Анета Додевска: Нема новинарство без адреналин!

by Фокус 10:56
10:56

City MallАстролозите според нејзиниот датум на раѓање ја карактеризираат како истрајна, храбра,  но и харизматична личност, која одлично се снаоѓа доколку е насочувана од добар лидер.

Својата медиумска кариера ја стартуваше со ангажман во радио, за да продолжи на телевизиските екрани. Во паузата од мајчинството и нејзиниот телевизиски ангажман на 24 Вести, Анета Додевска нѐ дружеше во прошетката низ Скопје Сити Мол.

- Advertising -

Испивме кафенце, дознавме дека го дегустира со колегите додека планираат вести, но и со пријателите за да си ги споделат тајните. aneta12ФОКУС: Често ве споредуваат со актерката Мишел Фајфер. Ви годи ли тој впечаток што јавноста го има за вас?

ДОДЕВСКА: Тоа е жената што остава без здив и на 56 години. Па, секако, ласка споредувањето со убава жена. И успешна.

ФОКУС: Кариерата почнавте да ја градите во ТВ медиум. Но, стартот ви беше во радиото. Се откажавте од овој медиум, останувајќи доследна на телевизијата. Зошто, кога сите радиски ликови велат дека во радиото е магијата?

ДОДЕВСКА: Мислам дека многу ретко луѓето, уште во рано детство можат да препознаат кој афинитет и амбиција ги имаат, ги носат во себе.

Кога велам рано детство, мислам баш онака, уште од мали нозе. Кога ги научив првите букви да пишувам и да читам, мојата магична ТВ кутија беше огледалото пред кое онака, спикерски читав најави за програма, најави за вести. Си знаев што ќе бидам еден ден. Од неуспешна стоматолошка сестра завршив на студии по новинарство.

Имаше обид да работам во тогашното А1 радио. Беше тоа многу, многу одамна. Не велам дека не успеав, би рекла не се пронајдов себеси во овој медиум. А да признаам, тешко ми беше да читам вести на радио во пет часот наутро.

ФОКУС: Кариерата на новинар во бизнис-редакцијата ви почна во телевизија Сител. На што се сеќавате од тој период?

ДОДЕВСКА: Краток период откако дипломирав на студиите по новинарство, телевизија Сител имаше конкурс за новинари. Горда сум на тие времиња, кога партиските, политичките и роднинските врски не беа пресудни за почеток на една кариера, како што е сега тоа така. Сител ми ја даде шансата, јас чесно ја искористив.

Имав можност да соработувам со тогаш познати и афирмирани професионалци. Дел од нив го напуштија новинарството, за жал. Со моето доаѓање во Сител, заедно со неколкумина колеги, ја формиравме и економската редакција. Се работеше скромно, но ентузијастички.  aneta 02Приказната за преминувањето од еден во друг медиум ја продолживме со љубопитната прошетка низ Скопје Сити Мол, уживајќи во моментите на попусти. Додека ги враќавме емоциите за минатите времиња, се обидувавме да го пронајдеме она што најмногу ќе ѝ одговара на стилот што го негува приватно. Токму поради тоа се упативме во Suiteblanco.

ФОКУС: Преминавте во А1. Тамошната бизнис-редакција беше најприфатена кај публиката. Како се снајдовте, како ве прифатија тогаш колегите со кои претходно се дружевте како колеги од различни редакции? Имаше ли искри на нетрпеливост?

ДОДЕВСКА: Трансферот во А1 телевизија се случи во периодот веднаш по воениот конфликт во земјава. Немав никаква информација, ниту сознание дека ќе добијам понуда од најмоќната телевизија, не во период кога таа беше целосно екипирана, со јаки новинарски имиња. Ги искористив моите пет минути. Се приклучив кон тимот кој според знаењето и влијанието беше неприкосновен во вкупниот медиумски простор.

Бев уредник и водител на економските вести, а подоцна и автор на економската емисија „Индекс“. Најважно од сѐ за мене беше што добив шанса да учам, да се усовршувам, да градам кариера на професионален новинар. И не само што немаше нетрпеливост, туку со поголем дел од тогашните новинари и уредници изградив релации што сѐ уште ги одржуваме, и приватно и професионално.

ФОКУС: На овој медиум останавте верни до самиот крај. Деновиве, посебно затоа што вработените од А1 некако по традиција се собираат за роденденот на сега веќе непостоечкиот медиум, повторно се вратија емоциите. Зачестија коментарите, ех да може да се врати А1. Посакувате ли да се врати А1?

