Аневски: Советот даде позитивно мислење за разрешувањето на Зврлевски

by fokus

На денешната седница за разрешување на Републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски, Советот на јавни обвинители даде позитивно мислење за предлогот на Влaдата.

„На денешната седница членовите на Советот со мнозинство гласови позитивно се изјаснија по предлогот на Владата за разрешување на јавниот обвинител на Македонија. Ние уште денеска ќе го доставиме мислењето до Владата заедно со краткото образложение како што налага законот“, изјави по денешната седница Петар Аневски, претседател на Советот.

Тој не сакаше да одговори кое е образложението на Советот за прифаќање на предлогот на Владата, но одговори дека штом постои предлог, тие мора да се изјаснат по него во рок од 15 дена и дека тоа веќе го направиле.

Аневски повтори дека тој нема забелешки за работата на Зврлевски, дека тој е добар обвинител и додаде дека во обвинителствата има голем број обвинители и дека државниот јавен обвинител не може беспрекорно да ја следи работата на сите.

Додека трае постапката за избор на нов обвинител, в.д. Републички обвинител ќе биде Џељал Бајрами, кој е прв заменик на Зврлевски.

Владата, предлогот и мислењето на Советот ќе го испрати до Собранието кое треба да закаже седница и со просто мнозинство, односно со 61 глас да го разреши Зврлевски.

Поврзани новости