Антикорупциска отвори постапки за Рамиз Мерко, Јово Вангеловски и директорката на Хематологија

by fokus 11:36
11:36

Државната комисија за спречување на корупција отвори постапки за злоупотреба на службената положба кај в.д. директорката на Хематологија, Ирена Пановска, за градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко и претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.

Во случајот кај Пановска ќе се истражува дали се прекршени законите при трндерската постапка за набавка на лекови, тендер кој го добива фирмата Др. Пановски, во сопственост на нејзиниот татко Златко Пановски.

Антикорупциска го отвора предметот по допрен глас, информации објавени во медиумите, но и по пријава поднесена од група доктори. Според антикорупционерите, во пријавата има многу наводи за нерегуларности кои допрва треба да се испитуваат. Во пријавата била наведено дека Пановска унапредува свои луѓе на раководни позиции и дека ја имала поддршката од министерот Венко Филипче и од министерката Радмила Шеќеринска.

Дополнително ќе се утврдува дали Пановска доставила анкетен лист при второто нејзино назначување за в.д. директор.

Против Рамиз Мерко е отворена постапка за набавката на четири возила во вкупна вредност од 114.000 евра. Ќе се истражува дали Мерко ја злоупотребил својата положба при набавката и потребата од набавка на „ауди А6“ во вредност од 67.000 евра во ситуација кога Општината е задолжена и добива средства од Владата за да ги исплати своите долгови. Антикорупционерите цитираа написи во медиумите каде Мерко дава изјава и вели дека го купил аудито затоа што под чест му е да се вози во „шкода“.

За набавка на возило е отворена и постапката против претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. Антикорупционерите ќе истражуваат дали Вангеловски ја злоупотребил својата положба за лична корист кога набавил „БМВ“ од 40.000 евра.

Маја Васева

Поврзани новости