Ана Шутиноска: Сакам радиото да го надживее интернетот!

by Фокус 11:06
11:06

Ја запознавме на телевизискиот екран. Беше водителка на еден интересен телевизиски проект пред неколку години. Во последниов период најчесто ја замислуваат како изгледа додека го позајмува својот глас на љубителите на радиобрановите. Астролошки му припаѓа на  Ракот, а вљубена е во здравиот начин на живот. Ана Шутиноска денеска беше наше друштво во Скопје Сити Мол.

ФОКУС:  Сакате ли шопинг?

- Advertisements -

ШУТИНОСКА: Ооооо, да!

ФОКУС: Практикувате ли шопинг за време на попусти?

ШУТИНОСКА: Време на попусти е време за радости!

Денес решивме да ја разгалиме. Времето на попусти во Скопје Сити Мол апсолутно ни се погоди. Ги посетивме сите места кои најчесто се и нејзина локација додека ужива во прошетката и во шопингот низ Скопје Сити Мол. Во „Бео спорт“ ги одбравме сите работи кои ќе и овозможат убава авантура на нејзиниот годишен одмор.

ФОКУС: Кој е радискиот водител на кој му се восхитувате? Постои ли некој што го сметате за ваш гуру?

ШУТИНОСКА: Гуру немам, ама секогаш со радост ги слушам Dave Berry и Lisa Snowdon и нивната утринска програма на лондонското Капитал ФМ радио.

ФОКУС:  Како изгледа да се работи на радио?

ШУТИНОСКА: Работата на радио е ултразабавна. Тоа е едно место во кое се создава магија меѓу мене и слушателот и таа врска трае со години. Во тие неколку часа додека сум на програма не постои ништо друго, освен желбата утрото да биде поубаво. Страста кон оваа работа не верувам дека некогаш ќе ме напушти.

ФОКУС: Колку изборот на музика е битен за една радиоемисија?

ШУТИНОСКА: Генерално зависи од концептот на радиото. Антена 5 е медиум во чија основа е повеќе музика. По оваа дефиниција, изборот на музика е важен дел од радиоемисијата.

ФОКУС: Живееме во дигитална ера, во време во кое царува интернетот, па дали поради сето ова сметате дека радијата во денешно време се на издишување?

ШУТИНОСКА: Би сакала да верувам дека радиото ќе го надживее интернетот.

Ана својата радиска кариера ја почна во нејзиниот роден град Охрид. По завршувањето на факултетот за новинарство се сели во Скопје. Почнува да работи во сега веќе непостоечкиот телевизиски канал МС, по што следи проектот „Вртелешка“. Со задоволство ја прифаќа понудата да плови низ радиобрановите на Антена 5 радио.

ФОКУС: Пред да ја почнете својата радиокариера, бевте телевизиско лице. Ви недостасува ли да го видите својот лик на екраните повторно?

ШУТИНОСКА: Сакам да си го видам ликот на ТВ, чисто за да направам разлика каква сум била тогаш, а каква денес, колку сум „остарела“ во меѓувреме и да констатирам: ехеее… времето за мене како да застанало. Сакам да работам на ТВ проект, кој ќе ме освои на прва.

ФОКУС: Имавте и можност да работите на музичкиот канал Ем-Ти-Ви. Колку овој проект промени нешто во вашиот живот. Кои се искуствата што ги научивте таму? Дали тие се понапред од тоа што ние веќе го имавме тука?

ШУТИНОСКА: Да се биде дел од еден толку голем музички бренд, секако е непроценливо искуство, а и одлична референца за во си-ви. Благодарение на Ем-Ти-Ви запознав многу луѓе, со кои и денес сме супер другари. Таму научив како е да се биде телевизиски професионалец, во вистинска смисла на зборот, бидејќи станува збор за интернационална ТВ мрежа, која не признава никакви импровизации.

ФОКУС: За што размислувате додека им се обраќате на своите слушатели? Дали секоја ваша емисија има друга цел или со време се претвора во шаблон на кој едноставно се навикнувате?

ШУТИНОСКА: Неминовно е по 10 години работа во радио да се навикнете и вие на слушателите, но и тие на вас. Не би рекла дека се претвора во шаблон бидејќи секое утро е различно и секогаш има нешто ново што ќе сакате да го споделите со публиката. Размислувам како да им го направам утрото, а со тоа и денот поубав, но во исто време да им ги презентирам потребните сервисни информации.

