Анима Мунди со тужби против масовното труење на миленици

by fokus

Здружението за заштита на животни Анима Мунди најавува тужби онаму каде ќе има законска основа, против масовното труење кучиња и мачки со расфрлање отров на јавни површини. Од таму ги повивкуваат институциите да ја смират јавноста, да извршат истраги на терен, во земјоделските аптеки, пазарите каде се купува отров и да ги санкционираат најстрого сите кои труејќи, како што велат, предизвикуваат јавна опасност и вршат строго казниво кривично дело.

„Во држава во која во текот на една вечер со нож се нападнати вработени во хотел, силувана девојка со ментална попреченост, украдени се пиштоли и пушки од продавница со ловна опрема, ловџија застрелал свој колега, дечко од 21 година бил крвнички тепан од страна на група лица, кои го удирале со клоци, тупаници и шишиња во пределот на главата и телото, најголема општествена закана стана инцидентен напад од едно куче испуштено на улица! Примитивци, насилници во моментов имаат главен збор, хараат низ градов и трујат се живо со отрови кои имаат капацитет да убијат и човек од 100 кила, а не деца и кучиња“, велат од здружението.

Од таму ги повикуваат граѓаните да им достават податоци за потенцијални трујачи, како и информации за оние кои во јавноста повикуваат на линч на бездомните кучиња.

„Сликајте ги јавните објави на сите насилници за да не ги избришат и доставете ни ги, а ние во секој случај каде имаме законска основа ќе поднесеме тужби!“, соопштуваат од таму.

Од здружението објавија фотографии од отруени животни низ Скопје.

Поврзани новости