да го упатиме во СЈО. Потсети само дека уште за време на истрагата, кога бил повикан во својство на осомничен, пред јавноста изјавил дека нема никаква вина.

 ЗВРЛЕВСКИ НЕ ВИДЕ КРИМИНАЛ ВО ФИНАНСИРАЊЕТО НА ВМРО-ДПМНЕ

 Но, вака било за време на истрагата. Кога доаѓа моментот на пишување на обвиненијата, СЈО го стеснува кругот, па за незаконското финансирање на партијата гони само шестмина.

Мозокот, односно организаторот на криминалната група, која во периодот од 2009 до 2015 година испрала 4,6 милиони евра за финансирање на партијата  според СЈО, е екс премиерот или сегашниот бегалец, Груевски.

Неговите мотиви, според СЈО, биле исклучиво од лична природа.

Неговите мотиви биле поврзани со зацврстување на неговата политичка моќ и позиција во партијата и во државата, како и обезбедување на целосна контрола над политичката партија, вели обвинителката Јанева.

Груевски, заедно со Јанакиески и Божиновски се гонат за две кривични дела и тоа за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и за „перење пари“, а Димовски, Ристоски и Чингаровска, како и политичката партија „ВМРО-ДПМНЕ“ се гонат за едно кривично дело „перење на пари“.

Како што појаснуваат од обвинителството, Груевски обезбедувал пари од анонимни и противправни извори, а помош имал и од Јанакиески и Божиновски, кои користеле поригорозни методи, односно вршеле притисок врз сопствениците на компаниите кои добивале државни тендери, па за возврат ги принудувале да издвојат дел од парите за партијата.

За да прикријат дека овие пари доаѓаат од недозволени извори, четворката Груевски, Божиновски, Јанакиески и Чингароска организирале шема за перење на парите, односно да ги „легализираат“ парите преку готовинска уплата на жиро сметката на партијата. Парите биле уплатувани од име на граѓани, најчесто партиски приврзаници, под превезеот на „донации“ и „членарина“.

Откако парите легнале на сметка, Димовски, Чингаровска, Ристоски и Јанакиески, кои биле овластени потписници на партиската сметка, иако знаеле дека парите се „валкани“, сепак со нив купувале недвижен имот за партијата, а се подмирувале и тековни обврски.

„Фокус“ низ годините пишуваше за лажните донации во ВМРО-ДПМНЕ, но тоа не го размрда надлежното обвинителство.

Кон крајот на 2011 година откривме дека земјоделци, секретарки и учителки, пензионери и редари, донирале пари за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за јунските избори. Секој по 1.000 евра! Цела една бригада од 530 луѓе така собрале 510.000 евра за да ѝ овозможат победа на својата партија.

Аферата, пак, прв се чини дека ја откри некогашниот студентски лидер и член на ВМРО-ДПМНЕ, Самоил Малчески. Уште во 2008 година

тој јавно истакна дека иако не донирал за партијата, заедно со неговата мајка и сестра се нашле во финансискиот извештај за 2006 година како донатори и тоа, дека донирале 550.000 денари.

Обвинителството тогаш се направи глуво, но немаше бегање во 2013 година, кога во интервју за неделникот „Фокус“ Малчески го повтори скандалот. По упорно барање одговор, дали сега конечно ќе отворат истрага, републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски истакна дека го прочитал написот во неделникот, по што овластувањето да постапува со предметот му го препуштил на скопското јавно обвинителство.

Засега единствено можам да кажам дека е отворен предмет, по допрен глас, и ќе се работи за да се утврди дали има сомнежи за сторено кривично дело. Неблагодарно е уште сега да се прогнозира што ќе се случи, ни одговори тогаш обвинителката Гордана Гешкоска.

По повеќе од две години „истрага“, на 4 декември 2015 година Малчески писмено бил известен дека таа е запрена.

Ве известуваме дека ова јавно обвинителство нема да поведе кривична постапка, бидејќи по направените проверки, произлезе дека не постои основано сомневање дека било извршено наведеното кривично дело, ниту друго кривично дело кое се води по службена должност, се вели во известувањето кое на Малчески му го испратил јавниот обвинител Сашо Рајчев.

И БИЗНИСМЕНОТ МИНЧО ЈОРДАНОВ МЕЃУ СВЕДОЦИТЕ?

Но, за разлика од редовното обвинителство, СЈО ја презеде работата во свои раце. Биле сослушани над 260 сведоци, а биле анализирани и 11.886 уплатници. Исто така, обвинителката Ристовска во рака држи и десетици „бомби“, кои ја зачинуваат операцијата за перење на парите.

