АРХИВА Дали Груевски ќе ги укине хигиеничарките за државните службеници да чистат по канцелариите 24/7?!

by Fokus

Текстот е објавен во 2009 година, во неделникот „Фокус“ во бројот 739

Пишува  Јадранка КОСТОВА

Една од најмалите и најсиромашни општини, Демир Капија, деновиве доби европски ‘штембиљ’ преку типична транзициона македонска приказна инспирирана од нашиот, нели, ѓоа вековен стремеж за професионална и ефикасна администрација. Градоначалникот Трајче Димитриев во ‘преродбенички’ вознес поделил неколку отказни решенија на државни службеници во општината. Отпишаните уште додека чистката била само во најава, на време значи, го известиле евроамбасадорот Ерван Фуере за, како што велат- политичките закани со се актуелниот ‘мобинг’ кон дури 50 отсто од вкупната државна администрација. Да појасниме дека станува збор за петмина државни службеници, а општината Демир Капија брои 10 лица со ваков статус. Но, додека го добиле одговорот, дел од нив веќе биле бивши вработени во општината Демир Капија, а некои завршиле само со дисциплински казни ама и уназадувања.

Паралелно со овие секвенци, се одигрува уште една драмолетка на истата тема. Во Собранието пратениците од сите бои се пенавеа за европска администрација- професионална, одговорна и департизирана. Бајка што се вергла безмалку две децении. Судбината сакала во ист ден да ги изгледаме двете претстави. Едната- научно-фантастична со комични елементи- од собраниска расправа по Законот за државни службеници, и втората, онаа вообичаената драма од животот, каде што после секоја промена на власта ни се случуваат ‘реформи’ на кадровски план, филувани секогаш со најразлични изговори вметнати токму во некакви законски параграфи. И така најсликовито го видовме јазот меѓу она што го зборува просечниот македонски политичар и она што истовремено го прави. Тоа, пак, по правило се драстично и драматично различни работи.

ОД ЅИНГО, ПРЕКУ ЦИЛЕ ДО ГРУЕВСКИ

Да одиме по ред. И Фокус, како веројатно и други медиуми, пред неколку дена доби реакција од вработените во општината Демир Капија. Мотивите да посветиме внимание на случајот, кој барем накусо беше презентиран во јавноста, се неколку. Како прво, за слични случаи сме пишувале и порано, години наназад. Второ, овој пат циркусот беше поголем затоа што истовремено се носат измени во Законот за државни службеници, кој е еден од важните услови за нашето приближување кон Европа. И трето, затоа што овој закон, кој од 2000-та доживеа 15-тина измени и дополнувања, постојано е маската зад кој се одигруваат процесите на партизација на администрацијата.

Според дописот од Демир Капија отказ добиле: Славица Ангелова виш референт со 33 години работен стаж, Катерина Петреска– референт што зад себе има 8 години работно искуство и Жаклина Бошева– референт со 12 години стаж. Оние со повисок службенички статус, како Ленче Недева– советник за финансии и буџет, која инаку била и претседател на општинската изборна комисија (ОИК), а и Тони Панов раководител на одделението за комунални работи, ем член на ОИК, а кои се најдоа меѓу ‘неподобните’ после градоначалничката нова систематизација, биле само уназадени. Ваквата, пак, ‘реформска’ фурија започнува по победата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Демир Капија, Трајче Димитриев. Сметам дека е полезна во овој контекст една мала дигресија, од хронолошки тип. На Димитриев ова му е трет градоначалнички мандат во Демир Капија. Во 1996 г., победува како кандидат на Социјалистите на Ѕинго. Во 2000-та ја задржува градоначалничката фотеља како кандидат на Демократска алтернатива на Циле, кои во тоа време се во коалиција со ДПМНЕ на Љубчо Георгиевски, кога веројатно започнува и неговото приближување кон ВМРО. Онака, де, како што партиски се одвиваше и функционерската приказна на Виолета Аларова– од ДА до ДПМНЕ. Има и една разлика, во 2005-тата во Демир Капија сепак СДСМ успева да победи  со својот човек Тодор Тошевски.

Нејсе, вообичаено за вакви смени во врвот, во случајов на општината Демир Капија, во 2005-та, веднаш стартуваа жалопојките за големите долгови што сдсмовецот ги наследил од сега веќе тазе вмроовецот. Тошевски, на пример, се жалеше како му стигнуваат фактурите за гозбите што ги ‘правеле вмровците, дури и од 2002 година за забава на Унијата на млади сили или осмомартовска забава на вмроовките’. После вака сочните детали следуваа генералните оценки како ‘наследил долг од 21 милион денари, за наводни фиктивни побарувања поврзани со градежни работи’. И во екот на сдсмовската власт во борба против криминалот, Димитриев заработи неколку кривични пријави за злоупотреба на службената положба. Денес кога повторно е градоначалник веќе може да се ‘пофали’ со неколку пресуди со условни осуди или парични казни. Но, сето ова не беше пречка да стане кандидат на Груевци. Уште повеќе, да победи на пролетниве локални избори.

