Ана Зафирова: Врти-сучи, потребна ни е катарза!

by Фокус 18:35
18:35

City MallДевојка која растеше на екранот. Утринските програми ѝ беа наклонети, и на телевизија и во радио. Беше дел од утринската програма на МТВ, но и од утринската постава на радио „Уно“.

По Врти-сучи, тоа е Скопје -проектот кој ја означи нејзината кариера, продолжи со уште една телевизиска емисија – МК Проект. Беше дел од екипата на Клуб ФМ, ја збогати читателската публика со списанието на „Теа модерна“, како негов уредник…

- Advertisements -

Последниов период најсреќна е како мајка. Во моментов и волонтира во  Специјална олимпијада Македонија. Денес друштво во Скопје Сити Мол ни прави една мошне интересна Скорпија според хороскопот – Ана Зафирова

ana zafirova 01ФОКУС: Ана, ако сега ја снимавте Врти-сучи, тоа е Скопје, што ќе содржеше нејзиното најново издание. Какво е Скопје во моментов? 

АНА: Ова е некое друго Скопје што јас не го познавам, па токму затоа и не постои ТВ форматот по кој бев препознатлива. Овој град е град на згради и објекти кои сосема ја задушија хуманоста на просторот. И така поставени не дозволуваат да се случува живот.

Знаете градот мора да е нежна конструкција во која разговорот град – природа – граѓани е нужен. Во ова Скопје тоа го нема. Но, доколку ме предизвикувате со една епизода, тогаш би трагала по остатоците од градот кои би биле логичен след на Скопје што јас го сакам.

А епизодата би содржела прилози за МКЦ, за Менада, за прекрасниот музеј на холокаустот, за продавачите – херои на „Лице в лице“, за провинцијализмот на „граѓаните“ од метрополата – независно колку оксиморонски да ви звучи, за Работнички и МЗТ и политичката лава меѓу нив…

ana zafirova 03ФОКУС: Многу внимание посветувавте на старата Скопска чаршија. Се согласувате со замислата како таа треба да изгледа во иднина?

АНА: Се согласувам со идејата за поддршка на дуќанџиите за реновирање на нивните дуќани, но никако унифицирање на излозите.Тоа би ја убило чаршијата, нејзината живописност, рустичност, нејзиниот естетски и духовен континуитет.

ФОКУС: Бевте лути за референдумот за ГТЦ. Сметате ли дека ГТЦ е единствената алка со која во моментов може да се спаси автентичноста на некогашното Скопје?

АНА: Она што е чаршијата за левиот брег на градот, тоа е ГТЦ за десниот или ете го срцето, со левата и десната комора. Не сум само лута, туку сум тажна. ГТЦ обедини толку многу луѓе кои покажаа дека тој не е само една градба, една обична зграда, туку дека е жив организам, онака како што е и всушност проектиран. Граѓанската иницијатива беше изедена од политиката, онака брутално, канибалистички или, пак, силеџиски ја сместија во политички контекст. ГТЦ е слоевита метафора, која докрај ќе се дефинира доколку ГТЦ го задржи својот автентичен изглед, а со тоа ќе го добие и своето најсилно значење, симбол на граѓанската мисла, волја што живее надвор од партиските пералници на мозоци.

ana zafirova 04ФОКУС: Врти-сучи, тоа е Скопје, беше интересна телевизиска хроника, која стана толку препознатлива по вас, па дури и ве препознаваат како Ана Врти-сучи, и тоа сѐ уште. Но, тоа беше само попатна насока на вашиот професионален патоказ. Вие буквално израснавте пред екраните. Какви се вашите импресии од почетоците, од времето кога растевте на екранот?Каква беше МТВ во вашето време? Со какви емоции ви се враќа филмот од тоа време?

АНА: Јас не сум носталгичен тип. Растев со и на медиумите, па младоста ми овозможи различните професионални искуства да ги минувам со леснотија, независно какви биле по тежина. Имам убави сеќавања и за МТВ, и за Канал 5, и за Телма, и за магазинот „Жена“, и за радио „Уно“… За среќа, секогаш професионално сум наидувала на вистинските луѓе кои ме носеле на следното ниво во развојот, и за тоа сум многу благодарна. А во МТВ го фатив последниот воз на држење на железните стандарди. Денес само можам да раскажувам за нив и за начинот на работење како дел од приказна за добра ноќ.

ana zafirova 05Во Скопје Сити Мол, заедно со Ана, шопингувавме со девојките атлети од Специјална олимпијада Македонија, кои ќе одат во Лос Анџелес. Тие со нетрпение очекуваат да ги видат огромните американски трговски центри, но за нивно подобро претставување од тука си спремаат некои комбинации.

ana zafirovska 20Спортската облека веќе им е обезбедена, сега бараме нешто за дотерување. Токму од тие причини, нашата рута за шопинг ја почнавме со подготовка на екипата за спиење. Меко, нежно, но и совршено квалитетно, ова е впечатокот што го стекнавме избирајќи пижами во „Воменс сикрет“.

