Архива: Браќата Каленикови „растураат“ на државните тендери за набавка на автомобили

by Fokus

Текстот е објавен на 9 септември, 216 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1079

Пишувала: Ирена МУЛАЧКА

Не поминува ден без во јавноста да одекнат информации или да се одржи прес-конференција во организација на опозицискиот СДСМ на темата местење тендери, односно кои се фирмите што направиле најмногу бизнис-зделки за време на владеењето на ДПМНЕ, дали се роднини или пријатели на функционери од владејачката партија, колку се офајдиле од државните и јавните наддавања во последните неколку години.

Слободно може да се направи листа на профитабилни компании кои на пазарот функционираат повеќе од 20 години, но за време на владеењето на ДПМНЕ во бизнисот го достигнале врвот – тендери добиваат од сите државни и локални институции, па дури и инкасираат вртоглави профити од кои боли глава. Како и на кој начин се местеле тендерите можеше да се слушне и од аудиоснимките што пред повеќе од една година ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, каде што премиерот Никола Груевски заедно со дел од министрите наводно фаворизирале и местеле фирми за да ја добијат работата, договарале проценти и провизии, правеле незаконски упади во тендерските документи и украле милиони евра народни пари преку тендерите за автопатите и железницата.

Ситуацијата не се промени ниту по објавувањето на таканаречените „бомби“ во јавноста. Владејачката партија и по повеќе од една година оттогаш продолжува со истата шема, а доволно е само да се отвори веб-страницата на Бирото за јавни набавки за да се видат кои се фирмите што добиваат најмногу тендери. Тука се градежни компании, компании за медицинска опрема, но и фирми од автомобилската индустрија. Сѐ во зависност од потребата.

Кога станува збор за бизнисот со продажба на нови автомобили во Македонија, важно е да се забележи дека уште со одлуката на владата за слободен увоз на стари возила од Европа, со која владеачката партија сакаше да им се додвори на граѓаните, трговците-застапници на продажбата на нови автомобили, доживеаја голем пад во продажбата, па главно почнаа да се борат за државниот колач – јавните наддавања за набавка на автомобили за потребите на државата, јавниот сектор.

МИНИСТЕРСТВА, ОПШТИНИ, ИНСТИТУЦИИ КУПУВААТ АВТОМОБИЛИ ОД КАЛЕНИКОВИ

Со само едно отворање на страницата на Бирото за јавни набавки може да се најдат сите компании во бизнисот со автомобили кои во последните неколку години добиле најмногу тендери од министерствата, општините, државните институции, јавните претпријатија, болниците, клиниките… Една од автомобилските компании која лани во декември, 2015 година прослави 25 години од своето постоење е фирмата „КА-ДИС“, која е во сопственост на семејството Каленикови. Нејзин сопственик е Златко Калеников, поранешен претседател на Сојузот на стопански комори, кој речиси два мандата по две години седеше на претседателското столче во ССК, додека како генерален директор на истата фирма се води неговиот брат Зоран.

Во јавноста се зборува дека Златко Калеников е тој кој од тројцата браќа има најблиски релации со владејачката партија, а познавачите на состојбите тврдат дека тој е „спојката“ на бизнисот и политиката меѓу бизнисменот Орце Камчев и екс шефот на УБК, Сашо Мијалков. Дури, пред три години, за време на локалните избори во 2013 година, медиумите пишуваа дека Калеников ќе биде исфрлен како адут за освојување на градоначалничкото место во единствената општина во главниот град која во тој период ја држеше опозицискиот СДСМ како противкандидат на Стевче Јакимовски, кој на тие избори настапи како независен кандидат. Но, во последен момент работите се променија, па наместо Калеников на Јакимовски му се спротивстави адвокатката Јагнула Куновска.

Според податоците објавени од Бирото за јавни набавки може да се забележи дека „КА-ДИС“ често добива тендери и тоа од министерствата, општините, државните институции. Еден од последните склучени договори е на 26 февруари, 2016 година со воздухопловната агенција М-НАВ, на чие чело е таткото на министерот за надворешни работи Никола Поповски, Живко за набавка на моторни возила во вредност од 25.000 евра.

Исто така, фирмата како најдобар понудувач добива дури седум тендери од Министерството за одбрана за набавка на 16 патнички возила само за една година – во 2015 година и сервисирање и поправка на службените возила, а целата бизнис-зделка чини приближно 332.000 евра.

