Англиски туристи со куче десет часа барале сместување оти миленичињата не се добредојдени во Охрид!

by Frosina Fakova

Оние кои имаат домашно милениче куче, кое сакаат да го понесат со себе на летување во Охрид, добро знаат дека тоа е речиси невозможна мисија во нашиот езерски бисер. Речиси во сите хотели, апартмани, па дури и приватните куќи кои нудат сместување, при самото спомнување на зборот куче, реакцијата е слична, како да си прашал дали може да донесеш слон.

Отсечно -Не, тоа е одговорот кој ги остава во неверување љубителите на кучиња.
На страницата на Букинг, каде се рекламираат најголем дел од сместувачките капацитети, речиси секаде е наведено дека миленичињата не се добредојдени. Зошто е тоа така, со оглед што станува збор за кучиња чувани во домашни услови, со стекнати хигиенски навики, повеќето хотелиери дури и немаат некој прецизен одговор.

Дел од екипата на ,,Фокус“ деновиве на самото место се увери во фобијата од кучиња на која наидовме во Охрид. На претходно направена резервација на апартман, при самиот влез, сопственикот веднаш се изјасни – Штом сте со куче, нема да може. Неважно дали се работи за мала раса, со едвај три килограми, во моите апартмани никогаш ниту влегло, ниту пак ќе влезе куче или било какво животно! Чисто така, од принцип – беше неговиот одговор кој не остави во неверување.

И низа на други хотели, па дури и оние со повеќе ѕвезди се изјаснија дека не примаат гости со кучиња, без оглед на тоа што се работи за животни кои се приврзани за своите сопственици и одлично се прилагодени за живот во домашни услови.

Да се најде хотел во Охрид, каде може да се престојува со миленикот, е еден вид на предизвик за кој е потребно време и секако нерви за појаснување дека домашните миленици во многу случаи се однесуваат дури и подобро од повеќето гости кои неретко знаат да направат врева и неред.

Сепак, во познатата туристичка дестинација, иако се вистинска реткост, постојат и сопственици на хотели кои немаат проблем доколку нивните гости со себе носат куче. Во хотелот Дипломат, на неколку минути од центарот на градот, покрај наши туристи кои на летување го понеле своето куче, затекнавме и брачен пар од Лондон, Англија.
Тие со себе го носеа своето милениче, кучка стара 11 години, од која велат дека никогаш не се разделувале и ја носеле со себе на сите патувања низ Европа.
Но, она на кое наишле во Охрид, ги оставило во шок.

-Верувајте ни дека повеќе од 10 часа баравме сместување во Охрид. Никаде не не примаат со куче, нешто кое за нас е несфатливо. На прашањето зошто, добиваме нејасни одговори. Вакво нешто ни се случи само еднаш во Албанија, никаде на друго место во светот! Во Франција, Англија, Турција, секаде каде сме отишле, нашето куче кое е доста мирно по природа, било добредојдено. За среќа, веќе беше доцна во ноќта, наидовме на хотелот Дипломат, каде љубезно не примија.

Она што иритира е дека во Охрид, дури и некои хотели кои навеле на страницата на Букинг дека може да се донесе милениче, кога пристигнавме ни кажаа дека тоа им било напишано по грешка. Навистина многу лошо искуство, вели англичанката, која инаку работела како мејк ап артист во познатата куќа Ланком, а често на работа се случувало и кучето да го носи со себе. Та ни позираше со своето милениче и со сопственичката на хотелот, Илинка, во надеж дека ќе помогне во подигнувањето на свеста по ова прашање во Охрид.

Во хотелот Дипломат, покрај англиските туристи има и наши, исто така со миленичиња. Сите се согласуваат дека голем проблем им било наоѓањето на сместување.

-Некои од сопствениците на хотели ни предлагаа да го оставиме кучето во хотел за кучиња, но ние го носиме со нас, бидејќи сакаме и тоа да биде со нас на нашето летување. Го носевме во Србија, Бугарија, Грција, ваков проблем никаде сме немале. Во Охрид единствено може да ве примат со куче во приватно сместување, тешко во хотел и тоа е доста голем проблем кој дава лоша слика за туризамот овде – велат луѓето.

Во хотелот Дипломат пак, кој е еден од ретките каде миленичињата се добредојдени, сопственикот Горан Мечески и неговата сопруга Илинка, велат дека тие се големи љубители на животните и како немаат проблем со туристите со кучиња.

-Ова се животни со стекнати хигиенски навики, свикнати на живот со своите сопственици. Никој свесен не би носел со себе куче, доколку тоа прави штети, во целиот свет свеста за животните е на високо ниво, не гледаме причина да им ја затвориме вратата на гостите кои си носат и куче. Освен хотелот, имаме и вила, миленичињата секогаш се добредојдени и таму – ни изјавија Мечески.

На една од охридските плажи, скопјанка која дошла на летување со децата и сопругот, носеше и мала пудлица. Исто така се пожали на наоѓањето на сместување поради кучето.

-Се јавуваме во хотел, ни кажуваат дека може со куче, но ќе го врзеле назад во дворот. Појаснувам дека ова е чувано дома, растено со деца. Во никој случај не би дозволиле да биде врзано било каде. На крај, дојдовме да летуваме во викендичка на роднини, не можевме да се убедуваме со хотелиерите дека не сакаме да го оставиме кучето во хотел за кучиња, бидејќи ова се животни кои доста се прврзуваат за сопствениците, и за време на секоја разделба тагуваат. А и нам, одморот без него би ни бил некомплетен – појаснува жената.

Ако со себе носите куче, во Охрид дури и не можете да влезете во комплексот Свети Наум. На портирницата, човекот кој наплаќа 50 денари за влез, веднаш ќе ви го покаже истакнатиот знак на влезот – Не е дозволен влез на кучиња! Истиот знак, на мало растојание е поставен дури два пати, како важно предупредување.

-Зошто не може да се дојде со куче, кога се работи за отворен простор? -прашуваме.
-Па кучињата мочаат, лаат! Не ги сакаме овде – вели тој.
-Што е со кучињата водичи за слепи, или пак оние кучиња кои се придружба на лица со попреченост, кучиња кои се еден вид на терапија за деца со аутизам?
-Не не интересира, кучиња не примаме овде – одговара тој.

Голем број на сопственици на кучиња кои го избрале Охрид како летна дестинација се соочиле со овој проблем. Гостите во хотелот Дипломат, еден од ретките, а можеби и единствениот хотел кој ги отворил вратите за миленичињата, засега е најверојатно единственото место каде луѓето кои чуваат кучиња можат да се почувствуваат добредојдени, во надеж дека сепак, свеста по ова прашање ќе се смени на подобро во Охрид.

Вики Клинчарова

Поврзани новости