Анѓушев: Дезинформација е дека граѓаните ќе треба да купуваат мерачи за радијаторите

by fokus

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, ги демантираше шпекулациите дека граѓаните кои се приклучени на системот за централно греење ќе мора сами да набавуваат мерачи за топлинска енергија за радијаторите. Како што истакна денеска Анѓушев граѓаните нема да мора да одвојат сопствени средства за мерачите, туку истите ќе ги обезбеди државата.

– Тоа е дезинформација која не знам од кои причини се шири. Мерачи ќе има и ќе се најдат финасиски средства да бидат платени, а да не бидат на товар на граѓаните. Нивната набавката ќе биде регулирана со подзаконски акти, а граѓаните нема да имаат дополнителни трошоци – посочи тој.

Мерачите, рече тој, се потребни за да биде јасно кој колку потрошил и кој колку треба да плати, односно да се заштитат граѓаните да не го плаќаат тоа што не го потрошиле.

– Ќе направиме се тоа да не биде на товар на граѓаните. Ќе бидат вградени во сите објекти до почетокот на 2019 година кога се очекува новиот закон за енергетика да функционира со тие подзаконски акти. Сите промени во законот се исклучително во интерес на граѓаните и ако неговиот текст е добар за сите граѓани на ЕУ и е создаван во период од 50 години не гледам зошто би бил лош за македонските граѓани – додаде вицепремиерот.

Тој посочи дека има различни начини како да се набават, преку фондови да се обезбедат средства за воведување на калориметри во домаќинствата или да помогне државата. Во преговори се, како што кажа, со повеќе институции меѓу кои и со Хабитат и Зелениот климатски фонд.

 

 

Поврзани новости