ДОДЕВСКА: Голема е моќта на телевизијата, воопшто како медиум. Во А1 телевизија поминав повеќе од десет години. Емоциите и субјективноста ќе ги зачувам за себе, но реалноста што се случи по затворањето на четири медиуми во ист ден се прекрши врз вкупниот медиумски бизнис.

Зборувам од аспект на економските негативни последици во сите медиуми што дојдоа, на мое изненадување, многу побргу отколку што очекував. Од друга страна, секој загубен, затворен медиум е атак врз демократијата, која нели сите ние со полна уста ја величаме и ја посакуваме.  aneta dodevska 0000ФОКУС: По затворањето на телевизијата преминавте во 24 Вести, иако имаше и друга опција во игра. Зошто, што ве навлече кај овој медиум, повеќе од другиот?

ДОДЕВСКА: Немаше една, имаше повеќе опции, односно понуди за работа. Мојот избор, проценка, оценка, инстинкт беше 24 Вести. И не згрешив. Длабоко сум убедена дека од изборот што го правиме на денешницава, која во некое идно време ќе биде историја, зависи иднината на нашите деца.

Во овој контаминиран медиумски простор недостасуваше професионален и објективен медиум, токму тоа го покажа примерот со 24 Вести. Мал медиум покажа како може да се биде голем и во вакви нерамноправни услови на медиумскиот пазар. Мило ми е што учествувам во процесот на градење на оваа телевизија, која како потврда за својата објективност и професионалност, полека, но сигурно ја освојува довербата на гледачите.

Освен како уредник во информативната редакција во 24 Вести, автор сум и на економската емисија „Тренд“, која две и пол години се емитува во континуитет. Со поддршка на сопствениците и со професионалноста на новинарите и останатиот тим, телевизијата успешно се етаблира. Во меѓувреме, не треба да ја заборавиме разликата меѓу бројките за рејтинзи (што се важни за маркетингот) и довербата на гледачите (што е показател за тоа како ние новинарите работиме). aneta dodevska 03Анета заинтересирано пробуваше, обидувајќи се да пронајде што е можно повеќе поттик за шопинг во време на попусти во Скопје Сити Мол. Прекрасната насмевка не ја симна од лицето, додека нѐ шармираше со сето она што го одбираше. Во меѓувреме, ние побаравме да ѕирнеме како е на нејзин терен.

ФОКУС: Каква е атмосферата пред вести?

ДОДЕВСКА: Сѐ додека има дебата, конструктивни предлози, па дури и судир на тези и информации за време на правење на вестите и сѐ додека уредникот во просторија од стотина квадратни метри ќе успее во текот на денот да истрча неколку километри – тоа е потврда дека се прават вести, во вистинската смисла на зборот.

ФОКУС: Сте се нашле ли некогаш во некоја непосакувана ситуација додека сте биле на вести?

ДОДЕВСКА: Нема новинарство без адреналин. Мислам дека денес дел од вработените во медиумите не успеаја да ја доживеат професијата во нејзината вистинска форма и содржина. Позитивна трема пред  презентирање вести, водење емисија имало и има. И тоа е добро, значи осетот е сѐ уште тука, присутен. Но, новинарството не е само пласирање вести, особено нарачани.

Имав среќа што во годините зад мене новинарството ми ги тестираше знаењето, издржливоста, храброста и упорноста кога известував, на пример, од кризните места за време на воениот конфликт. Една од сериозните ситуации во која мислев дека и животот ми е загрозен е известувањето од тетовски Лешок, кога конвојот на НАТО беше запрен со часови од страна на припадниците на ОНА.

Јас и неколку други колеги бевме дел од тој конвој. По преговорите меѓу двете страни бевме пуштени. Тешки беа деновите и кога се известуваше за време на косовската криза, меѓу илјадници раселени, болни, епидемија…aneta dodevska 004Родена е на 31 март, годината ќе ја прескокнеме. Астролошки им припаѓа на Овните. За нив велат дека се  храбри и моќни индивидуи на кои можете да сметате во секоја ситуација.

Овните се управувани од нивната возбуда и страст за успех. Секогаш имаат некаква цел според која се водат и најчесто успеваат да го реализираат тоа што ќе го наумат. Друга типична карактеристика за Овните е спонтаноста.

Во еден момент можете да гледате како некој Овен работи концентрирано на некој проект, а во друг момент можете и воопшто да не го видите бидејќи тој се качил на авион за да отпатува на некоја импровизирана дестинација.

Па, нѐ интересираше, што од овие карактеристики навистина поседува.

ФОКУС: Велат дека луѓето родени на 31 март се отворени, многу интелигентни, но и многу амбициозни. Тежат кон внатрешен мир. Таква ли е Анета навистина?

