Андов по изјавата на Фрчковски дека „одлепил“: Се тужи ли „одлепен“ човек?

by fokus

Откако Основниот суд Скопје 2 ја забрани книгата на поранешниот собраниски спикер Стојан Андов, „До атентатот и по него“, по поднесена тужба од професорот Љубомир Фрчковски, не запираат реакциите во јавноста.

Фрчковски, гостувајќи во ТВ21, изјави дека му била непријатна целата процедура со тужбата за клевета, но и неизбежна.

„Чудно е кога луѓе кои ги знаете ќе одлепат комплетно, и цртајќи ја својата улога во транзициска Македонија се обидуваат себеси да се самолоцираат како централни. Тоа, за жал, му се случува на Андов. Тој практично ја злоупотребува слободата на изразување за прилично шокантни клевети кои имаат консеквенци за граѓанските права на лицата кои ги напаѓа. Да те обвинат дека си убиец, во основа, е перверзија и апсурдност на слободата на говорот“, рече Фрчкоски.

Запрашан дали во книгата го претставил Фрчкоски како убиец, Андов за Дојче веле децидно негира.

„Нема врска. Си умислува. Фрчкоски е претставен токму таков каков што бил – неуспешен министер за внатрешни работи, кој не спречи да се случи атентат врз претседателот Глигоров, кој не ја заврши истрагата и за тоа требаше да поносе одговорност. Вистинска истрага всушност и немаше, а 23 дена никаде го немаше и Фрчкоски. Тој се криеше. И сега изјавува дека јас сум „одлепил“. Па, се тужи ли „одлепен“ човек?“, иронично прашува Андов.

Од Основниот суд Скопје – 2 ја велат дека се работи за времена мерка, со која се забранува понатамошна продажба и располагање на книгата до правосилно завршување на постапката за утврдување на одговорност за клевета, и надомест на нематеријална штета.

 

Поврзани новости