Анѓушев: Да сме се откажале од четири лава на мост, тоа се 8 милиони евра за субвенции на еколошки автомобили

by fokus

Кочо Анѓушев, вицепремиерот за економски прашања, одговарајќи на пратеничко прашање за проблемот со загадувањето, истакна дека изворите на загадување се лоцирани и треба да се работи на нив. Според него најголем загадувач е загревањето, автомобилите и на крајот индустријата.

-Од четири анализи за загадувањето, сум прочитал три, и според сите нив е кристално јасно дека има три главни извори на  загадувачи и тоа загревањето, автомобилите и индустријата, индустријата е на последно место. Не можеме да се грееме на дрва, на ќумур, на сецкани гуми. Треба да се заменат горивата кои создаваат штетни честички, па затоа гасификацијата ќе биде многу важен чекор, рече Анѓушев.

Тој додаде дека треба да се размислува и за субвенционирање на еколошки возила.

-Најштетна беше дозволата за увезување на автомобили со мали стандарди во делот на екологијата, бидејќи тие најмногу загадуваат. Разбирам дека граѓаните немаат пари да купат скапи автомобили, и затоа треба да најдеме начин да ги субвенционираме автомобилите на гас. Да сме се откажеле од четири лава на мост, тоа се осум милиони евра, а тоа би било добра субвенција, истакна вицепремиерот.

Тој додаде дека треба да се запрат и индустриските загадувачи.

-Истрајавме Југохром да не се пушти во работа без вграден филтер. Во тој дел да нема алтернатива и толеранција во врска со издувните гасови. Тука не мачи и проблемот со РЕК Битола, 65 милиони евра биле потрошени, а не се средил проблемот со загадувањето. За индустријата да има нулта толеранција во емисијата на штетни гасови, заклучи Анѓушев.

Поврзани новости