Ана Јовковска: Слободна и своја, пулсира во времето!

by Фокус 12:02
12:02

City MallЉубопитна и гладна за информации. Слободна, своја и искрена. Девојката која од „Пулси квиз“ израсна во дамата што пулсира со „Пулс“ на телевизија денес. Како астролошки припадник на Рибите сочувствува со она што им се случува на другите, па токму затоа хуманоста ја одбра како обид за промена на тажните човечки судбини.

Својата биографска карта ја надополни со монографијата „Пулсот и времето“, поради која деновиве е мошне активна на теренот низ Македонија. Нема време за лакирање нокти, но затоа сака да ужива во друштво на драги луѓе со кои споделува мисли. Денес во Скопје Сити Мол се прошетавме со Ана Јовковска.jovkovska 03ФОКУС: Вашата кариера, поточно нејзиниот почеток е врзан со МТВ. „Пулсирања“, емисијата која искали многу телевизиски ликови, Вам ви овозможи да „влезете“ во телевизорот со „Пулси квиз“. Каков беше Вашиот филм во тие мигови? Дали магијата се роди уште тогаш или дозволивте љубовта кон телевизијата како медиум да Ве совлада малку потоа?

- Advertisements -

ЈОВКОВСКА: Филмот беше детски и љубопитен, ама во исто време и едукативен. Магијата на телевизијата работеше на мене, а јас си растев пред камерите (се смее). Кулминира со запишувањето на студиите по новинарство и со првиот мој посериозен телевизиски проект, авторската емисија „Фикс идеја“ пред 15 години.

ФОКУС: Дваесет години на екранот. Што според Вас најмногу ги обои? Кои настани ќе ги паметите како значајни во овие две децении?

ЈОВКОВСКА: Јас не го сакам класичниот историски наратив. Времето за мене е циклично, а не линеарно, и не го мерам според големите датуми во историјата, туку според малите мигови на среќа во секојдневието. Овие 20 години ги паметам по некои добри концерти, филмски фестивали, силни драмски реплики, фантастични романи, инспиративни разговори, активистички иницијативи, протестни движења, добри графити, бакнежи, а не по големите политички пресврти или, пак, по транзициската челуст што ни ја голта радоста.

ФОКУС: Интересно, зборот пулс на почетокот, но и во зрелиот дел од вашата кариера. Како всушност пулсира Ана?

ЈОВКОВСКА: Интензивно, ама ритмично. Понекогаш знам, иако ретко, да се исклучам од сѐ, како правата линија на пулсот кој запира, ама само привремено, колку да ги наполнам градите со свеж воздух и батериите за нов креативен погон.

ФОКУС: Ана отсекогаш била своја. Различна по изглед, поинаква во изборот на прашања, различна во дискусиите. Колку таа потреба за различност Ве издвои од другите? Ве препознаваат, Ве доживуваат ли поинаку, онака како што вие си замисливте?

ЈОВКОВСКА: Различноста секогаш доаѓаше без усилби. Имиџот ми беше специфичен, не затоа што сакав по секоја цена да бидам поинаква, туку затоа што имав отпор кон меинстрим вредностите на модата, пораките што популарната култура им ги праќа на девојчињата, па сметав дека отпорот треба да биде креативен.

Различните прашања беа затоа што мене навистина ме интересираше она нечујното кај луѓето, она што нема да го најдете на интернет во нивните биографии. Всушност, секогаш ме интересирало најчовечкото во човекот, а тоа е најзапоставено, затоа што е наједноставно. Тешко ни е да зборуваме за срцевината на работите и на проблемите.jovkovska 04Јовковска е човек кому здравјето и благосостојбата на умот му се особено важни. Токму затоа не губевме време во Скопје Сити Мол со изборот каде ќе ја надополниме енергијата што ни треба за оваа наша прошетка. Застанавме на кратко кај местото инспирирано од њујоршките витамински барови „Џуси енд ко“. Го дегустиравме уникатниот микс на цеден детокс-сок, во кој вистински уживавме. Ана верува дека секој миг што се троши е инвестиција за нешто поголемо. Па, затоа решивме да продолжиме со инвестирање во нашиот разговор.

ФОКУС: Велосипед повеќе од автомобил. Зошто?

ЈОВКОВСКА: Затоа што е еколошки, затоа што е добро за здравјето, затоа што е совесно кон следните генерации, кои, исто така, имаат право на оваа наша планета. Затоа што е и рекреативно. Затоа што е ветер во косата.