Сепак, дека ДПМНЕ сериозно сметаат на него стана јасно уште кога Владата на ‘Преродбата’ во 2007-та го назначи Димитриев за претседател на Управниот одбор на Специјалниот завод Демир Капија. Имено, откако ‘портокаловите’ победија во 2006-та, уште есента го земаа Заводот ‘на заб’, па според пишувањата на некои медиуми таму од работа веднаш биле избркани 50-тина лица кои работеле со договор на дело, но во периодот што ќе следи, до локалните избори годинава, наводно, во ‘сто чекори’ ќе бидат вработени над стотина нови. Според некои опозициони калкулациии, токму тука лежи адут со кој победил актуелниот градоначланик на Демир Капија, бидејќи разликата била минимална-околу 70-тина гласови.

Сепак, Димитриев може да биде задоволен и со таква тесна победа. ‘Розите’ во предизборието не штедеа на материјал. Одржаа и прес конференција на која обелоденија дека против Димитриев е во тек судски процес бидејќи е осомничен дека злоупотребил околу 12 милиони денари. Дека без дозвола од државните органи приватизирал недвижен имот и огромно државно земјиште, а судот утврдил ништовност на овие договори, плус имал две злоупотреби со кои прибавил имотна корист на штета на општината. ‘Моделот за чесност на Груевски’, со кој се исмејуваа сдсмовците, сепак не им помогна. Димитриев си победи во вториот круг, иако разликата со социјалдемократот Тошевски била тенка.

СЕ ПОТРЕСОЛ ДУРИ И МАРТИН ПРОТУЃЕР?!

И доаѓаме до актуелните моменти. Според верзијата на ‘отпишаните’ службеници, Димитриев уште веднаш им пратил порака дека ќе станат прекубројни затоа што биле наводно против него. Во телефонски разговор со градоначалникот, тој демантираше вакво нешто. Ниту, пак, дека во оваа општинска приказна има партиска позадина. Напротив, со блага иронија нафрли дека не може да има партиска одмазда затоа што избрканите службеници се, рече- ‘наши’, демек вмровци. Инаку дел од нив и биле примени кога тој бил градоначалник, само што тогаш бил со поинаков партиски симбол. Патем, стара и добро испробаната шема е применета и во овој демиркаписки случај. Се врши нова систематизација, или, промената на внатрешната организација е формулата преку која можете да избришете некого, а да донесете друг. Се разбира, тоа ќе мине ‘согласно законот’. Димитриев сега, слично на неговиот претходник од СДСМ, се вади на ваквиот чекор, за да ја извадел општината од финансиска пропаст бидејќи била заглавена со долг од 10 милиони денари.

Сепак, Димитриев откако ќе подели откази, вработува нови луѓе. Отпишаните велат дека се примени четворица- двајца со високо, а двајца со средно образование, додека градоначалникот ни’ призна само за двајица. Тоа го објасни со зборовите дека ‘имале потреба од дипломиран правник и дипломиран економист’. Иако за Тони Панов и за Ленче Недева ни изјави дека ги симнал само една скала удолу, Панов децидно тврдеше дека се казнети повеќе. Тој, на пример, од раководител е симнат на соработник, на дното. За Недева, пак, дури има дисциплинска казна- по 15 отсто на три плати. Димитриев ова го оправда со резултатите на внатрешната ревизија што нашла исплата на пари од општинската сметка во нејзина полза по судско решение. За сето време, пак, упорно инсистираше дека идејата му е да направи ‘мала и експедитивна администрација’.

Има барем два индикативни моменти во неговата верзија за идеалната администрација. Во така замислената слика на Димитриев, барем во овој момент, нема место за хигиеничарки. Во новата систематизација таква ‘направија’ не постои. Конкретно, хигиеничарката Ленче Стојчева нема статус на државен службеник, па нејзиниот договор за вработување е раскинат, како што стои, од деловни причини. Она што е своевиден куриозитет е дека во модерната администрација на Димитриев, државните службеници сами ќе си ги чистеле канцелариите! Се согласиле на тоа, вели. Како би изгледало тоа? Кој шета со џогер, друг брише прашина, трет замива џамови … Дали е ова ‘преродбеничката’ визија за модерна европска општина?! А Европа уште не се сетила за ‘рецептов’?! Можам да замислам што ќе бидне доколку Груевски на државно ниво го прифати овој модел. Низ министерствата, во духот на ’24 часа/ 7 дена во неделата’, ем се работи службеничка работа, ем се подзачистува. Можеби преку Демир Капија само го тестира изумот!!!

