Денеска во Апелација ќе се оддржи јавна седница за случајот „Таргет и Тврдина“, односно за масовното нелегално прислушување во УБК и уништување на опремата за следење на комуникациите.
Меѓу осудените се и екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, како и вработени во МВР и УБК.
Поточно, второстепениот суд ќе ги разгледа жалбите на осудените за првостепената пресуда и може да ја потврди пресудата, да ја преиначи или да ја укине и да ја врати на повторно одлучување.
Пресудата на Кривичниот суд за „Таргет и Тврдина“, беше донесена лани во февруари, а со која порашниот директор на УБК, Мијалков, беше осуден на 12 години затвор. Тој, според пресудата, е главниот организатор на прислушувањето, за што имал можност и моќ.
Мијалков се гонеше за три кривични дела, односно за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ за што е осуден на казна затвор од 5 години, за „Злосторничко здружување“ на казна затвор од 5, и за „Примање награда за противзаконито дејствување“ на казна затвор од 3 години. Тој ги доби максималните казни предвидени за секое дело, или единечна казна за сите три дела од 12 години.
Поранешната министерка Гордана Јанкулоска беше осудена на казна затвор од 4 години, началничката Надица Николиќ на казна од 3 години, а Тони Јакимовски на казна затвор од 6 години.
Бегалците, односно поранешните началници во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошкоски беа осудени на 15 години.
Судот им изрече условни затворска казна од две години на обвинетите Владимир Варелов, Маријан Шумуликовски, Силвана Златкова и Васил Исаковски, за сторено кривично дело „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување”.
За обвинетата Валентина Симоновска Судот изрече условна казна затвор од две години за кривичнoто делo „фалсификување службена исправа“.
Во случајот како оштетени до судот се пријавија 130 граѓани, беа сослушани стотина сведоци и беа изведени 810 докази.
В.В.