Анѓушев: Владата ќе направи напори за заем на „Југохром“ за филтри на печките

by fokus

Владата преку инструменти на Македонската банка за поддршка на развојот, во рамки на своите надлежности, ќе направи напори, да се обезбедат средства, во форма на заем за „Југохром“, со кој ќе се продолжи проектот за изградба на системот за отпрашување, комбинатот ќе се рестартира и работниците ќе започнат да работат и да земаат плата.

Тоа го навел вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на денешната средба со претставници на менаџментот и синдикалната организација на Југохром Алшар и претставници на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство, информираше по средбата Кабинетот на вицепремиерот.

Системот за отпрашување е неопходен за добивање интегрирана А-еколошка дозвола за работа на комбинатот и предуслов за негово рестартирање, што било потенцирано од страна на Анѓушев.

На состанокот менаџментот побарал финансиска поддршка од Владата со оглед дека поради финансиски проблеми на сопственикот процесот за изградба на систем за отпрашување се одвива со забавена динамика.

Сопственикот на „Југохром“ Васко Скендеровски по состанокот изјави дека Владата ќе се залага да помогне во забрзување на процесот за изградба на филтрите и најави оти за четири до пет  месеци печките број 7 и 8 на Комбинатот ќе бидат со изградени филтри  и ќе почнат да работат согласно потпишаниот меморандум минатата година.

– Со Владата сме сосема блиску до решение кое ќе биде вин-вин ситуација и за фабриката и за граѓаните на Тетово. Кон крајот на октомври или почетокот на ноември „Југохром“ ќе биде во производствена кондиција на печките 7 и 8 на кои ќе бидат поставени  филтрите, наведе Скендеровски.

Вредноста на филтер станицата, информираше тој, изнесува 4 милиони и 170 илјади евра.

– Досега од наша страна како менаџмент е инвестирано околу 800.000 евра, а остатокот најдовме решение како ќе бидат покриени, така што сум многу  поголем оптимист отколку претходно и стојам на зборот дека „Југохром“  до почетокот на ноември ќе има поставено филтер станица на печките број 7 и 8, рече Скендеровски.

Тој информираше дека 70-ината вработени кои останаа во „Југохром“ и по затворањето пред една година редовно добиваат плата, но се надева дека во скоро  време кога ќе почне поинтензивна изградбата на филтрите таа бројка во континуитет ќе продолжи да расте.

Враќање на работниците на работните места очекува и претседателот на синдикалната организација на „Југохром“ Бајрам Алити кој се надева дека со помош на Владата ќе се изгради системот за отпрашување.

– Мислам дека дефинитивно „Југохром“ излегува од ќорсокакакот и финансискиот проблем кој го имаше пред извесно време бидејќи Владата донесе одлука да ни помогне. Сметам дека со нивна помош „Југохром“ ќе го реши проблемот и за кратко време ќе го изгради системот за отпрашување, како Синдикат нормално нашата цел е луѓето да се вратат на работа  и се надеваме дека за кратко време ќе биде реализирано ова, изјави Алити.

Во соопштението од Кабинтетот на вицепремиерот е наведено дека соговорниците на состанокот се согласиле оти во интерес на работниците и економијата е комбинатот да започне со работа, како и оти повторното почнување со работа треба да биде во согласност со позитивните законски прописи за заштита на животната средина со што ќе се овозможи одржливост и непречено функционирање на комбинатот. Анѓушев потенцирал дека изградбата на систем за отпрашување е предуслов за рестартирање на комбинатот, за повисоко ниво на заштита на животната средина и заштита на здравјето на граѓаните кои живеат во околината. Приоритет на Владата, укажал, е „Југохром“ да се рестартира и да работи во согласност со еколошките стандарди.

Во октомври минатата 2017 година, Владата, синдикатот и менаџментот на „Југохром“ потпишаа меморандум со кој секоја од страните се обврза да ги изврши сопствените задачи во најкраток можен рок. Владата се обврза дека по завршување на системот за отпрашување, комбинатот ќе добие интегрирана А–еколошка дозвола со која ќе се овозможи рестартирање на печките 7 и 8.

Поврзани новости