Вториот симптоматичен момент од изјавата на градоначалникот на Демир Капија за Фокус е дека не биле 4 ами само две нови вработувања, откако нели ги ‘отфикарил’ стариве. Занимливо е зошто тие одат преку прилепската Агенција за привремени вработувања ‘Реалност-06’? Зошто агенција од Прилеп- за вработувања во Демир Капија?! Димитриев ова го објасни како ‘тоа е изборот на комисијата која одлучувала’. Така излегло од тендерот! Истиот одговор, за истата агенција, го добив и за вработувањата во Специјалниот завод, каде што е претседател на УО. Но, ете, каде е Димитриев таму успева ‘Реалност-06’!

За разлика од градоначалникот, ‘откачените’ тврдат дека целото сценарио е смислено за да си вработи ‘лични партиски војници’?! Постои ли кај Димитриев желба за одмазда откако после два мандата од СДСМ доби неколку кривични пријави, а богами и пресуди?! Ќе следува ли реванш и за претходникот?! Како и да е, Димитриев успеа да го привлече вниманието до Брисел преку писмото што отпуштените и казнетите службеници му го упатија на Фуере. Во телефонскиот разговор градоначалникот призна дека имало возбуда во кабинетот на Груевски. Како што ни изјави му се јавил дури и Мартин Протуѓер, а некоку пати и евроинтегративецот Васко Наумовски, барајќи одговор од него ‘што се случува во Демир Капија’?! Од каде и да дува ветерот, засегнатите државни службеници сепак највуваат правна битка до крај, покрај онаа ‘информативната’ до Фуере.

Сепак, има во нивното второ писмо до евроамбасадорот една неточна прогноза: дека ако овој преседан помине, ваквата партизација во Македонија ќе стане пракса. За оние, како мене, што паметат подолго, овие сцени се веќе видени. Преседанот, дури и јас, веќе заборавив кога беше сторен. Политичките партии од поодамна ‘факат’ станаа најдобрите агенции за вработување. А тука, државниот сектор е најшироко поле за партиско орање. Победникот на изборите во Македонија, добива се. Тешко дека некој може да изброи колку места стојат за пополнување на победниците?! Некој еднаш спомена до неколку десетици илјади?! Ова сигурно го имаат како прецизен податок во партиските тефтери, ама не е за јавност. Важно за модерна администрација, за управата како сервис на граѓаните, песни се пејат уште од 1991-та. Меѓутоа во меѓувреме се работи на проектот како таа да послужи за партиската ‘кауза’.

СТАПОТ ИМА ДВА КРАЈА

И да минеме на законодавната сфера! Уште во 1996 година беше подготвен пакетот закони од оваа област. Но тие стоеа во фиока, затоа што на Црвенковски не му одеше во полза да прави вакви крупни и по природа непопуларни реформи. Владата на Георгиевски потоа донесе неколку закони, иако претходно ги ‘дотера’ по свој вкус. Еве, конкретно, Законот за државни службеници беше донесен во 2000-та. Потоа тој доживуваше во просек по две измени годишно. Проблемот е што иако Законот за работни односи строго наведува дека ангажман со договор за дело е дозволен само ако има зголемен обем на работа, и внимавајте само во стопанството, сепак и Груевци и Бранковци максимално договорите за дело ги ползуваа како највисок партиски ‘бенефит’. Експертските толкувања за оваа незаконска ‘направија’ никогаш не ги потресе. Барем да го изменија законот?!

Кога денес ги слушам Бранковци како во собраниската дебата по Законот за државни службеници ламентираат за новата законска можност првиот човек на Агенцијата за државни службеници да се менува само поради негативна оценка на неговиот извештај во Законодавниот дом, што сега како опозиционери го оценуваат како можност за ‘партиска казна’, а не вистинска оценка за директорот, се присетувам како заврши кариерата на првиот директор на Агенцијата за државни службеници, адвокатот Рубин Двојаков. Откако во 2002-та ‘народот ја зеде судбината во раце’, ‘розите’ од Бихачка експресно го ‘реформираа’ Двојаков со, би рекла, насилно прекинување на неговио 5 годишен мандат. Груевски барем досега не се дрзна, на пример, да го смени Александар Гештаковски. Ова е една од ретките разлики меѓу ‘куртовци и муртовци’.

Инаку уште тогаш експертите предупредуваа дека законот е јасен и дека државните секретари и генералниот секретар се бираат од редовите на раководните државни службеници. Коалицијата на СДСМ и ДУИ, тогаш без многу ‘фрка’ го прекрши ова ‘свето’ правило. И повторно, не го ни измени законот. Како што на ‘преродбениците’ тоа не им пречеше да го практикуваат на ‘с’штиот’ начин. Се додека, еве, баш сега сите не ги заболе за европскиот ‘бенчмарк’- за департизирана и ефикасна администрација со ‘чичка’ најнов закон.

