Амернис уловена во пајажина!

by Фокус 15:47
15:47

Нејзиниот глас го слушате во рекламните пораки за Скопје Сити мол. Но, и во синхронизациите на вашите омилени телевизиски серии. Нејзиниот лик го гледаме во театар, на филмското платно, но и во безброј кампањи, некои од нив модни, дел, пак, во насока на поголема свесност за одредени проблеми присутни во нашето опкружување. Амернис Нокшиќи Јовановска, еднакво успешна на многу полиња, и тоа не само на домашен терен.

Додека публиката е навикната да ја следи како некој од ликовите што ги толкува, ние пробавме да ја ставиме во една друга позиција. Ја уловивме во нашата пајажина. Таа да биде публика. Купивме пуканки, одбравме филм и уживавме во кинопроекцијата во една од салите на Синеплекс. Амернис со насмевка ги сподели и своите приватни киномигови за нас. Ни откри дека сака да гледа сѐ, освен научна фантастика. Честопати тоа е омиленото задоволство што си го дозволува со своите ќерки, а тие, пак, се вљубени во киното, но и во театарските претстави.

- Advertisements -

ФОКУС Ве вбројуваат меѓу актерките кои се навистина талентирани. Колку е тешко да се биде актер во оваа земја? 

АМЕРНИС Па, од една актерска плата во Македонија не може баш да се живее. За среќа, нашиот стандард го подобруваме благодарение на синхронизациите и снимањето реклами. Би сакала да потенцирам дека на актерите во Албанскиот театар платите ни се сѐ уште по старо, не ни ги покачија како што претходно беше најавено. Како актери, ние имаме најниски плати во земјава.

ФОКУС Ако направиме мала паралела со нашето соседство, дали на пример кога настапувате во Косово, ангажманите се поисплатливи од тука?

АМЕРНИС Да, секако дека се, хонорарните ангажмани се прилично солидни, далеку повисоки од нашите тука. Зборувам за хонорари за реклами, учество во серии и слично. Еве, на пример, во Албанија, еден актер има минимална плата, но доколку работи дополнително, тој за тоа е платен екстра. Пазарот е поголем и имаат поголем предизвик да се борат и да бидат вработени, па да се насочуваат кон добивање главни улоги. Тоа, секако, е стимул што ни треба на сите. За жал, кај нас не е така.

ФОКУС Засега си само глас во сериите што публиката ги сака кај нас. Дали доколку добиеш понуда би била дел од актерската постава во некоја од турските серии?

АМЕРНИС Во таков проект засега не би сакала да бидам вклучена. Имав можност да бидам дел од една серија што се снимаше тука во Македонија, конкретно во Битола. Тогаш бев бремена и се појавив во неколку епизоди. Тоа засега е моето единствено учество во турските серии. Еден мој колега Љуран Ахмети, кој учествуваше во серијата „Величествениот“ и во ред други серии, во неколку наврати ми спомена да направам портфолио и да му го пратам. Не сум подготвена да го сторам тоа затоа што сметам дека одлуката да се работи во странство на подолг временски период, не е толку едноставна.

ФОКУС Неодамна ја доби наградата за главна женска улога на фестивалот „Фљака Е Јанарит“ за улогата во претставата „Прстот“ по текст на Дорунтина Баша, а во режија на Агон Мифтари. За оваа улога, лани ја добивте истата награда на македонскиот фестивал „Војдан Чернодрински“. Колку наградите се предизвик за работа?

АМЕРНИС Сигурно дека секое признание за работа годи, посебно за мене како актер, бидејќи тоа ми покажува до каде сум. Но, не секогаш. Често тоа зависи и од самото жири. Ова признание посебно ме израдува затоа што се случи на самиот почеток на годинава, па е некаков убав патоказ. Често поважно од наградите ми е тоа што ќе успеам да запознаам нови луѓе, ќе стапам во контакт со нив, ќе ги видам нивните претстави, па ќе направам некоја паралела за да видам до каде сум јас во целата ситуација. Наградите, на некој начин, се и лична карта за актерите, бидејќи кога некој режисер ќе ви понуди улога, тој точно знае дека наградата била еден од тие пресудни фактори.