Според неофицијалните информации на „Фокус“, освен фиктивните донатори, односно, освен што во уплатниците имало податоци на лица кои физички не биле во банка за да ја извршат трансакцијата, туку некој тоа го сторил во нивно име, имало и уплатници на кои стоеле податоци од мртви лица. Поточно, неколку уплати биле извршени со уплатници на кои биле напишани имиња на живи лица, но со матични броеви на починати!? Па кога можат мртвите да гласаат, зошто не би можеле да бидат донатори, и тоа не на органи, туку на пари! Најверојатно тоа било логиката.

Вториот дел од истрагата за „Талир“, за кој СЈО поднесе посебно обвинение, се однесува на незаконската изградба на партиското седиште, односно Белата палатата „Христо Татарчев“.

И за овој дел бројот на осомничени е намален, па така, кривично се гонат само Груевски и Божиновски, а во истрагата како осомничени се споменуваа и Јанакиески, поранешната заменичка министерка за правда Билјана Бришкоска-Бошковски и Илија Ристовски.

Во ова обвинение се разглобува начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ дошла до имот вреден 8,2 милиони евра, во кои спаѓаат Белата палата и уште два милиони евра кои градежната компанија „Бетон“, во споственост на бизнисменот Минчо Јорданов, ги исплатила на партијата додека го градела објектот.

Обвинителството тврди дека „Бетон“ не смеела да влезе во партнерство со партијата за изградба на објектот, бидејќи во 2011 и 2012 година, кога почна да се гради седиштето, компанијата дури 75 отсто од приходите ги остварила од државни тендери, што значи дека според законот не смеела да биде донатор на политичка партија.

Компанијата го изградила седиштето на партијата кое имало инвестициска вредност од 6,9 милиони евра, а згора на се, на сметка на партијата уплатила и 2,1 милиони евра. Вложувањето на партијата, пак, чие што било земјиштето, било само 815.323 евра, што според СЈО значи дека партијата незаконски се стекнала со имотна корист од 8,2 милиони евра.

Многу веројатно е дека за овој случај како сведок на СЈО ќе биде повикан бизнисменот Јорданов, кој ќе треба од прва рака да посведочи за бизнис врската со „ВМРО-ДПМНЕ“. Или, како што би рекол Мијалков „каменот од блиску доаѓа“!

ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ ОСТАНЕ БЕЗ ИМОТ

Доколку за овој случај Груевски и Божиновски бидат осудени, покрај казната затвор која ќе треба да ја одлежат, најголемата цена, сметано во пари, ќе треба да ја плати партијата, бидејќи Белата палата ќе биде конфискувана и ќе заврши во рацете на државата.

Веќе еден месец овој објек е замрзнат, од страна на Кривичниот суд, но замрзнати се и уште 68 недвижнини кои ги поседува партијата.

Судот донесе решенија со кои се определени привремени мерки – судска забрана за отуѓување на недвижен имот со ставање на хипотека и забрана за располагање со давање под закуп со прибелешка на забраната во јавна книга за 68 имоти на политичката партија ВМРО ДПМНЕ низ земјата, како и за седиштето на партијата во Скопје, а се однесуваат на имот стекнат во периодот од 2013 до крајот на 2015 година за кој постои основано сомнение дека е стекнат со противправните дејствија опишани во поднесените обвиненија и кои мерки сѐ уште се во сила, појаснуваат од СЈО.

Мерката за замрзнување СЈО ја побара откако лидерот Мицкоски призна дека размислува за продавање на седиштето.

Според новинарските истражување, имотот на ВМРО-ДПМНЕ се брои во милиони евра и тоа ни помалку ни повеќе туку 60 милиони евра.

Овој имот партијата ја прави најбогата на европскиот континент, дури побогата и од ЦДУ на Ангела Меркел, чиј партиски имот се проценува на 50 милиони евра.

Дел од имотот би се конфискувал и доколку дојде до осудителна пресуда во случајот „Титаник“, односно за изборните нерегуларности во 2011 и 2013 година.

Ова значи дека најбогатата партија во Европа, набрзо ќе биде доведена до питачки стап. Можеби милионите тешко се собираат, но јасно како два плус два е дека Груевски, освен што на цедило ги остави најблиските соработници, ја заложи и партијата, а како што би рекле обвинителите од СЈО, исклучиво поради цели од лична природа, односно зацврстување на неговата политичка моќ и контрола врз целата партија!

Или што би рекол народот, како „дошло, така ошло“!

СТАР ПРЕДМЕТ ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЈА ВОСКРЕСНА ИСТРАГАТА ЗА „ТАЛИР“

СЈО за предметот „Талир“ го испушти рокот од 18 месеци кој го имаше за поднесување обвинение, поради обемноста, но и поради процесни пречки, но од пропаѓање го спасија документи кои фаќале прашина во редовното обвинителство.

Поточно, СЈО пред извесен период презеде предмет од Основното јавно обвинителство Скопје, кој со години стоел во фиока. Ова значи дека од редовното обвинителство сепак имало некаков ќар!

Поврзани новости