Анима Мунди до Чулев: Силеџии трујат и пукаат во кучиња, од полицијата абер нема!

by Фокус
Во време кога речиси цела држава дисциплинирано ги следи мерките и препораките со цел да се заштитиме од последиците на пандемијата од коронавирус, насилниците, убијците на животни си тераат по свое без совест и без страв, убедени дека никој не им може ништо, реагираат од Анима Мунди. Во писмо упатено до министерот за внатрешни работи Наке Чулев, од Анима Мунди посочуваат дека во неколку места се забележуваат случаи на малтретирање на кучиња.
„Масовно труење на животните во Виница, поточно цели улици со мртви тела од убиени кучиња е слика која ги затекна граѓаните на 22.04., наутро кога завршил полицискиот час. Нема да навлегуваме сега во нашите убедувања дека е просто неверојатно полицијата да не види, не знае ништо за случаи на насилство, кое се случувало буквално среде улица или среде бел ден, сега кога полициските патроли се распоредени на речиси секој агол, туку бараме веднаш да се пристапи кон истрага и да се најдат и казнат сторителите“, стои во писмото.
Понатаму, од таму наведуваат дека лица oд Куманово организираат борби со кучиња.
„Шарпланинец го пуштаат на друго куче (хаска) и поттикнуваат да го дави додека кучето жртва е врзано, преплашено, не се брани, а силеџиите се забавуваат и го снимаат делото. Истите го објавуваат видеото на сопствените фејсбук профили, воопшто не се ни кријат, а уште помалку плашат од законот. Случајот е пријавен во полиција на 06.04 но до денешен ден службена реакција нема“, велат од Анима Мунди.
Во Пехчево, пак, велат од таму, двајца браќа пукале во локално куче.
„Кучето во болки и траума едвај успева да избега и, за среќа, е живо. Настанот е пријавен на 08.04, но од полицијата засега абер нема. Сторителите не се санкционирани за делото, шетаат слободни, убедени дека никој не им може ништо“, велат од Анима Мунди.

Поврзани новости