ДОДЕВСКА: Да, и јас така сум прочитала за луѓето што се со хороскопски знак Овен. Но, ете, јас не верувам во хороскопи и во ѕвезди. Не сум амбициозна, ама точно знам која е целта или планот што треба да се постигне или да се реализира. Отвореноста денес може скапо да нѐ чини. Внатрешен мир – мислам дека е само убава кованица од придавка и именка.

ФОКУС: Ѕвездите ви сугерираат дека годинава ќе ги берете плодовите на својот труд, посебно во периодот околу вашиот роденден. Верувате ли дека постојат судбински предизвици?

ДОДЕВСКА: Животните ситуации често ни ги тестираат емоциите и трпението и нѐ искушуваат. Но, сепак, сметам дека контурите на сопствениот животен пат ги исцртуваме самите ние, со нашите индивидуални одлуки.aneta dodevska 04Накитот е украс на секој жена. Токму и затоа нејзиниот прекрасен изглед го надополнивме со оригиналните охридски бисери, дел од понудата на штандот Ристевски во Скопје Сити Мол. Тие ја негуваат традицијата за рачна изработка на познатите охридски бисери.

ФОКУС: Анета е мајка на прекрасната Теодора, која годинава е матурантка. Каква сте како мајка. Попустлива, толерантна, барате дисциплина или сакате со искрен разговор да стасате до вистинската насока?

ДОДЕВСКА: Сакам да бидам попустлива и толерантна, но по 18 години мајчинство мислам дека на моменти сум била и престрога мајка. Знам дека сум недостасувала, дури и на моменти кога сум била потребна. Теодора порасна со мојата професија, а јас се обидував и сѐ уште се обидувам да направам компромис меѓу јавниот и приватниот живот. Горда сум на Теодора. Нѐ чекаат уште битки, но патот е трасиран и цврсто газиме напред.

ФОКУС: Тешко ли се справува една самохрана мајка во Македонија? Кои се предизвиците со кои се справувате?

ДОДЕВСКА: Не го сакам зборот самохрана. Зар бракот, по правило, е гаранција за квалитетен живот на децата?

ФОКУС: Која е вашата дефиниција за љубовта?

ДОДЕВСКА: Сѐ додека ја има, постоиме и ние.

ФОКУС: Дали сте вљубена?

ДОДЕВСКА: Постои време за работа и време за љубов. Друго време не постои. Ете така рекла Коко Шанел.

ФОКУС: Сакате да шопингувате?

ДОДЕВСКА: Не познавам некој што не сака. Се разбира, од женскиот пол.

ФОКУС: Дали и приватно го негувате стилот со кој се претставувате на екраните?

ДОДЕВСКА: Во принцип, не сум склона кон големи промени. Еве, сите ми сугерираат на пример дека е време да го променам изгледот на косата, ама јас некако тешко се одлучувам.  Зад камерите, па би рекла и пред нив сакам да носам нешто во што се чувствувам своја, удобно и ненападно. Го сакам поспортскиот стил. Фармерки, од нив никогаш доста. И црната боја со сите нејзини нијанси.aneta dodevska 06Анета ни откри дека во Скопје Сити Мол си има и посебно место во кое ужива да испробува и одлучува што ќе се најде во нејзиниот гардеробер. Тоа е „Пул енд Бер“, па затоа и се упативме кон нејзината омилена локација во трговскиот центар.

ФОКУС: Која ви е нереализираната желба, кога е во прашање вашата професионална кариера?

ДОДЕВСКА: Ако ја сублимирам кариерата до сега, задоволна сум од постигнатото. Велат дека големите работи со случуваат со мали чекори. Сум известувала од различни делови на светот, самит во Јоханесбург, Африка, двапати бев известувач и од Годишното собрание на ММФ и Светска банка во Вашингтон. Зад мене се серија на интервјуа со познати регионални и европски банкари и бизнисмени. Сум известувала и во воени и во кризни услови. Но, нели, од новинарството никогаш доста.

ФОКУС: За крај, споделете ни, како ги трошите омилените мигови со вашата ќерка? Што вообичаено си дозволувате да правите додека сте заедно со вишок слободни минути?

ДОДЕВСКА: Кога јас имам слободно време, Теодора нема. И обратно. Но, ручекот, особено во текот на викендот, стана ритуал во кој уживаме двете. Секако, тука е и пазарењето, најчесто по иницијатива на Теодора, и најчесто  за да се исполни некоја желба. А јас се обидувам, кога е најпотребно, да го имам волшебното стапче.aneta dodevska 07Ние побаравме со волшебното стапче да ја повика нејзината Теа, со која може да продолжи со прошетката во Скопје Сити Мол.

Поврзани новости