Анкета на Стопанска комора: Повеќе од половина од фирмите имаат проблем со ликвидноста

by Fokus

Педесет и шест отсто од фирмите што ги анкетирала Стопанската комора изјавиле дека се соочуваат со проблеми со ликвидноста поради корона-кризата.

Повеќе од 80 отсто пријавиле процент на откажување на договорените аранжмани или работа на претпријатието. Триесет и пет отсто од нив пријавиле дека откажувањето на договорените аранжмани е поголемо од 50 отсто.

„И покрај проблемите со кои се соочуваат претпријатијата во однос на производството, извозот, увозот, прометот и синџирот на добавувачи, радува сознанието дека 71 отсто не размислуваат за затворање на претпријатието, а дополнителни 21 процент размислуваат за затворање само на еден дел од претпријатието, додека осум проценти би го затвориле претпријатието во целост “, вели економскиот советник на Управниот одбор на Комората, Зоран Јовановски.

Сепак, тој посочува дека овие податоци можат да се поврзат со фактот што дури 79 отсто од анкетираните претпријатија работат повеќе од 10 години на пазарот.

Анкетата покажала и дека 19 отсто од фирмите веќе ги испратиле вработените на принуден одмор, 19 отсто планираат да ги пратат на принуден одмор, а 48 се изјасниле дека нема да го направат тоа, додека останатите размислуваат за „друга можност“.

„Во однос на прашањето за отпуштање на работниците, 86,2 отсто се изјаснија дека нема да ги отпуштат вработените, 13 проценти дека ќе ги отпуштат, а само 0,8 отсто дека веќе ги отпуштиле. Ова потврдува дека стопанствениците се свесни за важноста на работната сила, во која патем е и инвестирано за успешно натамошно работење на претпријатијата, а соодветно на тоа и за потребата колку што е можно повеќе да ги задржат работниците во редовен работен однос“, – вели Јовановски.

Во анкетата, фирмите се изјасниле и која од економските мерки на Владата планираат да ја искористат. Најголем дел од анкетираните фирми, 30 отсто, планираат да ја користат мерката – 14 500 денари месечно по вработен за април и мај, за компании погодени од кризата или 50 отсто од трошоците за придонеси за секој вработен.

За користење на мерката – задолжително користење на првиот дел од годишниот одмор се изјасниле 26 отсто од претпријатијата. Мерката – одложување на кредитите кај банките и пролонгирање на отплатите, репрограмирање, грејс-период, поповолна каматна стапка и слично, ќе ја корист 12 отсто од анкетираните претпријатија.

Мерката – дополнителни бескаматни кредити за фирмите од нови осум милиони евра од Развојната банка на Северна Македонија ќе ја користат седум проценти од претпријатијата, а исто толку се изјаснија и за користење на мерката – 50 милиони евра евтини кредити од Развојната банка на Северна Македонија.

Анкетата на Стопанската комора на Македонија била спроведена од 7 до 14 април со цел анализа на последиците од коронавирусот. Во неа се вклучени компании што лани заедно имале вкупни приходи од 1,53 милијарда евра.

Поврзани новости