Здружението за заштита на животни Анима Мунди бара итно да се затвори стационарот Вардариште и му дава рок од пет дена на градоначалникот Коце Трајановски да одговори на ова барање, а во спротивно најавува масовни протести.

„Бараме итно да запре заловувањето, а сите веќе заловени да се вратат на локација од каде се земени за да добијат шанса да преживеат, наместо да се мачат и умираат во стационар! Секој совесен ветеринар веднаш би потврдил дека во вакви услови стерилизација не смее да биде изведувана и е фатална за бездомни животни кои потоа треба да бидат вратени на улица!

Мали кутриња никогаш повеќе да не се заловуваат и носат во Вардариште зашто од десет – девет умираат во пеколни маки, од епидемии и зарази!

Промена на ветеринарниот кадар зошто е нестручен и неетичен – произволно убиваат, а огромна е и стапката животни кои им умираат постоперативно. Бараме мониторинг врз работата на ветеринарите и проценките кое куче треба да биде убиено“, се наведува во обраќањето на Анима Мунди.

Оттаму објаснуваат дека смрзнати, болни, гладни кучиња кои полека умираат, кучиња кои постоперативно умираат поради ветеринарна нестручност и негрижа, масовна еутаназија на здрави неагресивни животни е реалноста во Вардариште.

Инаку, Вардариште постои околу десеттина години. Според ЈП ,,Комунална хигиена’’, во соработка со градот Скопје, тие од 2007 година го спроведуваат Проектот за третман на бездомните кучиња според принципите за хуман третман на животните – ЦНР програма (catch, neuter, release – “залови, стерилизирај, пушти“), осмислена од Светската асоцијација за заштита на животни (WSPA) и Кралското здружение за заштита на животните на Велика Британија (RSPCA). Оваа Програма е поддржана од Светската здравствена организација. (WHO), а одобрена од Советот на Град Скопје.

Сепак, од Анима Мунди со години наназад предупредуваат дека таму се врши масовна еутаназија на кучињата.

Вики Клинчарова

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.