Анѓушев ќе отвора фабрика која Груевски се пофали дека ја донел

by fokus

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, ќе ја отвори денеска фабриката на компанијата ODW Electric во Технолошко индустриската зона Охрид/Струга. Оваа компанија производува кабли и електрични инсталации за автомобилски брендови како Порше, Мерцедес, БМВ Фолсваген, а се очекува вработување на околу 1000 луѓе.

Поранешниот премиер, Никола Груевски, кој сега е пратеник во Собранието, на фејбук, пак, се потсети на времето кога течеле преговорите меѓу Владата и овој инвеститор. Груевски со доза на носталгија вели дека во еден момент морал да се вклучи во разговорите со претставниците на германскиот бренд, а на барање на Виктор Мизо.

„Тогаш, со обзир дека имав митинзи во Битола и регионот ги замолив да дојдат таму. Накратко ги прекинав моите изборни активности, седнавме во Епинал и се заврши како што посакувавме. Денес сум уште посреќен кога и официјално почнува со работа фабриката во ТИРЗ Охрид-Струга“, пишува Груевски на фејсбук.

Инаку, Владата на Груевски често беше критикувана дека им дава големи повластувања на странските инвеститори, дека пари во кеш се издвојуваат за да се убедат инвеститорите да отворат фабрики во Македонија и дека ефектот е минимален во споредба со високите трошоци за нивно привлекување.

Просечната плата во ТИРЗ зоните изнесува околу 260 евра. Анѓушев, пак, најави дека повеќе нема да бидат субвенционирани фирми кои исплаќаат плата под 18.000 денари. Според анализата на Владата во период од десет години за странски инвестиции биле потрошени 225 милиони евра, со што едно отворено работно место ја чинело државата 11.000 евра.

Поврзани новости