Има уште еден наш, македонски бисер. Функцијата заменик министер е измислена само за да ги задоволи апетитите на бројните коалициски партнери на ДПМНЕ и на СДСМ. Ова нема врска со државни службеници, ама е во тесна врска со неопходноста на нашите ‘државотворци’ и ‘патриоти’ што повеќе нивни луѓе да добијат функција. Експертите велат дека со ова сме европски куриозитет, а со министрите без ресор, пак, сме заглибиле во времето- напуштени се од поодамна.

И да завршам со ‘чистките’ во Демир Капија. На едно од електронските изданија на дневните весници, каде што граѓаните онака анонимно ‘храбро’ го ‘ослободуваат срцето’, за отказите што ги поделил градоначалникот на ДПМНЕ, прочитав за голем мерак на некој паталец од сдсмовска власт. Демек, пишува анонимниов, како во 2005 г. по локалните избори новиот градоначалник на една наша општина, од вкупно 12 вработени отпуштил 6-мина, сите ВМРО-вци. Дотичните потоа по долгите судски постапки лани изгубиле на суд, И дури морале да ‘плукнат’ пари за судски трошоци. Е ‘паталецов’ се чуди зошто тогаш, во 2005-та, никој не се возбудувал за ова, ниту за чисткиве тогаш не дознале ‘ни НАТО ни ЕУ’.  И баткава финишира со ‘тезата’:

‘Ве боли кога ваши луѓе се бркаат од работа. Така и ќе биде, за да видите и Вие дека стапот има две страни. Нека му се јават на Бранко и тој ќе ги прими кај него во новите канцеларии’.

Чудно е како и оние кои еднаш го ‘кркале’ стапот, денес во одмаздољубиво мерачење мислат дека со тоа им завршил редот. Небаре вечно ќе останат на власт. Како да постои закон, макар Марфиев, дека ако еднаш си го јал стапот, си куртулил за век и веков.

Во меѓувреме, единствената дилема ми е: која финтаџиска шема ќе биде применета за партиски вработувања после донесувањето на  најновиот ни ‘џиџан’ Закон за државни службеници?!

Рамка

Лицемерие

НАШИТЕКРИМИНАЛЦИСЕ ДОБРИ, А НИВНИТЕ СЕ УЖАС

 Кога се ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во прашање, тие се различни единствено кога едните се власт, а другите опозиција, што е воглавно редовна ситуација. Инаку обете партии манифестираат исти светоглед во опозициони, и сосема идентични реакции во улови кога се, по нашки кажано- фактори. Всушност во Македонија станува ирелевантно која од овие партии, каде е, затоа што овде по правило принципите се растеглива категорија, па едни важат кога си моќен, а другите принципи ги вадиш во игра кога си немоќен, да не речам во опозиција.

На пример, кога добива кривична пријава некој функционер, партијата реагира дека е тоа реваншизам. Онаа која ја иницирала акцијата, пак, само ‘мерачи’ за криминалот на ‘непријателот’. Токму криминалиите често пати им се тема на ‘преписка’, само што аршините по кои ги мерат им се со ‘фабричка грешка’. Да бидеме конкретни, ако Груевци му ја извадија на нос аболицијата на Зоран Заев, а нивните мегафони цело време за кампањата се исмејуваа дека ‘криминалци’ кандидираат за градоначалник, тогаш зошто немаа ‘примједби’ што нивниот кандидат за градоначалник на Демир Капија, Трајче Димитриев има неколку пресуди со уловна осуда за злоупотреба, а уште еден плус му е во тек. Како тоа едни обвиненија и пресуди се повод за згрозување, а други, исти или слични, се препорака за кандидатура за функција?! Сево ова до запирка може да се напише и обратно, за СДСМ-овци, кои пак држеа пресови за ‘моралот’ на кандидатот на ДПМНЕ.

Колку за показ дека ваквите ‘принципи’ не се инцидент туку правило, е и случајот со екс градоначалникот на Богданци од СДСМ, Ѓорги Петрушев. Кога пред две години доби правосилна пресуда на казна затвор од две години условно заради проневера на 4,5 милиони денари, тогаш Груевски како премиер бараше Петрушев да ја напушти функцијата, дури и се закануваше дека ќе преземе мерки. Е за нивниот кандидат од Демир Капија со осудителни пресуди, пак, годинава презеде мерка- го ‘препороди’ во еден чекор- го кандидираше за градоначалник.

 

Поврзани новости