На судењето за „Монструм“ ќе сведочат сведоци предложени од обвинетите

by fokus

На денешното рочиште за случајот „Монструм“, односно за петкратното убиство што се случи кај Смиљковското Езеро во 2012 година, ќе сведочат неколкумина сведоци предложени од одбраната, односно од обвинетите и нивните адвокати.

На претходните рочишта, кои беа затворени за јавноста, пак се презентираа посебните истражни мерки, односно прислушувани разговори на обвинетите по петкратното убиство.

Во судница сѐ уште се изведуваат стари докази и се сослушуваат стари сведоци, бидејќи иако случајот го презеде СЈО, сепак тој се води по стариот Закон за кривична постапка, па на повтореното судење мора да се презентираат сите старите докази, а потоа ќе следуваат новите, односно оние што ги обезбедило СЈО.

Освен „бомбите“, кои СЈО ги има во раце за овој случај, ќе бидат повикани и неколку нови сведоци, кои ќе треба да придонесат за расветлување на седумгодишната мистерија.

За овој случај доживотна казна затвор им беше изречена на Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено петтообвинетиот Сејди Рами доби ослободителна пресуда поради немање цврсти докази за утврдување вина.

Врховниот суд во ноември 2017 година ги укина пресудите, а обвинетите излегоа од притвор.

Трагичниот настан се случи на 12 април 2012 година кога четворицата матуранти Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски беа убиени кај Смиљковското Езеро.

В.В.

Поврзани новости