Задоволни, решивме да направиме мала пауза за кафе со атлетичарките Јулијана Петровска и Себат Ајвази, пливачките Јована Павловиќ и Нена Деспотовиќ , и Ана Арсеновска Зафирова во Скопје Сити Мол.

ana zafirova 06ФОКУС: Ана, каква е всушност вашата улога, покрај овие прекрасни девојки во Специјална олимпијада Македонија?

АНА: Веќе подолго време волонтирам во Специјална олимпијада Македонија. На Летните олимписки игри во Атина 2011 година бев и водач на македонската делегација.

Но, ова лето жестоко од  дома или од некоја плажа ќе навивам за атлетите на Специјална олимпијада Македонија, кои ќе заминат на Олимписките игри во Лос Анџелес.

Нашата делегација ја сочинуваат дваесет и шестмина, кои ќе настапуваат во 4 дисциплини, атлетика, пливање, пинг-понг и за првпат во Јунифајд кошарка (регуларна популација спортува со лицата со посебни потреби).

ana zafirova 07ФОКУС: До скоро, под ваше уредништво се  создаваше „Теа модерна“. На што сте особено горди?

АНА: Горда сум на комплетната приказна „Теа модерна“, од нејзиното самостојно излегување на пазарот и тиражите што ги постигна, па сѐ до моментот додека ја потпишував.

ФОКУС: Што научивте од медиумите од САД? Има ли разлика меѓу новинарството таму и тука?

АНА: Знаењето, професионалната доверба и новинарството како животна определба се занаетски стандарди кои не познаваат географски поделби. Но, големината на медиумскиот пазар, технолошката развиеност и буџетите со кои се креира содржината се факторите што ја прават разликата. Едноставно медиумскиот израз е зависен од тоа.

ana zafirova 08ФОКУС: Дали во кој било момент почувствувавте горчина поради професионалната определба? Дали во Македонија остана професионалното новинарство? 

АНА: Не си дозволувам да ме обземат такви чувства на гнев и на бес… Ја прифаќам, но не се согласувам со ова фаза на ерозија на професионални критериуми затоа што е последица на постепеното неотмено пропаѓање на новинарството, кое сега е разобличено, разголено и слугува. Се надевам дека ќе доживее катарза по проветрувањето на политичката сцена.

ana zafirova 19ФОКУС: Телевизијата е  медиум кон кој повеќе се насочувавте, од радиото. Но, каков е впечатокот за радиското искуство? Преку кој медиум, публиката ја почувствувате како најблиска?

АНА: Речиси пет години отсуствувам од ТВ и од радио, се вратив на новинарската основа, на печатот. Ние сме мал пазар на кој можеш лесно да препознаеш нечие авторство. Така што знам дека за одредени форми си ја движев публиката со мене.

Големината на пазарот ти овозможува да си во постојан дослух со тие на кои им се обраќаш, па не мора да чекаш истражувања, туку доволно е да си критичен кон себе и одговорите ќе те пресретнат.

А изминативе речиси 20 години работа научив дека не им се обраќам на таму некои луѓе, туку на мојата сосетка, на соученичката од основно, на добриот чичко што застана со такси и ме однесе на лекар, на тетката од маркет што ми чува свежо млеко, на професорката од факултет што не сака политика…

Сите тие се дел од мојот живот, мојата публика.

ana zafirova 09ФОКУС: Со оглед на тоа дека убав период во вашиот живот водевте утринска програма, какви се вашите утрински ритуали?

АНА: Утринските милувања сакам да се вечни, а потоа следи вклучување на штоперката и… цеден лимон, доза витамини, менување пелени, трка околу појадок. Го сакам утрото затоа што е полно со енергија, со надеж, неизвесност, со отворен и свеж ум.

ana zafirova 10Паузата за кафе ја заокруживме со дискусијата за медиумските случувања и спомени. Прошетката во Скопје Сити Мол ја продолживме во продавницата за прекрасен накит, но и часовници „Оксет“. Накитот е украс за секоја дама, па затоа на Ана ѝ дозволивме слободно да ја разгалува својата женственост.

ФОКУС: Астролозите велат дека Скорпијата е еден од најсилните знаци во хороскопот заедно со Лавот, Водолијата и Јарецот. За Скорпиите се смета дека имаат многу сложен карактер. Важат за добри аналитичари, кои знаат да ги потиснуваат емоциите, иако во принцип се многу чувствителни. Што од овој хороскопски знак, како карактеристики има Ана?

АНА: Астролошки кај мене доминира Бикот, мојот подзнак, иако во јавноста сакам да се истакнам со Скорпијата, нели звучи моќно. Не сакам генерализации, па кај себе си ги препознавам карактеристиките на сите знаци вклучени во мојата натална карта.

Да, скорпионски типично, јас сум упорна, одлучна, лојална, искрена, сакам да истражувам, не поднесувам лажење, интриги и не простувам, но истовремено сум и биковски трпелива, доверлива, приземјена со барањата и очекувањата, врзана за семејството и повторно тешко простувам. И ред други карактеристики кои секојдневно си ги откривам.

ana zafirova 11ФОКУС: Другарките ве опишуваат како насмеана, ведра, искрена и човек со срце. Како би ни ја опишале вие Ана?

