(АРХИВА) Димова се сомничи за спорни јавни набавки, високи дневници и за патувања без покритие

by fokus 19:33
19:33

По безмалку две години од скандалот со поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение проитв Димова и уште две други лица кои се сомничат дека проневериле 320 илјади евра европски пари.

Димова се товари за две кривини дела: злоупотреба на службената положба и овластувања и измама на штета на средствата на Европската заедница. Надворешниот соработник, како второобвинет се гони за измама, а благајничката за несовесно работење во служба. Сепак сопственикот на фризерницата, Зоран Златковски кој ги земал грантовите го нема во обвинението.

Текстот е објавен во ноември 2020 година во неделникот Фокус со број 1310

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Аферата „Фризерница“ по брза постапка ја разреши екс пратеничката на СДСМ, Лидија Димова, од директорското место на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Последен пат во јавноста се појави во судот на распит кај судија на претходна постапка. Судијата ѝ ги одзеде двата пасоша, ѝ наложи повремено да се јавува во судот и ѝ изрече забрана за вршење одредени дејности. Сите овие мерки ѝ ги определи додека трае истрагата, што за неа и за нејзините соработници ја отвори Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција по пријава на Финансиската полиција.

Но, „Фокус“ дознава дека Димова не се сомничи само, за сега, недокажана проневера на пари во аферата „Фризерница“, туку и за други злоупотреби. Финансиската полиција во пријавата ја товари Димова за четири кривични дела: злоупотреба на службената положба и овластување, измама на штета на средства на Европската заедница, соизвршителство и несовесно работење во службата.

Две од кривичните дела, според Финансиската полиција, ги направила сама, а во другите две кривични дела учествувале и надворешниот соработник Александар Гочев, сопственикот на „Фризерницата“, односно фирмата „В.Е.З. трејд“, Зоран Златковски и сега веќе поранешната благајничка во Агенцијата, Ана Павлиду.

Според извори на „Фокус“ од истрагата, Димова е осомничена дека без да објави оглас и без законска постапка склучила договори за јавни набавки со три скопски фирми и една странска организација во вредност од над 14 милиони денари. Според нашите извори, станува збор за фирмите „КЛС ДООЕЛ Скопје“, „Солар енерџи СКЦ“ и „Балканика ДООЕЛ Скопје“. Пари биле исплатени и на организација во Лондон, без оглас, постапка и договор.

Димова се товари и дека исплаќала и повисоки дневници од предвиденото за патување во странство. Имено, според нашите извори, таа спротивно на решението на Агенцијата за највисоки износи на дневници за службени патувања и селидби во странство и без одлука на Управниот одбор на Агенцијата во периодот од 2018 до 2020 година, додека беше директорка, исплатила за над 1,8 милиони денари (близу 30.000 евра) повеќе дневни надоместоци за патување во странство од предвидениот максимум.

Се сомничи и дека без да објави постапка и без јавен конкурс склучила договори за вршење услуги со повеќе надворешни лица и на сите нив вкупно им исплатила над 2 милиони денари.

ДИМОВА МУ ГО ДОВЕРИЛА ФАКСИМИЛОТ НА ГОЧЕВ

Нејзиниот факсимил додека била на директорската функција му го доверила на надворешниот соработник и проектен асистент Александар Гочев, но без да донесе решение за негово овластување.

Па така, според нашите извори, Гочев земал аванси за службени патувања од благајната на Агенцијата со употреба на факсимилот на образец за исплата каса-прими.

Од касата на Агенцијата недостигаат 943.757 денари, или над 15.000 евра. Благајничката Павлиду се товари за несовесно постапување во вршењето на службата. Не водела благајнички дневници за сите уплати и исплати во благајната и правела исплати без претходна дозвола од финансискиот сектор на Агенцијата.

Сепак, најмногу внимание во јавноста предизвика случајот со „фризерницата“, иако во него се споменуваат пониски проневерени суми. Димова во ноември 2019 година без да објави јавен оглас го ангажирала Златковски за надворешен соработник. Тој, пак, иако бил надворешен соработник на Агенцијата, сепак, како сопственик и управител на „В.Е.З. Трејд“ доставил апликации и добил грантови од европската програма „Еразмус плус“  во вредност од над пет милиони денари.

