Американски ТВ мрежи го прекинаа преносот во живо од говорот на Трамп, ширел дезинформации

by Fokus

Неколку американски ТВ мрежи синоќа го прекинаа преносот во живо во првото појавување во јавноста на американскиот претседател и кандидат на републиканците, Доналд Трамп од изборната вечер откако заклучија дека тој шири дезинформации.

Трамп во 17-минутно обраќање упати голем број неиздржани тврдења, инсистирајќи дека демократите користат „незаконски гласови“ за „да ни ги украдат изборите“.

Претседателот зборуваше додека пребројувањето на гласовите во сојузните државите покажа дека демократот Џо Бајден постојано се приближува до победата.

-Тука сме повторно во невообичаена позиција не само да го прекинуваме претседателот на САД туку и да го корегираме претседателот на САД, рече водителот на Ем-Ес-Ен-Би-Си, Брајан Вилијамс, бидејќи мрежата брзо го прекина своето известување во живо.

Ен-Би-Си и Еј-Би-Си Њуз исто така „се исклучија“ од преносот во живо на говорот на Трамп.

-Колку тажна вечер за САД да го слушнат својот претседател да го кажува тоа, за лажно да ги обвинува луѓето дека се обидуваат да ги украдат изборите, рече Џејк Тапер од Си-Ен-Ен.

Тој го опиша тоа како „лага по лага по лага за украдени избори“, без докази.

Поврзани новости