Ангелов: Зврлевски спаси си ја душата оти не можеш слободата

by lali

Расте бројот на граѓани кои излегуваат во 19 часот на протестот пред МРТВ, а од таму се упатуваат кон Јавното обвинителство. На почетокот беа десетина приврзаници на Ангелов, а денеска околу 200 граѓани го изразија незадоволството од уредувачката политика на МТВ и нештитењето на јавниот интерес преку телевизискиот сервис што го плаќаат.

Пред насобраните зборуваа Стојанче Ангелов од „Достоинство“ и актерката Синоличка Трпкова. Ангелов уште еднаш и повтори на власта дека лекцијата од 2001-та е научена и дека политичката ситуација нема да ескалира во меѓуетнички конфликт, туку во огромно незадоволство на народот против режимот.

„Секој ден нашиот број расте и затоа нема да се откажеме се додека не ја ослободиме МТВ и не им ги направиме вестите како што доликуваат на еден јавен сервис. Не може ние да ги плаќаме, а тие да ја штитат само власта наместо граѓаните“- порача Ангелов. За различноста на пристуните зборуваше актерката Трпкова.

„Тоа што тука има непартиски луѓе, тоа што нас не не интересира етничката припадност, тоа што сите сме различни а не обединува идејата за слобода, тоа не прави независни. Затоа ги повикувам сите кои се чувствуваат така нека ни се придружат оти така барем ќе ја освојат личната слобода“- истакна Трпкова.

Од МТВ граѓаните се упатија кон Јавното обвинителство и побараа оставка од Марко Зврлевски. Налутени се зошто молчи и не се изјаснува по однос на барањето на „Достинство“ со кое Ангелов сака да му се објасни со каква одлука и врз кој закон донесена обвинителството забранува емитување на МТВ на аудио снимките на опозицијата и дали воопшто постои таква одлука. Со оглед дека главниот уредник Горан Петревски му се правдаше на Ангелов дека постои соопштение врз основа не кое тој не може да ги пушта прислушуваните разговори, иако таквото соопштение не може да се однесува на таквите снимки, Ангелов бара изјаснување од обвинителството за да се знае кој лаже.

Петревски се оправда со соопштение од 3 февруари со кое обвинителството реагираше на видео снимката објавена од кабинетот на Груевски на која тој и Заев зборуваат за техничка влада и странски служби. Затоа таквото соопштение не може да се однесува и за прислушуваните материјали, дополнително и затоа што Заев почна да ги објавува цела недела по соопштението. Но по се изгледа за да се оправда некако Петревски го искористи старото соопштение за да го увери Ангелов зошто не ги објавува снимките во вестите на МТВ.

Тоа дополнително го револтираше Ангелов кој ги интензивираше протестите, но гневот го насочи и кон обвинителството. „Ќе му порачаме на Зврлевски да си оди, оти сега има време да ја спаси душата затоа што слободата веќе е јасно дека не може. Ќе доаѓаме секој ден и мирно ќе ги натераме да се повлечат. Овие полицајци кои го чуваат сега знаат на чија страна е вистината и утре тие нема да го штитат режимот, туку ќе застанат со народот. Ваков режим не се руши преку ноќ, но крајот му се гледа“- рече Ангелов. Тој ги повика граѓаните утре во 12 часот пред обвинителството да побараат одговор за снимките, а во 19 часот повторно пред МТВ за да ги натераат уредниците да почнат наместо партиски да прават граѓански вести.

Поврзани новости