Одобрени му биле проекти и оваа година во вредност од над 9 милиони евра. Овие пари се само одобрени, но сѐ уште не му се префрлени, па истражните органи не ги сметаат за проневерени. На Димовска, Гочев и Златковски им се одредени мерки за претпазливост додека трае истрагата, додека Павлиду ќе чека да заврши истрагата без никакви мерки. Четворицата се осомничени дека злоупотребиле пари, кои на земјава ѝ ги доделува Европската заедница во вредност од 25.3334.543 денари, односно околу 415.000 евра.

ГЛАСЕН ПОВИК ОД ВЛАСТА ЗА ИСТРАГА

Аферата „пукна“ кога порталот „А1 он“ обелодени дека во изминативе три години Националната агенција доделила грантови од програмата „Еразмус 2“ во износ од 270.000 евра на фризерница. Сопственикот истовремено бил и надворешен експерт во Националната агенција, а беше објавено и дека во благајната на Агенцијата недостасуваат 15.000 евра.

Веднаш по објавеното истражување, цел државен врв на чело со премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров повикаа случајот да се истражи и да се открие дали се точни обвинувањата за злоупотреба на европските пари. Иако не беше докажан криминалот, власта побара Управниот одбор да ја разреши Димова. Вицепремиерот Николовски, пак, потенцираше дека Димова го  прекршила Етичкиот кодекс, бидејќи се впуштила во расправии со медиумите.

Сите овие наводи за малверзации засега остануваат само сомневања, кои треба да ги докаже Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Обвинителството во континуитет презема дејствија за утврдување на фактите во предметот, се прибираат материјални и вербални докази согласно на Законот за кривична постапка, велат кратко и процедурално од Обвинителството.

Но, паралелна истрага за случајот отвори и Европската комисија, од каде што извираат парите за грантови.

Сите наводи за злоупотреба се разгледуваат и таму каде што станува збор за ЕУ-фондови секое нерегуларно трошење ќе биде идентификувано и ќе се врати назад. Европската комисија во моментов не може да даде повеќе детали за истрагата додека е во тек, но она што е познато е дека во случај да биде утврдена криминална злоупотреба на фондовите, случајот ќе биде испратен до ОЛАФ, европското тело за борба против измами, изјавија од Комисијата.

Оттаму објаснуваат дека доколку бидат утврдени само нерегуларности во трошењето, како на пример, „процедурална грешка“, тогаш државата мора да ги врати финансиите назад во ЕУ. При апликација за фондовите „Еразмус плус“, државата е гарант за овие пари во случај на нерегуларност или измама и е обврзана да ја врати целокупната сума.

Брисел, исто така, врши редовни финансиски ревизии, како и годишен мониторинг за трошењето на европските фондови, рекоа од Комисијата.

Димова по објавувањето на сторијата излезе на прес-конференција заедно со Златковски и ја кажа својата страна од приказната, а и двајцата обвинувањата ги нарекоа „лажна вест“.

ДИМОВА ТВРДИ ДЕКА ИМА НЕШТО ГНИЛО ВО АГЕНЦИЈАТА

 Јас аплицирав од 2018 година со мојата фирма ВЕЗ Трејд со која некако се измести целата работа. Официјалното име е ВЕЗ Трејд, како што може да се види од тековната состојба. Она фризерница е, можам да кажам, еден вид лажна вест. Фризерница не добива проекти, туку фирмата ВЕЗ Трејд добива грантови кои се изработени со Националната агенција и се однесуваат на младинската работа и едукација на младите за медиумска писменост, објаснуваше Златковски.

Димова, пак, порача дека не поднесува оставка, но и сама потврди дека во Агенцијата нешто е гнило, дека фалат пари.

Многу ми е мило што Европската комисија отвори истрага, затоа што, ако не друго, ќе се обелодени дека „нешто е гнило во државата Данска“, порача Димовска.

