Ана Бунтеска: Вљубена во моќта на зборовите!

by Фокус 12:57
12:57

City Mall

Убава, самосвесна и вљубена во моќта на зборовите. Токму преку нив ги разбранува социјалните мрежи со своите поеми, кои ги интегрира во нејзината прва книга „Стави лајк на сопствениот живот“, промовирана во ноември, минатата година. Максимално посветена на својата улога како мајка, професионална на работното место во Македонската берза за хартии од вредност и желна постојано да ги шири сопствените видици. Ана Бунтеска е нашето друштво во Скопје Сити Мол.

- Advertising -

Прошетката низ Скопје Сити Мол ја стартувавме со кафе во „Тренд“. Додека го дегустиравме, разговорот ни почна во убава и релаксирана атмосфера.Ana Buntevska 01ФОКУС: Ставивте ли лајк на Вашиот живот?

БУНТЕСКА: Генерално да, таму сум каде што сакам да бидам, научив дека почитувањето и љубењето себеси е можеби најважната лекција што животот ја дарува, дека секој ден носи нешто ново и дека човек може да искрепи многу повеќе отколку што мислел дека има сила. Одвреме-навреме го спуштам палчето (лајкот) колку да се преслушам, да видам што понатаму и да направам апдејт на системов. Сега, на овие години некако повеќе сум со себе, си ја сакам тишината, која ми е потребна за да можам да говорам преку песните што ги пишувам.Ana Buntevska 15ФОКУС: Публиката ве запозна преку вашите зборови. Колкава е според Вас моќта на зборовите? Тежат ли повеќе од делата?

БУНТЕСКА: Пред некое време имав напишано песна која е насловена „колку ти тежи зборот“ и која вели:

чоек тежи токму онолку колку што зборот му тежи
за да стои зад него
за гордо пред него да застани
и право во очи да те гледа

Зборот како збор, гол и туку-така плукнат е ветар и магла, напразно кажан, ако не е поткрепен со дела зад кои се стои. Мудри биле нашите предци, не толку образовани и начитани, без можност да ги уживаат „благодатите“ на медиумите, но имале животна мудрост, која нам, во ова време, ни станува блиска со текот на годините.

ФОКУС: Поетите во соништата, во желбите, во нереализираното ја наоѓаат својата муза. Каде Вие ја наоѓавте Вашата инспирација?

БУНТЕСКА: Од животот генерално, од она што ми се случувало и случува, од она што гледам околу себе, од сите стравови со кои се соочувам, желби што ги имам, копнежи за кои сонувам, во реализираното, но и во нереализираното. Нашиот животен век е сам по себе инспиративен. Често велам дека песните ме поседуваат мене, а не јас нив, дека сум само средство кое некогаш немилосрдно го користат за да си го најдат патот надвор.Ana Buntevska 14ФОКУС: Вашите пишани чеда, својата промоција ја имаа на социјалните мрежи, каде што добивте многу следбеници. Дали овој начин на комуникација беше одбран свесно? Дали на овој начин сакавте да си ја обезбедите својата позиција меѓу вљубениците на моќта на зборовите?

БУНТЕСКА: Социјалните мрежи беа спонтано одбрани, бидејќи никогаш не размислував за тоа дека треба да објавам книга. Сето тоа некако беше во втор план, освен оној порив да се ослободам од она што тлееше во мене. Во тој процес на пишување, песната престанува да е моја во мигот кога ќе стиснам „publish“. Тогаш се чувствувам како во мене да се ослободува место за нови зборови, за ново „чедо“.

Тоа траеше до моментот додека не осетив дека завршив со една фаза и дека за да почнам на некое ново ниво, песните треба да ги заокружам во книга, која излезе на крајот на ноември 2015 година. А за позиција не можам да говорам, тука се читателите, тие се меродавни да оценат.

Нив не може никој, ама баш никој да ги прелаже, имаат неверојатно сетило за да намирисаат што е искрено и од душа откорнато, а што е само прецизно одбирање на зборови, сместени по некаков план и редослед за насилно да разбудат емоција.Ana Buntevska 06ФОКУС:  Се читаат ли книги во Македонија, посебно во ова време кога технологијата преку своите продукти наметнува еден друг тренд?

БУНТЕСКА: Да! И тоа многу ме радува. Почувствував од пред извесно време дека луѓето уште го љубат мирисот на печатената книга, дека се жедни за читање и уште повеќе ме радува кога ги гледам како во книжарниците одат со своите деца. Оти љубовта кон книгата се негува од мали нозе и таа е една од оние кои траат цел живот.