ФОКУС Интересно е што кога ја добивте наградата на македонскиот фестивал „Војдан Чернодрински“, медиумите некако ја прескокнаа таа информација. Зошто?

АМЕРНИС Не би рекла дека ја прескокнаа, беше објавена информацијата, но, за жал, ни еден од медиумите не најде потреба да се заинтересира малку повеќе за тоа. Сите се тука кога треба да се пишуваат работи кои и не се толку битни, но за работата што ја работам, не. Но, јас никому не можам да му кажам што треба да прави, тоа е тоа.

ФОКУС Скоро видовме дека политиката успеа своите сметки да ги истовари и на штиците што живот значат. Колку политиката е присутна во Албанскиот театар?

АМЕРНИС На политиката не е имун ни Албанскиот театар, но не до тој степен како што политиката е присутна во македонските театри. Во нашиот театар директорите се менуваат со смена на власта, но нема никакво позначително влијание врз актерите што се дел од овој театар. Кај нас, во тој поглед се еднакви сите. И ние имавме колешка што ја напушти својата кариера и стана политичар. Јас лично не сум политички обоена и не ми е важно кој е на власт. За мене е важно да имаме работа, да имаме претстави, да нема застој во работата. Сѐ друго е неважно. Во уметноста не смее да има политика. Ние на сцена треба да бидеме професионалци, тоа е единственото нешто што е важно. Театарот треба да се чува како свето место. Токму затоа сметам дека во уметноста нема простор за политика.

ФОКУС Сите ние, при изборот на своите професии, често се водиме од примерот на своите родители. Па, дали доколку не бевте актерка ќе бевте можеби балерина, како вашиот татко? 

АМЕРНИС Јас сум дете што растеше во театарот. И мојата мајка е актерка. Го познавам секое ќоше во Албанскиот театар. Ние живеевме во бараката веднаш до театарот. Оттогаш театарот ми е како втор дом. Сум била на секоја претстава. Очигледно дека тоа имало големо влијание кај мене. Инаку да, јас десет години одев на балет, но актерството секогаш ми било предизвик. Дури кога ми кажаа дека Албанскиот театар ќе се реновира, почувствував некој неспокој во душата. Тоа сигурно е за добро на сите нас, и за актерите и за публиката, но ете за мене е тешко, затоа што таму се сите мои спомени од детството.

Филмското платно на Синеплекс го напуштивме со насмевка. Нашата прошетка на истиот кат во Скопје Сити Мол нѐ донесе во „Бугати бистро“. Разговорот, пак, нѐ донесе до А1 телевизија. Токму прославата на 10-годишнината од медиумот кој згасна е настанот од кој почнува љубовната приказна на Амернис со новинарот Борјан Јовановски. Ја вративме малку на почетоците на нивната врска. Музичарот Владо Јаневски и Лилјана Мазева се ликовите кои на некој начин ја поттикнале нивната љубовна приказна во 2001година.

ФОКУС Како е да се биде во мешан брак? Тешко ли е тоа во Македонија, посебно во последниов период, кога поделбите настапија во сите пори од нашето живеење?

АМЕРНИС  Јас постојано нагласувам дека домашната култура е многу важна. Ние дома немаме никакви поделби, по никакви основи. За нас сите се еднакви. Така ме научиле моите родители. Ако некој ме праша мене што сум, јас ќе кажам дека сум космополит, затоа што навистина така се чувствувам. За мене никогаш не било важно дали Борјан е Македонец или Албанец. Ниту за моите родители. За нив беше важно јас да бидам среќна, да ме чува тој што сум го одбрала. Како функционира нашиот мешан брак можеби најдобро го покажува и фактот дека ги празнуваме сите празници, и Бајрам и Божик и Велигден. Тие се убав повод да се потсетиме на убавите обичаи, да ги споделиме со нашите деца, но воедно и да уживаме во семејната атмосфера.

ФОКУС Ви пречи ли кога ве набљудуваат под лупа токму поради овие причини?