АНА: Уф… Не сакам да зборувам за себе во трето лице еднина, ми звучи егоцентрично и суетно. Сметам дека не сум комплицирана, мислам дека сум едноставна, со сите доблести и мани.

ana zafirova 18ФОКУС: Што ве привлекува најмногу во шопингот? Уживате ли воопшто во шопингот како сите припаднички на понежниот пол?

АНА: Сакам шопинг. Особено уживам кога е сѐ на попуст, па тогаш пресметувам колку сум заштедила. Имам задолжителни дуќани на кои сум им верна, па затоа ретко се впуштам во авантури како еднодневен шопинг во Солун. А последен хит ми е „Пандора“ и моето редење на алката од спомени.

ФОКУС: Кои се книгите кои ова лето би ги понеле на одмор со вас?

АНА: Интензивно ќе читам бајки и басни на глас, а за себе си ја ветив „Quo Vadis“.

ana zafirova 12Нашата шопинг-тура во Скопје Сити Мол денес ја заокруживме со посетата на „Фешн енд френдс“. Тоа e концепт на мултибренд продавници каде што се среќаваат најголемите имиња во урбаната облека, обувки и галантерија како Replay, Diesel, Hugo Boss Orange, Gaudi, Guess, Levi’s, Scotch&Soda, Maison Scotch, Desigual, New Zealand и Cesare Paciotti.

ФОКУС: Каква е Ана како мајка? 

АНА: Се обидувам да го дадам најдоброто од себе, не знам колку вешто го правам тоа, но јас сум мајка на Михаил и кога ќе порасне тој сам ќе ви каже, како се снаоѓам во улогата.

ana zafirova 17ФОКУС: Како се снајдовте во првите месеци од мајчинството? Што ве воодушеви најмногу од родителството?

АНА: Со поддршката што ја имам од семејството мислам дека се снајдов во улогата, иако имав проблематична бременост, па терапијата што ја примав продолжи уште еден месец по породувањето, сепак бргу ја надминав фазата на прилагодување и збунетост. Ние жените се подготвуваме за породувањето, но не и за она што нѐ чека кога ќе дојдеме дома со новиот член.

Сметав дека жените кои постојано зборуваат за своите деца, немаат друг муабет, преувеличуваат, прават драма, но од оваа позиција сфаќам дека не сум била во право. Љубовта е толку голема што лебдам кога го бакнувам, светот ми е во прегратка кога го гушкам, а кога се смее, јас не постојам, исчезнувам.

ana zafirova 13ФОКУС: Дали во воспитувањето на вашиот син препознавате постапки од вашата мајка?

АНА: Апсолутно, и тоа мислам дека е очекувано. На куќен совет со сопругот се договоривме, не сме интернет-родители, туку ќе си ја слушаме интуицијата, ќе прашуваме и ќе разменуваме искуства и ќе си тераме по наше.

ФОКУС:  Дали мајчинството ве смени? Препознавате ли во себе некои нови стравови за кои претходно не сте знаеле?

АНА: Мајчинството е пресврт кај секоја жена. Одамна немам стравови, но имам грижи и одговорност. Инаку сѐ што доаѓа во животот е добредојдено. Но, внимавам да не му згрешам на универзумот.

ФОКУС: Кои се лекциите што ги совладавте во текот на фамилијарниот живот?

АНА: Учиме вежбајќи го животот секој ден и нескромно, но одлични сме во тоа. Односот во светото тројство нема форми и протоколи, туку многу почитување и слобода.

ana zafirova 14ФОКУС: Доколку некој сега ви каже, изберете медиум кој би го изградиле од нула, што најмногу би сакале да биде, радио, телевизија или весник?

АНА: Многупати ГУП-от и ДУП-от трпеа измени, па затоа немам градителски афинитети (н.з. се смее). Си ветив дека си го задржувам фриленсерскиот статус како професионална определба, независно на понудите. Би работела и радио и ТВ и весник, сѐ додека се задржуваат професионалните стандарди.

ФОКУС: Врти-сучи, тоа е Скопје, постои ли шанса да се врати на телевизиските екрани?

АНА: Засега не. Таа книга засега е затворена, евентуално може да се случи за препрочитување да ги поставам серијалите на Јутјуб.

ФОКУС: И за крај, љубовта е…

АНА: Бацка за добро утро, кратко еспресо и долго турско, лажиче нутела по ручек, слушање ТВ гласно и зборување тивко, викенд на мотор… Љубов е секој ден додека очите гледаат, рацете прегрнуваат, усните бакнуваат, а срцето гласно од среќа пее.

ana zafirova 15Муабетите со прекрасната Ана не здивнуваат, а ни желбите за шопинг во Скопје Сити Мол. Токму и затоа си закажавме време за нова средба, тука во Скопје Сити Мол.

ana zafirova 16

Поврзани новости