Но, тоа не е сѐ. Со истата фирма на 3 февруари, 2016 година договор за сервисирање и поправка на службените возила склучило и Министерството за финансии во вредност од речиси 52.000 евра. Тука е и Основното јавно обвинителство, кое со КА-ДИС при крајот на годината склучило договор за набавка на три теренски моторни возила, чија вредност изнесува речиси 44.000 евра. На тендерот конкурирале повеќе фирми, но победничката фирма ја понудила најниската цена. Фирмата на Калеников, исто така, има склучено два договора и со Македонската радио-телевизија за сервис и одржување на возила и набавка на гуми.

Според податоците објавени на БЈБ, „КА-ДИС“ како најдобар понудувач на 9 декември 2015 година склучува договор со Град Скопје за набавка на патнички автомобил на електричен погон во вредност од 30.000 евра. Фирмата на овој тендер се водела како единствен понудувач. Вo истиот период, Општина Аеродром склучила договор со фирмата на Каленикови за сервисирање моторни возила, а зделката изнесува 63.000 евра. На листата склучени договори можат да се најдат ЈП Водовод и Канализација, ЕВН Македонија, ПИОМ, Агенцијата за катастар на недвижности, Министерството за земјоделство, Општина Велес, АЕК, Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерството за образование… Сите овие институции склучиле договор со „КА-ДИС“ или за набавка на возила или за поправка и сервисирање на службените возила.

ТЕНДЕРИ СЕ ДОБИВААТ НА СЕКОЈ ЧЕКОР

Сепак, тука не завршува тендер-бизнисот со автомобилите во семејството Каленикови. Тие имаат уште една автомобилска компанија со која раководи нивниот брат Кирил Калеников. Се работи за автомобилската компанија „Аутомотив-Груп“, позната во јавноста по тоа што го доби големиот тендер за набавка на 80 амбулантски возила за Брза помош, кој чини 4,5 милиони евра. Овој тендер цело време го следеа низа неправилности и нерегуларности, а и постојани кавги меѓу автомобилските компании.

Целата процедура околу набавката на возилата почна пред четири години, во 2012 година, преку електронска аукција во Министерството за здравство, каде во последен момент битката се водеше помеѓу двајца застапници на производителите на автомобили „Рено“ со понуда од 226 милиони денари и „Опел“, со повисока понуда од 454 милиони денари.

За овој тендер постоеја разни несогласувања во врска со тендерската документација, изборот на понудите и начинот на кој се заврши целата постапка. Според нашите информации, од пријавените шест понудувачи на тендерот, неколку денови пред аукцијата биле дисквалификувани четири. На две фирми им биле отфрлени понудите поради тоа што имале помала банкарска гаранција од законски предвидената, додека за другите две фирми сѐ уште не се знае точната причина. Со оглед на тоа, како и секогаш, ресорното Министерство тврдеше дека најниската цена е главен критериум за избор на најповолен понудувач. Но, според сознанијата на „Фокус“, имало и фирма која имала уште пониска понуда, но која поради други причини била отфрлена од јавната набавка.

Во тој период, повеќето од фирмите што учествувале на тендерот поднеле жалби, сметајќи дека целиот процес и избор е полн со нерегуларности и неправилности. Но, нивните жалби биле одбиени, а тендерот го добива фирмата „Аутомотив Груп“, која подоцна ги набавува потребните возила.

Набавката на амбулантски возила подолго време го следеа нерегуларности. Првиот тендер во јуни, 2011 година го објави поранешниот министер за здравство Бујар Османи, а веќе во септември беше поништен со доаѓањето на новиот министер Никола Тодоров, поради промена на буџетот и понудените повисоки цени од реалните на пазарот. Во ноември, повторно беше распишан нов тендер.

Тогаш се набавени амбулантските возила, а на пуштањето во употреба присуствуваа премиерот Груевски и министерот Тодоров, кои се сликаа до автомобилите, фалејќи се колку Владата вложува во јавното здравство.

Освен овој тендер, фирмата „Аутомотив-Груп“ добива тендери и од државни институции. На 24 јануари, 2014 година компанијата склучува договор со АД Електрани Македонија за набавка на 19 теренски возила во вредност од 314 илјади евра. Според склучениот договор, фирмата на овој тендер се водела како единствен понудувач. Исто така, „Аутомотив – Груп“на 4 декември, 2013 година договорила зделка со Македонски шуми за набавка на теренски возила, чија вредност изнесува речиси 508.000 евра. Друга државна институција која склучила договор со фирмата на Калеников е Фондот за здравство за набавка на две патнички возила во вредност од речиси 49 илјади евра.

