Арамии во Неготино покрај мед, крадат и пчели

by Fokus

Индивидуални пчелари, но и членови на ,,Пчеларско здружение – Неготински мед’’ од Неготино, изминативе неколку месеци постојано биле на мета на крадци. Дрските арамии им ги краделе целите пчелни семејства, односно кошниците полни со мед.

Од здружението, чиј претседател е Др. Миле Тошев веќе ги пријавиле кражбите во МВР. Велат дека се многу загрижени, посебно поради тоа што кражбите и по пријавите во полиција продолжиле.

-На наши членови им се украдени околу 25 пчелни семејства. Имавме состанок, МВР е информирано и се надеваме дека ќе се открие сторителот – ни изјави Др. Тошев.

И индивидуалните производители на мед, кои што не се членови во здружението велат дека се загрижени и вознемирени поради дрските крадци. Над стотици пчелни семејства им биле украдени на десетици пчелари, и со тоа им се нанела голема материјална штета. Појаснуваат дека едно пчелно семејство, во овој период од годината кога кошниците се полни со мед, изнесува од 150 па до 200 евра, во зависност од големината. Кражбите се случувале насекаде околу градот, на повеќе локации, каде тие имале пчеларници.

Велат дека пчеларството е една доста тешка работа, потребно е многу труд и посветеност, и како се револтирани што кражбите никако да запрат во изминатите неколку месеци. Пријавувале во полиција, од каде им кажувале дека се превземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и како веќе постоеле индиции кој би можел да биде крадецот, но и покрај тоа секојдневно исчезнувале сандаците со пчели на неготинчани. Претпоставувале дека се работи за организирана група, луѓе кои што имаат искуство со пчелите, а во разговор со нивни колеги од повеќе градови во земјава дознале дека истиот проблем во последните неколку месеци постоел и во Кавадарци, Прилеп и други места.

Познат пчелар од Неготино, кој со децении се занимавал со пчеларство, а на кого му биле украдени околу 20 сандаци со пчели, револтиран од настаните направил обиколка на десетици пчеларници низ Македонија, во потрага по своите пчели, но безуспешно. И покрај тоа што сандаците му биле одбележани, не ги пронашол.

Еден од оштетените пчелари е и Богдан Најдовски, на кого минатата недела му биле украдени шест пчелни семејства. Вели дека настанот го пријавил во полиција, разговарал и со своите колеги на кои им се случило истото. Тврди дека станува збор за огромни суми на пари, бидејќи според слободна проценка на пчеларите кои останале без своите пчели, станувало збор за сума од над 20 илјади евра.

-Пчелите се едни благородни животни и навистина е грев ова што се случува. Не знаеме како да се заштитиме од арамиите. Планираме да чуваме стража, но тоа е нешто кое што е невозможно во тек на подолг период. Јас лично пријавив во полиција, но имам пријатели пчелари кои што воопшто не ги пријавија кражбите. Во Неготино има голем број на индивидуални пчелари, покрај оние кои се членови во здружението, не ги знаеме точните бројки на украдени семејства, но веруваме дека ја надминуваат бројката од 100. Арамиите сигурно имаат познавање од пчеларството, знаат како да го затворат отворот на сандаците, но и да им остават простор низ кој што ќе влегува воздух додека ги транспортираат украдените пчели. Сигурно доаѓаат и со заштитни одела, за да се заштитат од убодите. Не знаеме што се случува потоа со нив, дали го продаваат само медот или цели пчелни семејства, но факт е дека станува збор за поголеми суми на пари во секој случај – загрижено раскажува Најдовски за ,,Фокус’’.

Неофицијално, во Македонија има околу 8.000 пчелари и над 260.000 пчелни семејства. За некои пчеларството е само хоби, но голем е бројот на семејства кои што живеат исклучително од производство и продажба на мед и останати пчелни производи. Од едно пчелно семејство, во просек се добиваат по околу 12 килограми мед годишно. Пчеларството е гранка која има значаен придонес во земјоделскиот сектор, и пчеларите се поддржани од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство со субвенции.

Вики Клинчарова

Поврзани новости