Арбен Таравари за „Фокус“ ја цитираше Хипократовата заклетва и додава: Не ме плашат заканите на ВМРО-ДПМНЕ

by Fokus

Откако ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со писмено соопштение, кое го посвети на новиот министер за здравство Арбен Таравари, нарекувајќи го разулавен националист, „Фокус“ го контактираше првиот човек во здравството за да ни даде коментар на обвинувањата на најголемата опозициска партија.

Таравари во изјава за „Фокус“ ја цитираше Хипократовата заклетва, тврдејќи дека тоа е негова мисија и дека воопшто не го плашат заканите на ВМРО-ДПМНЕ.

– Во моментот кога стапувам во редовите на членовите на медицинската професија. Јас свечено ветувам дека ќе го ставам својот живот во служба на хуманоста. Кон учителите ќе ја задржам потребната благодарност и почит. Мојата професија ќе ја вршам со совест и достоинство. Здравјето на мојот пациент ќе биде мојата најголема грижа. Ќе ги почитувам и чувам тајните на оние кои ќе ми се исповедаат. Јас ќе продолжам со сета моја сила да ја сочувам честта на благородната традиција на медицинската професија. Моите колеги ќе ги сметам како свои браќа. Во вршењето на професијата кон пациентот, нема да влијае верска, национална, расна, политичка или класната припадност. Од почетокот апсолутно ќе го чувам човечкиот живот. Ниту под закана, нема да дозволам злоупотреба на моите медицински знаења, што би било во спротивност со законите на хуманоста. Ова ветување е дадено свечено, слободно, потпирајќи се на мојата лична чест. Ова е Хипократовата заклетва, на кого го дадов мојот збор. Заклетва под која треба да функционира секој лекар – истакна новиот министер за здравство.

Тој додава дека Министерството што го води е на почетокот на извршување на нови како и продолжување на претходните должности.

– Ние сме посветени на нивно исполнување – тврди Таравари.


И.М.

 

Поврзани новости