Апостолов ја предаде градоначалничката функција: Исклучената фонтана ,,Џенти Ди Треве’’ ќе ги потсетува неготинчани на неговото владеење

by Fokus

Ванчо Апостолов, познат во градот како Џенти, денес му ја предаде функцијата градоначалник на Неготино на новоизбраниот градоначалник Тони Делков од СДСМ.Тој му посака успех во работењето во четири годишниот мандат, а Делков вети дека ќе вложи максимални напори градот да си го врати стариот сјај.

Апостолов зад себе не остави значајни капитални проекти за граѓаните. Деценискиот проблем со водоснабдувањето не успеа да го реши и покрај сите ветувања, па неготинчани и денес се соочуваат со рестрикциите на водата. Јавната Здравствена Установа веќе десет години нема породилно одделение, па трудниците се принудени да раѓаат во Кавадарци, Велес или Скопје. Од минатата година не функцинира и делот во лабораторијата каде што се земаше брис, па и за таа услуга граѓаните мораат да патуваат во Кавадарци, еднаш за да остават брис, и по три дена да земат резултати.

Улиците, особено главната ,,Маршал Тито’’ и ,,Партизанска’’ се со уништени тротоари, кои не се санираа во изминативе години, па речиси е невозможно да се оди по нив со количка со бебе. За луѓето со посебни потреби кои се во инвалидски колички, нема услови за излегување и движење низ градот. Затоа пак, се изгради пат од селото Горни Дисан до селото Вешје, во вредност од 260.000 евра. Според пописот од 2002 година, во Вешје живеат 45 жители.

Спортската сала ,,Младост’’ се распаѓа, запуштено е игралиштето зад салата, кое свечно го отворија Никола Груевски и Диме Спасов пред околу шест години и кое чинеше 12 милиони денари. Се отвори ново мултинаменско игралиште во вредност од седум милиони денари, додека веќе постоечките се запуштени и пропаѓаат пред очите на јавноста. Спомен костурницата во градот исто така е запуштена и буквално претворена во змијарник.


Граѓани кои што живеат во близина, постојано апелираат за нејзино средување. Нема ништо и од ветуваната конзервација на Саат кулата, споменик на културата од 19 век, за која се најавуваше дека ќе стане туристичка дестинација. Лежечките полицајци пред Основното Училиште ,,Страшо Пинџур’’ на улица ,,Партизанска’’ стојат оштетени, а не се поставија нови и на паралелната улица ,,Маршал Тито’’ каде минуваат учениците, а за кои во повеќе наврати родители апелираа до Советот, поради зголема фреквентност на возила. Не се поставени лежечки полицајци ниту пред Основното Училиште ,,Гоце Делчев’’ каде се практикува брзо возење. И пешачките премини останаа неодбележани, и покрај најавата дека се префарбуваат секоја година во септември, пред традиционалниот панаѓур.

Во СОУ ,,Свети Кирил и Методиј’’ се уште не се заменија старите врати и прозорци, и учениците традиционално секоја зима имаат проблем со затоплувањето. Контејнерите за ѓубре, се уште се без капаци и можеби единствени во светот на кои намерно им се отстранети капаците, поради технички проблем на камионите во кои се истураат, и отпадоците сеуште стојат на ,,ачик’’ на граѓаните. Не се реши ниту сообраќајниот метеж во централното подрачје, и не се изградија нови паркинг простори. Проблемот е посебно забележителен во пазарните денови, кога има зголемен број на возила. И пазарџиите сеуште мрзнат на отворениот градски пазар со дотраени тезги, бидејќи во градот нема затворен пазар.

Лозари кои што се уште не ги добиле своите пари за предаденото грозје во винарската визба ,,Повардарие’’ со години наназад, и денес протестираат пред истата. Состојбата на лозарите воопшто не се подобри, и покрај тоа што лозарството е примарно во регионот и од него опстојуваат мнозинството неготинчани. Затоа пак се изврши обука и се набави опрема за потребите на 50 постојани и нови пчелари.

Во тек на своето владеење Апостолов ветуваше и започна повеќе проекти, но дефинитвно ќе остане запаметен по фонтаната која што ја изгради на градскиот плоштад, по теркот на фонтаната во Карпош, која многу му се допаднала, па решил иста да направи и во Неготино. За неа Општината издвои околу 60.000 евра. Неготинчани, неофицијално ја нарекоа ,,Џенти Ди Треве’’, според прекарот на Апостолов, а револтот што во градот во кој нема вода се изгради фонтана беше причина за многу јавни напади поради оваа одлука. Но, во изминативе денови, дури и ,,Џенти Ди Треве’’ секна. Не тече водата, ниту пак светат сијаличките во боја. Не е познато дали е исклучена поради дефект, или пак е планирано да работи само во летниот период.

Секнатата фонтана останува среде плоштад, како еден вид на потсетник на градоначалничкиот мандат на Апостолов. А, на Делков му преостанува да ги засука ракавите и да го врати стариот сјај на градот, како што вети пред граѓаните.

Вики Клинчарова

Поврзани новости