Андреј Ковачев: Мицкоски лаже и ја уништува европската иднина на македонските граѓани

by Fokus

Со своите лаги, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја уништува европската иднина на македонските граѓани, изјави за БГНЕС бугарскиот европратеник од редовите на ГЕРБ, Андреј Ковачев.

Неговата реакција следува по денешниот говор на Мицкоски во кој рече дека викендов Македонија ќе се распарчува во Софија.

-Кристијан Мицкоски лаже. Тој манипулира и лаже со секој искажан збор. Мицкоски се обидува да заработи некои политички поени со измислиците што ги зборува. Неговото тврдење дека Бугарија сака да ја распарчи Македонија и со тоа ги плаши граѓаните, е апсолутна лага, измислица и глупост, рече Ковачев.

Тој рече дека во 2001 година Бугарија стоеше цврсто зад Македонија, поддржувајќи го нејзиниот територијален интегритет и суверенитет.

-Бугарија е една од првите што го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО со цел геостратешки и политички Македонија да биде во евро-атлантската заедница и заштитена. Бугарија подавала, подава и секогаш ќе подава рака за братска помош на своите најблиски, рече европратеникот од Европската народна партија.

Ковачев повтори дека Софија на никаков начин не го доведува во прашање современиот македонски идентитет или како нацијата денес го именува јазикот.

-Никогаш не сме го довеле во прашање тоа. Единствено што сакаме е да се обединиме околу историската вистина, за да не нè раздели и да биде повод за омраза и поделба меѓу луѓето. Ова е длабоко европско барање, тоа е основа на Европската Унија, рече тој.

Ковачев додава дека Бугарија не може да ги земе Гоце Делчев или Даме Груев од Македонија, бидејќи тоа е заедничка историја.

-Тоа е заедничко, но не му одговара на Мицкоски. Тој директно се изјасни против Договорите со Бугарија и Грција. Тој се обидува да ја уништи европската иднина на македонските граѓани, вели Ковачев.

Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски е дел од Европската народна партија, додава Ковачев, не можеме да не го иницираме ова прашање за неговите повици против Бугарија и повиците да не се почитуваат договорите.

ГЕРБ, партијата од која доаѓа Ковачев, како и премиерот Бојко Борисов, е дел од Европската народна партија.

Поврзани новости