Апасиев до Џафери: Баравте бал, ќе добиете маскенбал!

by Fokus

Пратете обезбедување во 14 часот на седницата на собраниската комисија, баравте бал ќе добиете маскенбал, му порача пратеникот Димитар Апасиев од Левица на собранискиот претседател Талат Џафери на пленарната седницата која почна со задоцнување од час и половина.

Пратеникот Апасиев реагираше затоа што амандманите на Левица за Законот за лична карта исчезнале при преносот од собраниската архива до кабинетот на собранискиот спикер Талат Џафери. Вработените во собраниската архива, објасни Апасиев, при приложувањето на амандманите, наместо да ги примат, барале одобрение од претседателот Џафери, што е недозволиво во парламентараната демократија.

– Тие се должни да го примат секое барање на граѓаните, па и тоа да е напишано на тоалетна хартија – рече Апасиев кој најави дека на денешната комисиска расправа закажана за во 14 часот Левица ќе бара да ѝ се прифатат амандманите на Левица, а не само на Алијанса за Албанците.

Тој револтиран од односот на Собранието спрема амандманите на Левица го предупреди претседателот Џафери да прати обезбедување на комисиската расправа зошто најави „војна“ на седницата.

– Ако сакате инциденти, ви најавувам дека ќе добиете инциденти. Доколку на комисија во 14 часот ги нема амандманите на Левица, ви најавувам да повикате обезбедување и да ја правиме големата магија. Баравте бал ќе добиете маскенбал. Сакате војна, ќе добиете војна – рече Апасиев

Ова е Собрание, а не улица и не се заканувај од говорница, му одговори Џафери на Апасиев.

 

Поврзани новости