Ангеловска: Сите работи ги имаме под контрола

by Fokus

Средствата од 6,5 милијарди денари што Владата вчера со Уредба ги прераспредели се обезбедени од сите буџетски корисници. Кратење, како што појасни министерката за финансии Нина Ангеловска се направени од делот за стоки и услуги, кај капиталните инвестиции и друго, а средствата се распределени во соодветни програми.

-За прераспределба помеѓу буџетски корисници за овие мерки и финансиска поддршка се разговараше три дена. Мораше да биде донесена. Вкупното кратење е 6,5 милијарди денари и тие се скратени од сите буџетски корисници. Има 1,5 милијарда денари од ставката стоки и услуги, од капиталните инвестиции од оние, што се непродуктивни и што не можат да се реализираат во овој период. Има различни кратења, а овие средства се распределени на соодветни програми, односно 6,9 милијарди денари се во посебна програма во Владата за Ковид 19. Деведесет и пет милиони се за посебниот фонд за туристичкиот сектор, за оние мерки што беа прогласени за самостојните уметници 6 милиони, 30 милиони за спортистите, рече министерката Ангеловска, одговорајќи на новинарско прашање по средбата со претставниците од угостителскиот сектор.

Како што најави во одговор на прашање, денеска ќе има средба во Министерството за финансии за иницијативата да има т.н. совет за фискални мерки.

-Мора да сме отворени и мора да ги дискутираме за сите работи и следните мерки. Ова е една иницијатива да имаме т.н. совет за фискални мерки. Во него членови ќе бидат дел од економскиот совет, а дел кои не се во советот. Станува збор за околу 10 до 12 лица кои можат значајно да придонесат со нивните ставови и искуства за да може да разговараме за следни мерки и за реализацијата на мерките што ги преземаме, истакна министерката.

Таа појасни дека за издавањето еврообврзница  е почнат само процесот на подготовка.

-Пазарите на капитал во овој период се ранливи, но се очекува наскоро да почне стабилизацијата. Многу развиени земји издадоа еврообврзници и сега се очекува стабилизација и да се отворат пазарите за земјите во развој. Имаме можност да го следиме пазарот и да одлучиме кога е најдоброто време. Ги проценуваме и ургентните потреби, ги проценуваме ризиците, условите, каква е состојбата на пазарот на капитал, за да го одбереме најдобриот тајминг. Процесот на издавање на еврообврзница трае од 45 до 60 дена. Ние само сме го почнеле процесот на подготвка и сметаме дека е одговорно да ги започнеме сите можни сценарија за да бидеме чекор напред, а не назад, истакна Агеловска.

Во однос на средствата што се очекуваат во земјава, наведе дека од ММФ се очекуваат 176 милиони евра, што е двојно повеќе од првично побараното, потоа средства од новиот инструмент на ЕУ, како и над 100 милиони евра поддршка од Светската банка.

-Сите работи ги имаме под контрола,  за што поскоро поскоро да обезбедиме средства и ликвидност и за што поскоро да преземаме мерки, рече министерката за финансии.

Поврзани новости