Ме радува кога на промоции гледам лица кои со почит и во тишина слушаат поеми или фрагменти од издадена книга. Воедно и самите издавачки куќи вредно работат на тоа да се шири читачката публика, па организираат акции или интерни саеми, на кои врвулицата од луѓе е веќе јасен показател дека народот сака да чита, дури и кога џебот му е плиток.Ana Buntevska 13ФОКУС: Кои се вашите омилени писатели, поети? Што повеќе ве привлекува? Сакате ли да го анализирате и да дискутирате за тоа што го читате?

БУНТЕСКА: Тука сум малку себична. Не сакам да го дискутирам, а уште помалку да го анализирам она што ми е прочитано. Сакам тоа чувство да остане во мене, како храна и момент на доживување, кој со дискусија и анализа ќе ми се разводни. Ми се допаѓа кога силината на она што сум го прочитала ми е постојана и ме „треснува“ од земја секој пат кога се навраќам на некое дело за да го препрочитам.

Последниве години сакам да читам новели, раскази, а поезија читам од неколку наши автори кои ги почитувам и како поети и како луѓе, автори од кои учам (некои од нив се многу помлади од мене). Избегнувам да говорам за омилени писатели, некако тоа ми е клише, но сакам да експериментирам со откривање непознати имиња, кои знаат пријатно да изненадат. Има и дела што ги препрочитувам на неколку години и кои, колку и да ги знам, ми откриваат некои нови димензии. Веројатно тоа се должи и на моето внатрешно созревање, па ми се случува да имам сосема различни емоции при секое читање.Ana Buntevska 02Ана е убава црвенокоса дама, која лесно се забележува, и покрај нејзините обиди да не се наметнува. Астролошки им припаѓа на Водолиите, кои според астролозите се најсимпатичниот, најљубезниот и најпретставителниот знак на Зодијакот. Ана сака убав накит, па токму и затоа ја одведовме до местото кое и самата го посетува  често – „Сваровски“. Тоа е компанијата која го има тајниот рецепт за своите кристали, познати низ светот.

ФОКУС: Се вели дека дамите со црвена коса знаат точно што сакаат. Дали ова правило може да се примени и за Вас?

БУНТЕСКА: Не знам дали се однесува на природните црвенокоси или и на бојадисаните, оти јас спаѓам во овие вторите. Секоја самосвесна жена која вложува во себе, која држи до себе, која се надградува, која љуби, е жена/дама, која точно знае што сака, без разлика на бојата на косата. Впрочем, да не постојат боите, повеќето жени на мои години би шетале сивокоси.Ana Buntevska 07ФОКУС: Астролозите, родените во знакот Водолија ги опишуваат како внимателни, нежни, страсни и пријателски настроени. Повеќето припадници на овој знак се многу независни и имаат оригинални идеи и замисли. Но, може да имаат проблем во љубовните врски. Колку од овие карактеристики може да ги поставите во описот за Вас?

БУНТЕСКА: Колку??? Накусо кажано „Астролозите, родените во знакот Водолија ги опишуваат како внимателни, нежни, страсни и пријателски настроени. Повеќето припадници на овој знак се многу независни и имаат оригинални идеи и замисли. Но, може да имаат проблем во љубовните врски“.

Секој човек ќе се најде во напишаново, сите ние сме вакви или онакви во текот на денот, годината, животот. Од друга страна, некаде прочитав дека Водолиите можат да бидат со многу луѓе околу себе, а, сепак, сами (не осамени). Со ова, точно или неточно, целосно се сложувам.Ana Buntevska 16ФОКУС: Каква е Ана со која најчесто се среќавате во огледалото?

БУНТЕСКА: Секаква. Знае да е немтур, насмеана, среќна, меланхолична, дива, питома, секогаш подготвена да помогне колку и како може. Некогаш (со онаа Ана) се сакаме многу, некогаш не се поднесуваме, ама бегање една од друга нема. Сме се прифатиле една со друга, па туркаме некако. Мислам дека човек го наоѓа својот мир тогаш кога ќе се прифати себе каков е и кој е.Ana Buntevska 03Секоја дама внимателно ја негува својата кожа, чувајќи ја како лично и скапоцено богатство. Следејќи ги инструкциите на професионалците во Скопје Сити Мол, се упативме до штандот на „Логона“. Ова е бренд на природна органска козметика со врвен квалитет. Нивниот широк спектар на производи ги исполнува строгите критериуми за контролирана природна козметика, произведени и развиени во Германија, без тестирање на животни. Додека ги разгледувавме нивните производи, дискутиравме за убавата страна на љубовта.