ФОКУС: Постојат ли песни што се забранети за преслушување на радио. Има ли некаква црна листа на такви песни?

ШУТИНОСКА: Има листа на песни кои се актуелни и се поклопуваат со нашиот концепт. Црна листа нема, но секако има граница што смее, а што не смее да се пушти на радио.

ФОКУС: Благодарение на ангажманот на вашата радиостаница Антена 5, имате шанса да бидете дел од многу музички настани на светско ниво. Колку големите ѕвезди се недопирливи на тие настани?

ШУТИНОСКА: Антена 5 во својата 20-годишна историја била дел од најважните музички и спортски настани на светско ниво. Големите ѕвезди се всушност многу нормални и крајно коректни со новинарите, со оглед на тоа што ја сфаќаат моќта на медиумот. До сега не сме сретнале некој со кого сме посакале да направиме интервју, а  да бил недостапен за нас.

Ана е девојка што се радува на миговите во кои може да ужива во убава книга или да слуша музика. Го сака здравиот начин на живот. За фитнес, аеробик и за слични активности сум ужасно мрзелива, ама затоа со задоволство вежбам јога, вели Шутиноска. Секојдневно консумира свежо овошје и зеленчук, но и многу вода.

Ние одлучивме да не го менуваме нејзиното животно темпо, па затоа  го посетивме местото инспирирано од  њујоршките витамински барови „Џуси енд ко“, бренд кој го промовира здравиот начин на живот преку уникатни миксови на цедени сокови на македонскиот пазар.

ФОКУС: Родум сте од Охрид. Како го доживувате  својот роден град, сега кога не сте константно таму?

ШУТИНОСКА: Охрид го доживувам како прибежиште. Како љубов на која постојано се навраќам. Место во кое се ресетирам и црпам доволно позитивна енергија за да се справам со сите идни предизвици.

ФОКУС: Ви недостасува ли Охрид и неговата убавина, посебно сега во текот на летниот период?

ШУТИНОСКА: Да, особено сега. Но, не сум носталгична, затоа што често сум таму за викендите.

ФОКУС: Што посакуваше да биде Ане како дете, дали ова е вашиот сон од детството?

ШУТИНОСКА: Кога бев многу мала сакав да бидам докторка. Се сеќавам колку многу ја молев мајка ми да ме земе на дежурство бидејќи  ме привлекуваше целата атмосфера околу медицината. Кога станав тинејџерка решив дека ќе бидам новинар. И не се покајав.

ФОКУС: Каква е, всушност, Ана? Може ли да ни се опишете во кратки црти, што ве радува, што ве вади од такт?

ШУТИНОСКА: Ана е среќно 31-годишно дете, кое донкихотовски верува во добрината на луѓето. Ме радува кога сите околу мене се добри, а ме вадат од такт пресметливи, лажни и луѓе без етика и морал.

ФОКУС: Која личност што сте ја интервјуирале предизвикала посебна возбуда кај вас?

ШУТИНОСКА: Се сеќавам кога првпат отидов на „Егзит“ и кога правев интервју со Нил Тенант од „Пет шоп бојс“. Пред почетокот на интервјуто ме предупредија дека соговорникот е поприлично специфичен, па кај мене се појави доза на несигурност и трема. Но, во моментот кога го поставив првото прашање, сфатив дека Тенант е сосема нормална личност и неверојатно пријатен соговорник. Тоа можеби е едно од моите најдобри интервјуа до сега.

ФОКУС: Полесно е да се соработува со светски познати личности или со македонските ѕвезди?

ШУТИНОСКА: Различно е, пред сѐ, поради начинот на кој се пристапува. Со светските ѕвезди имаме строго професионален однос, додека со нашите уметници сме веќе пријатели.

ФОКУС: Како се гледате, како се замислувате себеси за 10 години?

ШУТИНОСКА: За 10 години сакам да сум здрава и жива и да бидам родител на барем две деца.

ФОКУС: Колку често слушате радио?

ШУТИНОСКА: Радио најчесто слушам во мојот автомобил и додека се подготвувам да излезам од дома.

ФОКУС: Имате ли време за љубов?

ШУТИНОСКА: Секогаш имам време за Илија. Така се вика мојата љубов.

ФОКУС: Брак, дали по претходното искуство, повторно би се впуштиле во оваа животна авантура?

ШУТИНОСКА: Апсолутно, да!

Ние продолжуваме со шопинг додека попустите уште траат во Скопје Сити Мол, а вие може и понатаму со Ана да се дружите на радио.

Поврзани новости