Андонов: За да имаме утре, мора да штедиме денес

by Fokus

Владата започнува со процес на редовно информирање на јавноста за мерките кои се преземаат за ублажување на економско-енергетската криза, како и за тековните одлуки што ќе ги носи за нејзини надминување, со цел избегнување на лажни вести и дезинформации кои служат за создавање паника и несигурност кај граѓаните, најави денеска советникот на премиерот за енергетика Виктор Андонов.

– Многу е важно во вакви кризни услови граѓаните да добиваат навремени и проверени информации. Затоа ги споделуваме сите важни информации за јавноста и ја подигнуваме транспарентноста на највисоко ниво со цел да направиме сериозен исчекор за спречување на ширење на лажни вести и шпекулации, а со тоа да спречиме и ширење на непотребна паника кај населението, рече Андонов на денешната прес-конференција во Владата.

Тој препорача дека сите без исклучок треба да штедиме електрична енергија со цел да го зачуваме електроенергетскиот систем на земјава и додаде дека сите имаме одговорност за побрзо и поефикасно справување со кризата.

– Сега е време кога мора рационално да ги користиме енергенсите и да бидеме солидарни. Сега е време за солидарност, разбирање и соработка. Потребно е да направиме мала промена во домот и на своето работно место која ќе значи многу за енергетскиот систем. За да имаме утре, мора да штедиме денес, рече Андонов.

Поврзани новости