ФОКУС: Пријателите ве опишуваат како принципиелна, дама која им е верна на своите правила. Но, дали во Македонија има простор за принципи? Еве и самата бевте дел од приказна во која некој се обиде да присвои ваша поема.

БУНТЕСКА: Имам само еден принцип. Не го прави она што не сакаш да ти биде направено. И тврдам дека светов би бил поубаво место за живеење, доколку секој од нас би се придржувал кон тоа. А во однос на присвојувањето, ќе речам само дека она што човек сам не го создал, спечалил или заслужил, никогаш нема да е негово. Не се замарам веќе со тоа, од искуството што го имав, сфатив дека поголем суд и осуда од јавноста нема.Ana Buntevska 08ФОКУС: Каква е вашата лична приказна. Дали таму царува љубовта?

БУНТЕСКА: Имам ќерка и поголема љубов од онаа за неа не сум почувствувала. Често велам дека моето дете не знаејќи некогаш ме спасува од сама себе. Опкружена сум со љубов од неа, моите родители, пријателите, кои не се многубројни, но се прекрасни луѓе без кои не знам што би правела.

Опсипана сум од љубов од оние кои ми ги сакаат зборовите, кои ги дишат моите песни заедно со мене, плачат кога душата си ја оставам на хартија и кои моето бесрамно слекување во книгата го поддржаа со нивно слекување пред мене во пораки, на промоцијата и кога се гледаме во живо. А што се однесува до „онаа“ љубов, вратата ќе ѝ биде ширум отворена кога ќе дојде.

ФОКУС: А како, всушност, ја дефинирате љубовта?

БУНТЕСКА: Ах, па не знам дали може да се дефинира љубовта. Мислам дека секоја дефиниција само става рамки на нештата. Ама еве, за мене љубовта е мешавина од почит, поддршка, страст, нежност, утеха, спокој и уште мал милион нешта помеѓу.

ФОКУС: Вашата ќерка веројатно е светот околу кој постојано кружите. Кои се вашите настојувања во обликувањето на нејзината личност? Кои се вредностите на кои сакате да ја насочите? Кои се лекциите на кои најмногу посветувате внимание, како мајка?Ana Buntevska 09БУНТЕСКА: Аргентина (ќерка ми) е центар на мојот свет. Со сиот ризик, знаејќи дека ја учам да го одбере потешкиот пат, настојувам да е своја и чесна, да не го следи „стадото“, да не ја витка кичмата, да се бори за себе и за она што го сака, а истовремено да е емпатична и внимателна кон луѓето.

Таа, иако има само девет и пол години, е многу сочувствителна, а од друга страна и прилично упорна кога сака нешто свое да истера. Ја оставам да биде своја, со мали корекции кои мислам дека се неопходни за нејзината возраст, како и да прави грешки за да сфати што е одговорност и дека секоја одлука што ја носи повлекува права, но и обврски.Ana Buntevska 10ФОКУС: Читате ли книги заедно? Сака ли поезија?

БУНТЕСКА: Читањето е култура на живеење, а она заедничкото е веќе ритуал, пред спиење секоја да е со својата книга. Нина е израсната со книги, домашната библиотека е преполна и секогаш се смеам кога ќе ме праша „мама, ова сѐ треба да прочитам?!“ Според мене, книгите развиваат креативност и имагинација кај децата, им овозможува да се слеат со главните ликови и да се поистоветат со нив.

Телевизијата е медиум што нуди готов производ, кој само треба да се голтне, без претходно да се соџвака. Е сега, нормално е дека сака да гледа цртани филмови, но гледањето телевизија ни е сведено на минимум. Некако сум со убедување дека станувањето свој е поврзано со развој на мислата и умот, кои не се хранат и појат со она што се нуди во етерот (барем нашите телевизии).