На веб-страницата на Бирото за јавни набавки се објавени повеќето склучени договори на автомобилската компанија со државните институции. На 22 мај, 2013 година ЕВН Македонија склучило договор со оваа фирма за набавка на теренски моторни возила во вредност од приближно 533.000 евра.

Освен Каленикови, други автомобилски компании кои добиваат тендери од државни институции, општини и јавни претпријатија се „Аутомакедонија“, кои, исто така, добиле тендери од Македонска пошта, Државен инспекторат за земјоделство, Фонд за здравство, Министерство за одбрана, Централен регистар, Министерство за транспорт и врски….

ТАКТИКА ЗА УРИВАЊЕ НА ТЕНДЕРИТЕ

Не помина мазно ниту тендерот за набавка на 150 нови возила на Министерството за внатрешни работи во 2013 година, кога полицијата ги замени старите „крајслери. Набавката чинеше 3,2 милиони евра. Битката за добивање на тендерот ја следеа низа неправилности при што во првите два обида не успеа да се дојде до избор. Копјата се кршеа меѓу автомобилските компании, а целиот процес го следеа хакерски упад во системот на МВР за време на наддавањето, многу жалби и поништувања.

За потсетување, „Кадис“ и „Порше Македонија“ беа остри конкуренти на тендерите на МВР за набавка на полициски возила дури две години. Во 2012 година, „Порше Македонија“ го оспори тендерот за замена на полициските „крајслери“ со возила од моделот „сеат алтеа“, за потоа на нов тендер полицијата да одлучи да набави автомобили од моделот „шкода јети“, по што и оваа одлука беше обжалена од конкурентите, но жалбите беа одбиени.

Во тој период Зоран Калеников бараше повторување на аукцијата бидејќи продолженото електронско надавање го сметале за нелегитимно. Револтирани од тоа што не се откри кој го направил хакерскиот упад, на повторената електронска аукција, која „КА-ДИС“ ја сметаше за нелегитимна и на која не учествуваше, Комисијата за јавни набавки објави дека компанијата „Порше Македонија“ со возилото „шкода јети“ доставила најниска понуда и дека оваа компанија ќе ги набавува полициските возила.

Нашите извори коментираат дека редовна пракса во последните неколку години станало тоа на масата на Комисијата за јавни набавки да се најдат жалбите од „КА-ДИС“, во кои најчесто се тврди дека се направени пропусти при проценката на понудите. Според неофицијални информации, оваа компанија најчесто преку жалби ги урива тендерите, а во меѓувреме ја намалува цената на автомобилите, по што ја добива работата.

Притоа, другите фирми увозници на автомобили често се откажуваат од долгите жалбени постапки, од постојаните уривања на тендерите, најмногу заради тоа, да не бидат дисквалификувани во иднина, надевајќи се дека ќе добијат дел од државниот колач во некое друго јавно наддавање.

Ова е веќе усовршена тактика при јавните набавки и во други области, кога се форсираат компании блиски до владеачката партија. „Фокус“ веќе пишуваше за сличен пристап на компанијата „Соникс“ на кумашинот на Мартин Протуѓер, во тендерите за набавка на медицинска опрема на Министерството за здравство.

Се разбира, сѐ додека џебовите на Фамилијата се полнат, сѐ мора да биде во рамки на Уставот и законите.

Рамка:

„СЕАТ“ ОД „КА-ДИС“ ПРЕМИНА ВО „ПОРШЕ МАКЕДОНИЈА“

Пред две години, во април 2014 година фирмата „Порше Македонија“ ги презеде возилата „Сеат“ за кои речиси десет години ексклузивен застапник беше автомобилската компанија „Кадис“. Преминувањето на брендот „сеат“ од компанијата на семејството Каленикови во „Порше Македонија“ се случило поради одлука донесена на глобално ниво во групацијата „Фолксваген“.

„Кадис“ и „Аутомотив груп“, компании чии сопственици се Каленикови, во моментов ги продаваат брендовите „нисан“, „рено“ и „дачија“.

Рамка:

КАЛЕНИКОВИ НЕДОСТАПНИ ЗА „ФОКУС“

Се обидовме стапиме во контакт со Каленикови за да ги прашаме на кој начин ги добиваат тендерите, дали имаат блиски релации со владејачката партија и дали често покренуваат жалбени постапки, доколку не го добиле тендерот. Но, и по неколку обиди, до затворањето на овој број од весникот не успеавме да стапиме во контакт со нив.

Поврзани новости