Првите анонимни пријави за сомнеж во работата на директорката на Националната агенција за европски програми Лидија Димова стасале  уште во мај во Државната комисија за спречување на корупцијата, а во октомври уште пред новинарското истражување, Комисијата соопшти дека отвориле постапка. Покрај сомнежите за злоупотреба на европските фондови до нив пристигнала и пријава од правно лице за злоупотреба на македонскиот буџет, односно за една јавна набавка.

До тука е нашето, има сомневања и бараме од надлежните институции да постапуваат за да се расчистат сомнежите и да се одреди одговорност дали има или нема злоупотреба, а во однос на средствата од буџетот, тоа што беше наведено во една пријава, наводно се земени кеш од благајна во вредност од 15.000 евра, и тоа беше се од буџетот и тоа е во тек на истражување и расветлување на случајот, рече членот на ДКСК, Нури Бајрами.

Димова, веднаш по пресот на ДКСК, излезе на телевизија и тврдеше дека не се работи за злоупотреби од нејзина страна, туку дека тоа е сторено од претходното раководство.

Точно е дека е пријавен недостиг од средства во благајната на Националната агенција. Тој недостиг од средства е пријавен од Националната агенција кон МОН како национален авторитет, меѓутоа Националната агенција е таа што прва постапи. Значи ние постапивме со тоа што лицето што е директно одговорно за недостиг од парите од благајната, прво го отстранивме од работното место, па потоа имавме кривични пријави и тоа не кон едно лице, туку кон две лица, изјави тогаш Димова.

ДИМОВА ПРИЈАВИЛА ПРОНЕВЕРИ УШТЕ ВО ФЕВРУАРИ

Тезата на Димова е дека од Агенцијата почнале да протекуваат информации, откако открила дека од касата на Агенцијата биле проневерени 2,2 милиони евра од претходното раководство

Јас увидов од она што беше очигледно од проектите, дека парите од сите училишта одат во осум организации во пет држави, што беше чудно. Откривме дека практично 8 организации се врзани меѓу себе и дека се прави голема проневера на парите со тие неколку училишта. Во 2018 година пријавивме во Брисел во завршниот извештај, а во 2019 година побаравме дозвола да одиме на терен во странство за ревизија. Со помош на партнерските организации направивме проверка и утврдивме дека се работи за проневерени пари во вредност од 2,2 милиони евра, тврди Димова.

Ваквите тврдења таа ги обелодени на прес-конференција во јуни оваа година.

Според нашите информации од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, пријавата за проневерата на 2,2 милиони евра Димова ја поднела во февруари, но за овие злоупотреби јавноста речиси и да не се заинтересира. Случајот го води обвинителката Маја Коневска, која сѐ уште собира докази за наводите на Димова.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција веднаш по пристигнувањето на кривичната пријава поднесена од страна на лицето што го споменувате започна со преземање на предистражни процесни дејствија за проверка на наводите содржани во пријавата. Согласно Законот за кривична постапка, предистражната постапка е тајна, па оттука обвинителството не може да сподели детали, велат од Обвинителството.

АГЕНЦИЈА СО ИСТОРИЈА НА ЗЛОУПОТРЕБИ

Претходник на Димова во Агенцијата беше Дарко Димитров.

Според она што е достапно во медиумите, Димитров дошол на таа позиција околу 2014 година, а бил разрешен со поставувањето на Димова во декември 2017 година.

За сомнително трошење и доделување на европските грантови од европските програми првиот пат во јавноста беше обвинет од тогашната опозиција (СДСМ) директорот Бошко Нелкоски. Тој поднесе оставка, а тогашната влада најавуваше истрага затоа што со сомнителното делење пари ги доведе пред врата европските истражни органи.

Европската комисија почна истрага за тоа дали Нелкоски незаконски им делел европски пари на „роднински“ и „пријателски“ организации и направи суспензија на децентрализираните средства што ги доделува Националната агенција во рок од две години.