ФОКУС: Темелни кон вашата професија, но темелни и кон себе. Поборник за здрав живот како личен избор. Но, колку тоа е успешен проект во земја со голема загаденост на воздухот?

ЈОВКОВСКА: Воздухот не можам преку ноќ да го сменам, но што ќе внесувам во организмот и каква храна ќе јадам, одлучувам јас. Во последно време ја поддржувам првата кооператива за органска храна „Наша добра земја“. Од нив се снабдувам со производи што не се хемиски третирани. Не сум фанатик исклучиво за органската храна, но сакам да се хранам здраво и важен ми е односот кон здравјето. Алкохол речиси воопшто и не пијам. Цигарите ги мразам и кај мене дома не се пуши.

ФОКУС: Желбата да бидете психијатар, претпоставувам, се задоволува со длабоко нуркање по карактерите на ликовите кои се ваш избор на гости. Колку тоа ја поткрепува вашата кондиција за различно доживување и претставување на гостите?

ЈОВКОВСКА: Многу е важно да знаеш да слушаш. Честопати гостите во емисијата ми велеле дека се чувствуваат како да се на психијатар (се смее). Секогаш сум се обидувала да развијам кај себе една страна на добар и искрен слушател. А кога си трагач по најчовечкото во човекот, тогаш мора да имаш разбирање за најдлабоките фрустрации на луѓето, за нивните болки, па дури и за нивните гревови.

Тоа не значи дека оправдуваш, туку само дека разбираш. Како беше она – сѐ што е човечко, не ми е непознато. И секој разговор е како средба на вистините, натпревар на суети, вадење маски, нуркање во длабокото, соочување со сопственото, разбирање на туѓото, егзистенцијален шах со животот.

ФОКУС: Новинарството, веројатно, е професијата што е најпривлечна за астролошките припадници на знакот Риби, барем според истражувањата на терен во Македонија. Верувате ли во хороскоп или во некакви судбински предодредености?

ЈОВКОВСКА: Верувам дека нема случајности и дека сите сме дел од едно цело. Верувам во систем на вредности, во карма. Инаку хороскопската комбинација ми е цела во вода – Риба – Рак – Скорпија.

ФОКУС: Како вашите родители ја доживуваат вашата професија. Каков е нивниот став, критичен или само силна поддршка?

ЈОВКОВСКА: Критичноста и поддршката одат рака под рака, не може поинаку. Поинаку би биле само празни пофалби од кои човек нема корист. Од друга страна, многу е важно да не се сечат крилата. Моите родители, сестра ми, партнерот, пријателите ми даваат крила. Среќни се за мене што го работам тоа што го сакам и горди се на мојата работливост. Понекогаш ме советуваат дека вложувам премногу енергија во сѐ што правам.jovkovska 05Во Скопје Сити Мол застанавме на местото каде што својот чекор го забавуваат и децата, но и возрасните. Љубопитните по бегството од реалноста, својот мир го наоѓаат во „Икона“.

Она што ние го пронајдовме тука е нејзината книга. Монографската збирка на Ана насловена „Пулсот и времето“ е книгата што ги собра интервјуата со афирмирани писатели, професори, уметници, активисти, актери, политичари и дипломати.

Книгата на некој начин е книжевна архива и креативна селекција на педесетина, од околу петстотини интервјуа на Јовковска реализирани во нејзиниот телевизиски проект „Пулс“ на ТВ Алфа.

ФОКУС: Телевизијата како алатка преку која го презентирате вашиот израз ја менувате со книга. Ова го бара вашиот професионален порив во Вас или едноставно посакавте љубопитно да испитате и друг медиум за да се искажете?

ЈОВКОВСКА: Сакав да остане една архива од добри мисли и теории. Културна меморија на едно време. Пишувањето ми е прва љубов, така што не ми беше тешко да се одлучам на еден ваква книжевна авантура или на еден истражувачки труд, кој на 500 страни во голем формат ќе собере различни вистини и теории.jovkovska 02ФОКУС: Дали можеби вашата книга е обид да покажете дека ова невреме во новинарството треба да биде сопрено?

ЈОВКОВСКА: Секако. Новинарството е девалвирано, медиумите се корумпирани, трагачите по вистината се замолчени, со ретки исклучоци, се разбира. Искрено се надевам на подобри времиња од овие агресивните. Телевизиите се во особено лоша состојба. Личат на розовите кутии на „Барби“.

