Анкета пред изборите во Хрватска: Милановиќ и Шкоро и се приближија на Колинда

by Fokus

Денес е објавено првото големо истражување за претседателските избори во Хрватска, откако претходно конечно беа познати сите 11 кандидати за прв човек на државата. Хрватски „Индекс“ ги објави нивните стартни позиции, но според нив, уште од сега е јасно дека завршницата на претседателската трка ќе биде непредвидлива и крајно неизвесна.

Според информациите, доколку денес се одржат претседателските избори во Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ би освоила 27,4 отсто од гласовите, а веднаш зад неа се Зоран Милановиќ со 24 отсто и Мирослав Шкоро со 23 отсто. Сепак, според познавачите на политичките прилики во земјата, во следните две недели би можело да има значајни промени во овој поредок.

Од другите кандидати, Мислав Колакушиќ е на 8,2 отсто. Следат Иван Пернар со 2,9 отсто, Дејан Ковач би добил 2,6, а Далија Орешковиќ 1,3 отсто, додека Дарио Јуричан само 1,2 отсто од гласовите.

Останатите претседателски кандидати добиваат под еден отсто поддршка: Недељко Бабиќ, Анто Ѓапиќ и Катарина Пеовиќ. Меѓу гласачите кои се изјасниле дека сигурно ќе излезат на изборите, се уште има осум отсто кои се уште немаат одлучено за кого ќе гласаат. Според „Индекс“, со оглед на тесната битка меѓу првите три кандидати, претстои битка за секој глас.

 Кои се гласачите на тројцата водечки кандидати

Колинда Грабар-Китаровиќ поголемиот дел од гласовите може да го добие од гласачите постари од 60 години и тука освојува 33 отсто. Истото важи и за оние кои имаат завршено основно училиште, каде може да добие 37 отсто, а тука е и Далмација каде води со 31 отсто.

Зоран Милановиќ пак, има поголема застапеност меѓу жените, каде може да добие 27 отсто од гласовите, а тука се гласачите над 60 години. Кога само тие би гласале, Милановиќ би добил 35 отсто од гласовите. Според „Индекс“, Милановиќ води во Загреб, каде има поддршка од 28 отсто од вкупната бројка на гласачи.

Гласачите на Мирослав Шкоро се на возраст од 30 до 44 години и тука тој добива 32 отсто, исто е и меѓу гласачите со средно училиште каде тој може да смета на 25 отсто. Шкоро води и во Славонија со 30 отсто.

Кој би можел да ги одлучи изборите

Изборите би можеле да ги одлучат неопределените гласачи, но и дисциплинираните. Видливо е како поголема желба за излез на изборите имаат гласачите на партиите ХДЗ и СДП.

Поголем е интересот меѓу постарите гласачи, поточно оние над 60 години, но и на високообразованите гласачи.

Поголема желба за излез на гласачките иместа имаат испитаниците во Истра и Приморје, во Загреб и на северот на Хрватска.

Истражувањето е спроведено од агенцијата ИПСОС на примерок од 1000 граѓани во Република Хрватска. Истражувањето е спроведено меѓу 4 и 6 декември 2019 година со телефонски метод. Важно е да се напомене дека тестирани се само гласачите кои планираат да излезат на гласачките места.

Поврзани новости