Анимамунди: Масовно труење на животни во Берово

by fokus

Од Анимамунди алармираат дека продолжува расфрлањето на отров и масовното труење на животни. Оттаму реагираат дека добиле бројни дојави од беровчани дека било извршено масовно труење во овој град, при што на улица, пред очите на граѓаните, не ретко деца, во агонични маки (тетеравење, повраќање, трзаи на целата мускулатура, плукање крв, гушење) се убиени голем број животни.

-Глетката во Берово е исклучително вознемирувачка и шокантна, активисти од беровската Иницијатива за заштита на животните, како и голем број граѓани сведочат за лешови од животни насекаде низ градот. Имаме основани сомненија дека се работи за организирано труење. Оние кој малку подобро ја познаваат оваа проблематика, а и по логика на нештата, знаат дека во случаи кога се работи за голем број на жртви и отрови поставени на повеќе локации во градот, не станува збор за изолиран случај, велат од Анимамунди.

Оттаму додаваат дека беровската Иницијатива за заштита на животните се обратила до институциите на Општината со барање за превземање на итни мерки за решавање на овие појави кои не се случуваат прв пат во  општината, отварање на истрага, контрола над слободната продажба на отровни материи, како и најстрого санкционирање на сторителите.

-Ги повикуваме граѓаните сите да пријават доколку имаат било какви сознанија за потенцијалните сторители, како и институциите да реагираат веднаш за да се фатат и најстрого казнат сторителите затоа што расфрлањето отрови е животна опасност за сите и тешко кривично дело!, велат од невладината за заштита на животните.

Поврзани новости