ФОКУС: Кои беа сликовниците што го обележаа вашето детство?

ЈОВКОВСКА: Сите детски драматургии на браќата Грим и филмските ликовите на Дизни. Во еден период од детството, додека живеевме во Америка со моите родители, таму хит беше „Малата принцеза сирена“. Се сеќавам и на албумот со Сара Кеј.

ФОКУС: Кои се денес ваши омилени писатели или поети? Што повеќе Ве привлекува? Дали сакате да анализирате и да дискутирате за тоа што го читате?

ЈОВКОВСКА: Оф, имам многу омилени писатели. Од македонските современи поети од поновата генерација или веќе средната генерација ќе ги спомнам Никола Маџиров и Владимир Мартиновски. Има и еден супербран на млади поети.

ФОКУС: Дали според вас, ова ново време во кое живееме, ја забави потребата за читање, посебно кај младите?

ЈОВКОВСКА: Да, книгите им се помалку атрактивни од светлечките екрани на компјутерите, таблетите и на мобилните.jovkovska 06Ана е иницијатор и активист во повеќе граѓански иницијативи, социјални движења и протести за правата на луѓето, социјалната права, екологијата, правата на животните… Дел е од бројни хуманитарни активности. Пред две години заедно со неколку свои истомисленици го отворија првиот Автономен социјален центар во Скопје, како слободна зона за независна уметност и активизам.

ФОКУС: На кој медиум сте верна, но не како дел од професијата, туку како публика? Што најмногу го влече вашето внимание, радио, телевизија, весници или можеби интернетот?

ЈОВКОВСКА: Иако работев 20 години во континуитет во телевизија, јас многу малку гледам телевизија. До скоро, цели две години живеев без телевизор. Од сите овие медиуми би ја одбрала книгата и добрите списанија, ама такви кај нас речиси и да нема. Се сеќавам на времето кога со душа го чекав денот кога ќе излезе „Глобус“ и „Граѓански“.

ФОКУС: Ви пречи ли што земјава е сѐ уште место на стереотипи? Повеќе не одобруваме отколку прифаќаме или толерираме.

ЈОВКОВСКА: Јас активно се борам со сите видови стереотипи и предрасуди во општеството. Последно ме ужасна хомофобијата на некои луѓе по информацијата дека САД ги легализираа истополовите бракови.jovkovska 07Ана е чест гостин во „Синеплекс“. Таа едноставно е зависна од филмови, културни настани и концерти. Токму затоа ова место во Скопје Сити Мол е вистински предизвик за одржување на нејзината кондиција.

ФОКУС: Сакате добра фотографија. Едно време често ве забележував во друштво на вашиот апарат. Ова беше само обид да го следите трендот или едноставно потреба што посакавте да ја задоволите?

ЈОВКОВСКА: Никогаш не сум следела никакви трендови. Работите ги правам од љубов, а фотографијата е прекрасен медиуми кој го замрзнува мигот. Имаш чувство дека си го надмудрил времето. Фотографијата е пркос на минливоста. Мојата фотографска љубов секогаш била аматерска.

ФОКУС: Како ја дефинирате љубовта?

ЈОВКОВСКА: Како инспирација, движење, проникнување, разбирање, прифаќање…

ФОКУС: Колку слободата во љубовта е важна? 

ЈОВКОВСКА: Најважна! Нема љубов без слобода и обратно, нема слобода без љубов!

ФОКУС: Колку емоциите на оваа астролошка Риба се значајни на тоа поле? 

ЈОВКОВСКА: Емоциите ми се движечка сила. Како што апаратите и мобилните телефони се полната на струја, така јас се полнам на емоција.

ФОКУС: Ако не бевте новинар, ќе бевте доктор. Што беше пресудно на таа животна раскрсница?

ЈОВКОВСКА: Желбата за поинаков човечки допир и љубовта кон пишаниот збор. Отвореноста на професијата.

ФОКУС: Каде ќе го насочите својот курсор во иднина?

ЈОВКОВСКА: Кон „Карванот на дебати – Пулсот на и општеството“, кон книжевноста и кон документаристиката.jovkovska 08Нејзината книга ќе може да ја пронајдете во „Икона“. Ана, сигурно ќе ја видите во „Синеплекс“ како ужива во задоволувањето на својата страст за добар филм.

Поврзани новости