АМЕРНИС Не се грижам за тоа. Воопшто не се оптоварувам за мислењето на другите. Мојот живот е само мој, па затоа никако не треба да се базира на туѓите муабети или мислења за мене. Не дека немало провокации. Но, немаат важност за нас.

ФОКУС Љубовта секако победува кога ја имате вистинската комбинација. Ова сигурно не е единствениот предизвик со кој се соочивте. По затворањето на А1 телевизија, вашиот сопруг се најде на т.н. листа „непосакувани“ новинари. Имаше ли некаков притисок за вас во поглед на вашата кариера тука во Македонија?

АМЕРНИС Имаше големо влијание, но сето тоа е минорно во однос на тоа дека Борјан остана на улица. Од двајца вработени, едниот остана без работа. За едно семејство тоа е многу тешко, понекогаш животот е многу суров, но за сѐ има причина зошто е тоа така. Од целата таа ситуација ние научивме многу работи, работи кои не би ги знаеле претходно. И деновиве сме под голем притисок. Често се случува да излезе во јавноста некаква лажна приказна со податоци во кои тој е обвинет. Ќе излажам доколку кажам дека тоа не ме погодува. Нашите деца Бора и Каја се сѐ уште мали за да разберат што е тоа што се пишува или се зборува на телевизија за нивниот татко. Но, големата ќерка на Борјан, таа е веќе во фаза во која разбира сѐ. Па, се случуваа  различни ситуации, имаше на пример момент во кој некои дечиња ѝ дофрлуваа, што секако не во ред. Јас ја сакам вистината бидејќи таа едноставно не се крие кога ги имате фактите. Еве, на пример, најсвежа невистина беше пласираната информација во медиумите дека Борјан е сопственик на „Томче Софка“. Не разбирам која е целта на овие шпекулации. Времето сигурно ќе открие дали тој е платеник или предавник, како што одредени медиуми сакаат да го претстават, притоа криејќи се зад тие кои професијата ја злоупотребуваат за да заработат.

ФОКУС Малку и за убавите времиња. Ви недостасува ли периодот кога бевте манекенка иако таа кариера никогаш и комплетно не ја завршивте? Се појавивте во улога на заштитно лице на еден македонски бренд и тоа за неговото преставување на пазарот надвор од Македонија.

АМЕРНИС Да, почетоците на мојата кариера како манекенка се навистина убави. Тоа беа други времиња. Токму благодарение на таа моја кариера можев да си дозволам да патувам надвор од Македонија. Заработувачката за мене беше супер џепарлак со кој можев да си дозволам некои работи кои ги посакував. Мојата кариера како манекенка запре во моментот кога се запишав на Факултетот за драмски уметности, едноставно поради тоа што не беше дозволено да имаш јавни настапи. А јас секако повеќе сонував да бидам актерка.

ФОКУС Сте учествувале и во различни кампањи, една од нив беше да се сопре насилството врз жената. Но, најголем впечаток кај јавноста предизвика една кампања во која учествувате, а поради која сите помислија дека боледувате од рак. Како се чувствувавте во тие мигови?

АМЕРНИС Да, се сеќавам дека имаше многу реакции. Многу луѓе ми пишуваа во тоа време. Некои ме поддржуваа, некои исплашено ме распрашуваа. Целиот мој изглед беше наменски креиран за една кампања во Приштина во која сите имавме одлична маска дека сме без коса. Ова беше кампања за поддршка на болните од рак.

ФОКУС Велат дека манекенките го усовршуваат убавото облекување. Вие често сте дел од листи на убаво облечените ликови во Македонија. Па, дали уживате во шопинг?  

АМЕРНИС Не толку, сакам да шопингувам случајно. Непланираниот шопинг ме радува ептен. Се случувало да сум надвор од Македонија некаде на шопинг, а да не купам ниту едно парче.

Се покажа дека успеавме со нашата пајажина со која ѝ овозможивме да биде уловена за да ужива непланирано во шопинг низ Скопје Сити мол.

Една од омилените продавници каде што ги пронајде чевлите за целото семејство беше „Тимберленд“.

Фото „Фокус“ 2014.

Поврзани новости