Американците имаат право да носат оружје надвор од дома, одлучи Врховниот суд

by fokus

Врховниот суд на Соединетите Американски Држави за прв пат јасно потврди дека Американците имаат право да носат оружје надвор од својот дом, во одлука што може да ги попречи напорите за борба против алармантниот пораст на вооруженото насилство.

Шест конзервативни судии надгласаа тројца прогресивни колеги и го поништија законот на државата Њујорк, донесен пред повеќе од 100 години, со кој се ограничува правото на носење оружје во таа сојузна држава.

Одлуката дојде во време кога жителите на САД беа шокирани од серија смртоносни напади, вклучително и на 24 мај во основно училиште во Тексас, во кои загинаа 19 ученици и двајца наставници, што ги натера републиканските сенатори да се согласат на скромни реформи.

„Длабоко сум разочаран“, рече демократскиот претседател Џозеф Бајден, изразувајќи жалење за одлуката, која „оди во спротивна насока“ и која „треба сите да не загрижи“.

Гувернерката на Њујорк, демократката Кети Хочул ја осуди одлуката, која е „срамна во време кога нацијата го освестува насилството со огнено оружје“.

Влијателноѕо лоби за огнено оружје (National Rifle Association, NRA), ја поздрави „големата победа“ и „пресвртницата“ која е „резултат на децениска борба“.

Во државата Њујорк, според законот од 1913 година, граѓаните кои сакаат да носат оружје мора да добијат дозвола од локалните власти и да докажат дека се принудени да се бранат поради работата што ја вршат или се закануваат.

Според одлуката на Врховниот суд веќе нема да мора да доставуваат такви докази.

Законот беше оспорен од двајца сопственици на оружје на кои властите во Њујорк не им дадоа дозвола, а им помогна и NRA, која силно се залага за доследна примена на вториот амандман на Уставот на САД.

Вториот амандман на Уставот на САД го штити правото на поседување и носење оружје.

Одлуката на Врховниот суд го потврдува правото на „носење огнено оружје надвор од домот“.

„Ништо во вториот амандман не укажува на разликата помеѓу дом и јавно место кога станува збор за носење оружје“, напиша конзервативниот судија Кларенс Томас.

Соединетите држави имаат највисока стапка на смртни случаи од огнено оружје меѓу богатите земји.

Имаше најмалку 239 масовни престрелки во САД оваа година, информираат од непрофитната истражувачка група „Gun Violence Archive“, која го дефинира масовното пукање како пукање во кое се погодени најмалку четири лица.

Во 2020 година, 45.222 Американци беа застрелани.

Скоро 400 милиони оружја биле во оптек меѓу американските цивили во 2017 година, што е 120 парчиеа на 100 луѓе, наведува групата „Small Arms Survey“.

Поврзани новости