Ангелов до Инфомакс: Знам дека е тешко да разберете, но може да се работи од срце и од душа, за без пари

by fokus

Пишува: Стојанче Ангелов

КАКО НАЦИОНАЛЕН КООРДИНАТОР НА МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА, НЕ ДОБИВАМ НИТУ ДЕНАР
Многупати во животот сум бил сведок на човечката омраза и злоба. Да биде полошо, честопати и јас самиот сум мета на таквата омраза и злоба. И сето тоа е во ред. Иако не ми се допаѓа сепак можам и морам да го прифатам фактот дека некои луѓе се полни со омраза и злоба. Злоба наместо добрина, омраза наместо љубов. Но, понекогаш, дури и тие луѓе знаат да претераат. Претеруваат со омраза и злоба. Еден од тие примери е и порталот Инфомакс.

Лицето кое го уредува овој портал нема пропуштено прилика, врз мене да истури куп гној, валканици и лаги. Без претходно да ми се јави, без претходно да ме праша, вистина е или не, она што за мене го објаваат кај нив.

Цела седмица се мислам дали да поднесам тужба за навреда и клевета против порталите Инфомакс и Република. Мојата неодлучност воопшто не е случајна. Не’ случајно размислувам толку долго. Тужбата која во 2011 година ја поднесов против д-р Латас ме чини, ни повеќе ни помалку, 2.500 евра. Пари кои преку извршител, веќе цела година, ми ги кратат директно од мојата плата. Од август минатата година, до јули оваа година, секој месец, без исклучок, безмалку една третина од мојата плата во МВР, оди на сметка на адвокатот на д-р Латас. Нека му се со алал. Од нешто треба и да се’ живее.

Сума сумарум, во кампањата пред парламентарните избори во 2011-та, д-р Латас на ТВ Сител кажа куп злонамерни невистини, клевети и лаги, јас го тужев, судскиот процес се влечкаше со години, на крајот изгубив. Задоволството да го тужам д-р Латас ме чини 2.500 евра. Оттогаш, некако ми спласна желбата за нови тужби за клевети, навреди и лаги.

Сепак, по седумдневно премислување, денес, пред истекот на крајниот рок, дефинитивно одлучив да не’ поднесувам тужба против порталите Инфомакс и Република. И така и така, повеќето од оние кои ги читаат, ниту ме сакаат, уште помалку ме почитуваат.

За секој случај, чувствувам морална обврска, да ја известам македонската јавност, дека текстот објавен во порталот Инфомакс, на 17 јули 2018 година, со наслов:
“ЗА ПАРИ, СТОЈАНЧЕ ГО ПРОДАДЕ СОПСТВЕНОТО „ДОСТОИНСТВО“: Поради малата плата од 50.000 денари во М-Нав, Стојанче доби нова функција“
содржи куп невистини, валканици и лаги. Нешто што впрочем е вообичаено за овој портал.
Понатаму, во поднасловот стои дека: “Откако брачната канцеларија во МВР ја промени со позиција во Македонска Навигација, Ангелов доби нова функција на која ќе добива повисока плата од 50.000 денари“.
Република е посебен случај. Изгубив желба да го коментирам нивниот текст, уште помалку објавената слика. Погледнете сами и пресудете.

ДЕМАНТ
Не е точно дека добивам било каков паричен надомест за мојот ангажман како “Национален координатор за македонските бранители“ во Владата на Република Македонија. Оваа функција е резултат на 11 годишната борба на Достоинство за правата на македонските бранители и мене ми претставува особена чест и задоволство, ИНСТИТУЦИОНАЛНО, како НАЦИОНАЛЕН КООРДИНАТОР, да ја продолжам борбата на ДОСТОИНСТВО за македонските бранители, за стекнување со нивните права, за решавање на нивните проблеми. За нив самите, но, и за нивните семејства. Благодарен сум на Премиерот и Владата за укажаната доверба и чест. Јас самиот побарав оваа функција да ја вршам без никаков надомест. Единствениот мотив кој го имам беше и остана ист во последните 11 години, а тоа е борбата за правата на оние кои гинеа или беа подготвени да загинат бранејки ја татковината.

ПОВИК ДО БРАНИТЕЛИТЕ
Ја користам оваа прилика да ги повикам сите македонски бранители кои имаат било какви проблеми со државните институции да ми се јават мене лично. Имам сила да се слушнам со сите. Да помогнам секаде каде што се може. Сето тоа благодарение на подршката која бранителите ја имаат од Премиерот и од оваа Влада.

ПОВИК ДО МЕДИУМИТЕ
Ги повикувам нормалните медиуми, неоптоварени со омраза и злоба, да се јават во македонската Влада и да го проверат мојот ангажман.

Посебен поздрав до Република и Инфомакс. Знам дека ви е тешко да разберете дека нешто може да се работи од срце и од душа, без пари. Но сепак може. Особено ако сте високо морална личност – може. За жал, вие тоа никогаш нема да го почувствувате, уште помалку дознаете.

П.С. Молам споделете.

НАЦИОНАЛЕН КООРДИНАТОР
Генерал Стојанче Ангелов

Поврзани новости