Со низа на активности викендов беше одбележан денот на раѓањето на легендарниот музичар Тоше Проески, 25-ти јануари.
Да беше жив, ќе наполнеше 44 години. Иако од неговата смрт поминаа 18 години, трагот кој го остави зад себе се уште е свеж.
На денот на неговото раѓање, со негови фотографии, видео снимки, или пак приказни од неговиот живот, се потсетија голем број на негови пријатели и колеги.
Помеѓу нив е и Андријана Јаневска, со која освен колеги, беа и добри пријатели чии кариери започнаа во ист период, на крајот на деведесеттите години.
За „Фокус“ таа раскажа за нивната прва, но и за последната средба, која се случила непосредно пред Тоше да загине.
– Првата средба со Тоше ни беше на Макфест 1997 во Штип, кога тој дебитираше со песната „Пушти ме“, а јас пеев придружни вокали на Пеце Огненов. Се сеќавам дека сите зборувавме колку е музикален, скромен и пријатен!
Потоа, следната 1998 година настапи на Скопскиот фестивал со песната „Остани до крај“, а јас дебитирав како солист.
Тогаш се здруживме и бевме неразделни, вели Јаневска, која има бројни спомени со Тоше од заеднички дружби, настапи, патување во Австралија…
За последната средба пак, раскажува дека се случила непосредно пред да загине во 2007 година.
-Нашата последна средба беше на снимање во МТВ непосредно пред да загине, каде евоциравме спомени за нашите почетоци…
Кој да знаел дека никогаш повеќе нема да го видам…
И таа последна заедничка дружба ни помина во пеење, разговор, а од снимањето излеговме весели и распеани. Јас ете, така ќе го паметам Тоше, каков што беше во тие наши последни заеднички моменти, распеан и весел, раскажа Андријана.
Денот на раѓањето на Тоше викендов беше одбележан и во неговото родно Крушево, во неговата Спомен – куќа, каде дојдоа голем број на негови фанови од регионот.
Министерот за култура Зоран Љутков од Крушево раскажа дека пред да го посети гробот на Тоше, првин се видел со неговото семејство. Откри дека до крајот на февруари ќе се знае продуцентската куќа која ќе го реализира проектот за филм и документарна емисија за Тоше, кој би бил готов за две години.
Проектот ќе биде во соработка со семејството на Тоше, со цел најверодостојно да се прикаже неговата приказна.
Вики Клинчарова