Поезија не чита и сега засега не гледам дека ја интересира тоа. Дури и кога ја вртеше книгата низ раце, ми рече дека ќе ги чита песните кога ќе порасне, оти не биле за мали деца (со шеретски поглед и смеа, секако).Ana Buntevska 11ФОКУС:  Надвор од социјалните мрежи, надвор од страниците на Вашата книга, Ана е брокер. Каков е предизвикот да се биде брокер? Сега додуша на берзата е мирно, но кога состојбата е различна, колкав е стресот на оваа професија? По филмот со Леонардо ди Каприо сите имаат одредена перцепција за брокерите, но дали има вистина во тоа, еве кај нас?

БУНТЕСКА: Работам на Берза веќе 14 години, од 2002 година. Споредбите знаат да бидат прилично неблагодарни, но ќе кажам дека работата ми е интересна, несекојдневна и полна предизвици. Инаку да, брокерската професија е стресна и напорна.

Постојано велам дека нема полошо од тоа да се работи со парите на луѓето, кои некогаш доаѓаат кај брокерите со идеја дека за кратко време треба да станат милионери. За среќа, берзанското работење сега веќе не е толкава енигма и луѓето имаат повеќе информации и сознанија што е Берза, како и очекувањата кои можат да ги имаат. Ние веќе 20 година наназад (од 1996 година) се трудиме да едуцираме и да даваме што е можно повеќе информации за нашето работење.Ana Buntevska 04Првите месеци во годината се месеци на комплетно уживање во попусти и шопинг. Скопје Сити Мол, почнувајќи од 26 јануари, па сѐ до 14 февруари, следејќи со светскиот тренд, овозможува убаво шопинг-искуство за посетителите, нудејќи им можност омилените производи во молот да ги купат на попуст.

ФОКУС: Жените се вљубени во шопинг, речиси секогаш и секаде. Колку Ана сака шопинг? Што најчесто со задоволство сакате да купувате?

БУНТЕСКА: Ако фудбалот е најважната споредна работа за мажите (така велат, иако не се сложувам со генерализирање), тогаш пандан на тоа е шопингот кај жените (и со оваа генерализација не се сложувам). Не сакам шопингување, освен кога купувам за ќерка ми, подароци за пријателите и книги. Кога купувам гардероба за себе, од око гледам дали ми е тамам и до сега не сум утнала.

Кога мора да одам на шопинг, точно знам што сакам и што треба да земам. Послатко ми е кафето потоа, отколку туркањето и сета таа нервоза. Секогаш сум ги жалела мажите кои „висат“ пред продавници и се гледаат едни со други соучеснички, водени од истата мака, иако знам неколкумина кои се имаат спријателено токму така, чекајќи си ги партнерките.

Од друга страна, пак, многу сакам да одам на пазар и да шетам по тезги, тоа ми е неделен ритуал во кој уживам, особено што нашиот пазар преку цела година изобилува со шаренило.Ana Buntevska 12ФОКУС: Ако фрлите поглед наназад, што би промениле во Вашиот живот?

БУНТЕСКА: Верувам дека дури и една секунда од животот да се смени (во минатото), тоа би се одразило на сѐ во иднината. Впрочем, не верувам во случајност, така што сѐ она што дошло или, пак, си отишло, секоја моја одлука (колку навидум и да била погрешна), секоја постапка и кажан збор, имале своја цел и ме обликувале во она што сум сега. Но, еве ќе се послужам со дел од една моја песна кој вели вака:

да можам назад да се вратам
ете, в рака временско далечинско да имам
и на rewind да стиснам
ќе се вратам на почетокот
ќе вртам назад до мигот ко те сретнав
и во сета наша приказна
само едно нешто ќе сменам
карминот!

ФОКУС: За крај, текстовите се костур на песните. Па, посакувате ли некогаш вашите чеда да бидат пренесени со ноти до вашите фанови?

БУНТЕСКА: Интересно, ниту една песна што сум ја напишала не била без присуство на музика во заднина. Тие две уметности се тесно врзани една со друга. Е сега, прашање е колку би умеела да напишам нешто што би било врзано со музика, со оглед на тоа што музиката, сепак, ќе бара поставување одредени правила кои сега ги нема во моево пишување.

Искрено кажано, не знам дали ме бива за таков вид текстови, но по природа сум љубопитна и секако дека (ако ништо друго), би се обидела да напишам нешто што ќе биде поткрепено и со ноти. Мислам дека онаа музика која ќе допре до душава и ќе ме растрепери, лесно ќе извади зборови од мене.Ana Buntevska 05За крај, си закажавме следна средба во Скопје Сити Мол. Но, нема да чекаме повод за тоа да биде новата книга на Ана.

Поврзани новости