За Македонија, две години беа недостапни европските пари од програмите „Млади во акција“ и „Доживотно учење“. Нелкоски во 2010 година поднесе оставка, во која ги негираше тврдењата во медиумите и истакнувајќи дека против него се води хајка базирана на измислици и невистини.

„Војната“ за тоа кој да располага со европските пари очигледно е голема, но излегува дека единственото заедничко е „злоупотребата“ на парите што ни ги праќа европската заедница.

 

ШТО РАБОТИ НАЦИОНАЛНАТА АГЕНЦИЈА?

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е јавна институција, која е формирана со Закон донесен од страна на Собранието. Целта на Националната агенција е да работи на промоција и спроведување на европските програми во областа на образованието, обуката, младите и спортот во Република Македонија.

Националната агенција со остварување на овие програми придонесува во развојот на заедницата како општество засновано на напредно знаење, со одржлив економски развој, повеќе и подобри работни места и поголема социјална кохезија, истовремено обезбедувајќи заштита на средината за идните генерации, а особено размена, соработка и мобилност во областа на образованието и обуката.

Корисници на програмите можат да бидат: ученици, студенти, наставници, професори обучувачи и друг персонал кој е вклучен во било кој дел од образовниот процес, претпријатија и други правни лица, вклучувајќи ги и трговските друштва, стопанските комори и други здруженија на правни лица од областа на индустријата, истражувачки центри и тела, како и здруженија на граѓани и фондации.

ПРОЕКТИ ЗА МАГАРИЊА И СИРЕЊЕ ДОБИЛО УЧИЛИШТЕ КАДЕ ШТО ДИРЕКТОР Е БРАТ НА ПРАТЕНИК ОД СДСМ

 Проекти за дресура на магариња и друг проект со име „Избери сирење“ од Националната агенција за европски образовни програми добило училиштето „Ѓорче Петров“ од Кавадарци, каде што директор е Горан Велковски, брат на пратеникот од редовите на СДСМ, Диме Велковски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски како скандалозен го посочи проектот за кој од Агенцијата се доделени 125.000 евра „Избери сирење“, зад кој стои братот на пратеникот од СДСМ, Диме Велковски, кој веќе добил 83.000 евра од програмата „Еразмус+“ за друг проект за дресура на магариња.

Поставуваме дилема и прашање: Како е можно, овие два проекта во вредност од над 200.000 евра, европски пари, Лидија Димова да ги додели токму кај братот на пратеникот од СДСМ, Диме Велковски, токму пред парламентарните избори? Бараме јавно да се објави од страна на Диме Велковски и Лидија Димова на кој начин се трошеле и каде завршиле над 200.000 евра, односно во чии џебови завршиле парите? Бараме да објават јавно дали парите биле влечени преку сметки на други лица да ги вратат кај добитниците на проектите, обвини опозицијата.

Директорот, пак, во изјава за порталот „Фокус“ рече дека училиштето не добило ниту денар. Појаснува дека според редовната процедура, кога ќе заврши пандемијата, би требало да се добијат тие средства, кои се користат за теоретска и практична обука на 35 ученици и пет наставници од земјоделско – ветеринарна струка за фармерско одгледување и ветеринарна заштита на магариња со крајна цел добивање производи: млеко од магаре, свежо и во прав сирење, сапун, лосион, козметика. Обуката била предвидена да се одржи во Иваниќ Град во Хрватска, во траење од 16 дена.

Покрај обвинувањата кои се без основа, за обуката за магариња, или како што на многумина им беше полесно да шират шпекулации и да ја нарекуваат дресирање на магариња, што е апсолутна невистина, тука се и неоснованите реакции и шпекулации и за проектот ,,Избери сирење“.

Значи, овој проект предвидува теоретска и практична обука и настава за 76 ученици, наставници и обучувачи од пет различни субјекти, и тоа нашето училиште и други училишта, во вкупно траење од 20 дена во три циклуси во сите три држави за напредно еколошко производство во мал обем на кравјо, овчо и козјо млеко и сирење, рече Велковски.

 

Поврзани новости