Лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев повторно го вперува прстот во министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски како еден од одговорните за трагедијата во Кочани. Според него, како што вели во емисијата ,,ТВ Објектив” на КТВ, при секоја ваква колективна траума, прво нешто е министерот да си даде оставка, ако не и целата влада.
-Диско – шталата била оставена без контрола. Таа била партиски штаб, практично, на ДПМНЕ каде што сите локални функционери нивни се собирале, локале, јаделе, пиеле, веројатно, и без пари како што имаат обичај да прават. Нашата интерпелација е законски заснована. Ние ги следевме законските одредби од Законот за угостителска дејност, од Законот за внатрешни работи, од Законот за полиција. Ги следевме сите ингеренции кои не биле применети во случајот. Тоа се кардинални пропусти, вели лидерот на Левица.
– Вие ги немате обвинето тие што први требало да ги обвините, а тоа се актуелните носители на јавни функции, затоа што вие не сте дојдени истата ноќ на власт, па да речете ние сме нови. Не, вие сте година дена претходно. Сте имале илјадници можности. Државниот пазарен инспекторат, директорот Влатко Стојковски не направил инспекција. Од Дирекцијата за заштита и спасување, сега ги поапсија претходните. Како можете да поапсите министер кој бил пред 10 години, а да не го поапсите сегашниот? Нема логика! Обратно треба да апсите! Оттука треба да апсите, оттука натаму треба да апсите, а не оттаму наваму, додава Апасиев.
Тој најави и интерпелација и кривична пријава за премиерот Христијан Мицкоски.