Апасиев сака лампиони колку што Пировска има функции, таа негира

Не членувам во ниту еден Управен одбор, децидна е извршната директорка на Хелсиншки, Уранија Пировска

by fokus

„Сакам да имам лампиони на елкава, колку шо Уранија Пировска од Хелсиншки е членка по управни одбори у време на СДСМ“, напиша лидерот на Левица, Димитар Апасиев на својот Фејсбук профил, откако Пировска беше именувана за претседател на Комисијата за помилување кај претседателот.

Извршната директорка на Хелсиншки комитет, Пировска пак во изјава за Фокус е децидна дека не членува во ниту еден Управен одбор.

Објаснува дека сега е претседателка на Комисијата за помилување и на Комисијата што ја доделува наградата за човекови права „Мето Јовановски“, што била формирана по иницијатива на Хелсиншки комитет.

Исто така, Пировска потсетува дека Хелсиншки комитет секогаш има свој член во Кмисијата за помилување, а тоа беше случај и кога претседател на државата беше Ѓорге Иванов.

-Тоа не е вработување, се состануваме еднаш во месецот. Хелсиншки е невладина организација, не е институција. Јас не сум функционер туку извршна директорка на Хелсиншки, вели Пировска за Фокус.

Пред неколку дена Кабинетот на Пендаровски соопшти дека за претседател на Комисијата за помилување е именувана Уранија Пировска, а за членови се именувани Фехми Стафа, Љубомир Јовески, Љубомир Михајловски, Темелко Ристевски, Ерол Рушид, Томислав Кежаровски, Божин Аврамовски, Сафет Aлиу, Зора Митиќ и Билјана Петковска.

Пировска е именувана за претседател на Комисијата за помилување на местото на Сабит Кранли, а нов член во комисијата е новинарот Томислав Кежаровски.

На местото на актерката Сабина Ајрула, пак, за член на Комисијата за одликувања и признанија Пендаровски донесе одлука за именување на актерката Амернис Јовановска-Нокшиќи.

Ф.Ф.С

Поврзани новости