Андов: Имало тепачки меѓу пратеници, но ваков упад никаде

by fokus

Не смее да се дозволи состојбата дополнително да ескалира и сите страни мора да се воздржат од создавање тензии, порачува поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов.

Според Андов, начинот на кој Талат Џафери е избран за собраниски спикер е легитимен и во согласност со процедурите. Вчерашниот инцидент, Андов, во изјава за Алсат М, го нарече голем срам за Македонија.

„Тоа што се случи вчера е надвор од секоја парламентарна практика.Точно е тоа дека пратениците помеѓу себе понекогаш и се степувале, во Јужна Кореја, во Украина, не знам каде се`, но тоа е само помеѓу пратениците кои еднакво имаат доверба од народот. Ваков упад како ова јас не се сеќавам дека се случил некаде, според моето познавање, а долго сум активен и присутен“, вели Андов.

Настаните во Собранието, истакнува Андов,  ја дискредитира Македонија, државата е посрамена и понижена.

„Сакам да му честитам на господинот Талат Џафери за изборот за претседател на Собранието, со што е отворен патот сега и за избор на реформска влада. Него го избрало парламентарното мнозинство. Тоа што опозицијата многу се бунела и била против тоа, нема правна вредност. Претседател на Собранието избира само мнозинството во парламентот. Негова обврска е сега да ги покрене сите механизми за што поскоро да се формира влада. Ќе видиме дали денес и утре ќе има некои игри околу тоа, дали ќе се обидат да спречат. Мислам дека тоа е залудно и овие сили на нередот не би смееле уште еднаш да се посрамотат и да го навредат угледот на државата“, порача Андов.

Поврзани новости